Отворено писмо до грчките интелектуалци

783

И по 2.300 години сѐ уште не знаеме кој е наследникот. Вие господине Ципрас тврдите дека само вие сте наследници на богатството на Александар, ние велиме дека ние сме потомците на Филип и на Александар. Аргументи лесно наоѓате и вие, но и кај нас на секој чекор наоѓаме артефакти од древна Македонија. Морам да признаам дека сум конфузен поради вашите ставови. Се обидувам да најдам оправдување за вас, повторно го читам Плутарх (грчки писател и филозоф, римски граѓанин, 46-120 од н.е. многу пред денешниве пропаганди). Подробно пишувал и за Филип Втори Македонски, и за Александар Македонски. Откако Александар го скротил Букефал, Филип Втори Македонски му рекол: синко ќе треба да си најдеш ново царство, Македонија е мала за тебе; или за облекувањето на Александар: Александар со своите варвари се облекуваше како нив, селски, а кога беше на официјални настани се облекуваше модерно, персиски, неговите варвари беа тажни поради тоа… Плутарх исто вели, Александар зборуваше грчки со своите генерали, но кога ќе се налутеше или кога зборуваше со својата гарда зборуваше на посебен јазик што никој не го разбираше.

Сега, зошто сум јас конфузен. Како дете во школо ме учеа дека грчката цивилизација е многу стара. Зошто сега вие го негирате тоа. Не постоела ли грчка цивилизација и грчки држави пред Александар?. Ако постоеле, зошто Филип Втори е македонски а не грчки, Зошто Александар е македонски. Аха сфатив, постоеле грчки држави ама сега само вие сте наследници на Александар. А зошто ли војувал Александар со грчките држави. Да ги обедини, јасно е?… Зошто? Уште 2.300 години можеме да прашуваме и да се надмудруваме. Ќе наоѓаме аргументи и артефакти и вие и ние. Но ние и вие и по Александар сме живееле заедно. Многу векови заедно со Римјаните, па со Византијците, па неколку века заедно со Турците. Што сме ви згрешиле господине Ципрас. Откако јас паметам никогаш лош збор не се кажало за Грците, деведесеттите сменивме устав и знаме за да не бидете незадоволни и уплашени од нас. Сите поголеми компании во Македонија ви ги дадовме/продадовме вам. Македонците за друго море не знаат, и признаваат само ако се на одмор или за викенд во Грција. Ни едно непријателство од наша страна кон вас. Ние вас со леб, вие нас со камен. Не само што се противите на нашиот влез во ЕУ, вие поставувате безброј непристојни предлози. Поголемиот дел Македонци веќе поради тоа ЕУ ја доживуваат како агресор и де факто окупатор. Вас господине Ципрас ве доживува како непријател што сака да ја уништи првин нацијата па државата. Тоа ли се вашите желби, или само ќе направите услуга на некој друг. Велите, се плашиме од нашиот национализам и иредентизам.

Ние повторно сме конфузни, како ние 2 милиони, во една сиромашна земја ќе ја загрозиме богатата Грција заедно со ЕУ и со НАТО. Се чини дека вие всушност не сакате да ги снема македонскиот иредентизам и национализам. Затоа ли не давате да влеземе во Нато и во ЕУ. Пак сум конфузен. Вие нели сте во ЕУ и во НАТО, и нели сте лојални кон нив. Ако е интерес на НАТО да се прошири зошто вие се противите на тоа.

Поради стравот од нас или, пак, не сте му баш толку лојални на НАТО. Господине Ципрас, на Балканот му е потребен лидер. Ако Балканот е обединет и ние, но и вие ќе имаме големи благодати. Јас и поголемиот број Македонци во вас гледаме/гледавме етаблирана држава во ЕУ и во НАТО, и многу очекувавме да ни подадете рака, нам, но и на другите комшии. Што правите вие. Од позиција на посилен поставувате услови, диктирате. Еве да успеете, да ни смените име, следниот чекор ќе биде да ни ги уништите нацијата и државата. Ќе ве направи ли тоа среќни. Со што ли тогаш ќе одите на избори. Нема да има виновник, како досега и кај нас и кај вас. Оправдувањето за неуспехот во политиката на сите македонски влади досега се „лошите Грци“. Да не беа Грците, ние досега ќе имавме најбрз економски раст во Европа, судовите ќе беа независни, ќе имавме многу независни телевизии и медиуми, ама ете мора да се живее со таа несреќа. Претпоставувам дека и во Грција е исто, да не беше „македонскиот иредентизам“, Грција немаше да биде во долгови, добро оправдување за сопствените неуспеси. Господине Ципрас, историјата нѐ учи дека држава се победува, освојува, разрушува, но народ не се искоренува. Ние сме ваши пријатели, не помагајте им на нашите непријатели, кои веќе се со ножиците в раце и ја делат нашата држава.

Обидувајќи се да ги разберам вашите аргументи, ја читам вашата историја. И вие како и ние во последниве 100 години не сте имале мир. Балкански војни, па Прва светска војна, па Втора светска војна, па Граѓанската војна во Грција. Брат против брат, жестоко, крваво, ѕверски. Помислете дека вашата упорност да ја негирате македонската нација кај нас многу лесно може да предизвика граѓанска војна. Слична или полоша отколку вашата. Вие најдобро знаете како е кога поради нечии други големи геостратегиски мотиви ќе настане хаос во државата, и кога во името на народот и општото добро продадените души ќе убиваат и затвораат. Па воената диктатура во Грција. Па распаѓањето на Југославија. Војните во Словенија, Хрватска и најкрвавата во Босна. Па војната на НАТО со Србија. Па војната 2001 година во Македонија. Што е следно. Треба ли и следните 100 години да бидат исто вакви. Можете ли господине Ципрас, вие како голема држава на Балканот да се наметнете како лидер. Ако имавме лидер на Балканот, ако балканските држави беа заедно, лидерот на пример ќе побараше барем една четвртина од репарациите од Првата светска војна да влезат во регионов. Да, да, неколку илјади тони злато ќе влезеа во регионов. Господине Ципрас една третина од цивилното население од вашето соседство од сегашната држава, која не ја признавате, беа убиени. Од војниците не знам, но најголемиот број од нив беа Македонци под бугарски или српски команди. Господине Ципрас, мечот е кај вас, вие можете да го пресечете Гордиевиот јазол.

Оставете да се викаме како што се чувствуваме и како што сме се самоопределиле низ вековите, илузорно е да се докажува од кога се чувствуваме како Македонци. Ние сме ваши први соседи, досега секогаш пријатели, не пробувајте да нѐ уништите. Стара македонска поговорка вели „ако мечката игра во комшии ќе заигра и кај вас“. Помогнете целиов регион што поскоро да се интегрира, така ќе си олесните и самите. Нема само вие да бидете на удар на геостратегиските амбиции, кои лесно и кај нас, но и кај вас можат да најдат свои поданици, и ние сите заедно и во следните 100 години да го одврзуваме Гордиевиот јазол.

(Проф д-р Вело Марковски, лекар специјалист инфектолог)