Осуда и казна за провокаторите

484

По минатонеделните насилни инциденти во Тетово, предизвикани од меѓусебните провокации на навивачките групи „Балисти“ и „Војводи“, во текот на претходниот викенд, главната вест од боксерската манифестација „Златен гонг“, што се одржа во Скопје, не беа спортските победници, туку провокациите од политичка природа на спортистите боксери

Создавањето и развивањето на витешките квалитети, се чини дека за некого одамна не се приоритет во спортот. Веќе не е ниту културолошки некоректно да се признае дека мотивацијата за некој да се занимава со спорт се можностите за брза и голема заработувачка, стекнување слава, а со тоа, како „нусефект“, и некои други општествени привилегии… Прифаќајќи ги сите овие „понуди“ на професионалниот материјализам како легитимна мотивација во спортот, витешките вештини и доблести најчесто остануваат заборавени (или не се ни споменуваат), а спортот истовремено станува згоден параван за маскирање и „протнување“ на различни, „креативни“ девијации на општествата. Во спортските анали постојат повеќе неславни историски факти, кога инцидентите на спортските борилишта, биле најава, па дури и вовед за поголеми историско-политички катастрофи. Може да се каже дека сѐ уште е свежа колективната меморија во регионот на поранешна Југославија на неодиграниот фудбалски меч меѓу ФК Динамо и ФК Црвена звезда, во 1990 година, поради инцидентите на навивачите, за кој многумина сметаат дека претставува иницијална каписла за распадот на СФРЈ. Постојат и други примери кога инцидентите на спортските арени се прелеале во подрастични општествени размери, но овој случај речиси секогаш претставува предупредување за сите на балканските простори, за разорното влијание на мрачните политички агенди во спортот.

Би било премногу наивно да се верува дека високата политичка наелектризираност во македонското општеството со актуелните процеси на имплементација на договорот со Грција во државниот устав, што накратко се нарекува „менување на името на државата“, нема да се манифестира на некоја „отворена сцена“ во живеењето на обичните граѓани на Македонија. И навистина, не помина долго време по референдумот на 30 септември, (за кој во „Службен весник на Р Македонија“ е забележано дека „не е донесена одлука по референдумското прашање“, а веќе започна една низа на провокации по тенката жица на етничкиот соживот, за кои како простор за нивна манифестација се искористени спортски настани. По минатонеделните насилни инциденти во Тетово, предизвикани од меѓусебните провокации на навивачките групи „Балисти“ и „Војводи“, во текот на претходниот викенд, главната вест од боксерската манифестација „Златен гонг“, што се одржа во Скопје, не беа спортските победници, туку провокациите од политичка природа на спортистите боксери.

Би било премногу наивно да се верува дека високата политичка наелектризираност во македонското општеството со актуелните процеси на имплементација на договорот со Грција во државниот устав, што накратко се нарекува „менување на името на државата“, нема да се манифестира на некоја „отворена сцена“ во живеењето на обичните граѓани на Македонија

Традиционалниот (интернационален) боксерски турнир „Златен гонг“, кој оваа година се случи по 48-ми пат, а се одржува во чест на ослободувањето на Скопје, се чини дека во последнава деценија не е (спонзорски) атрактивен за некоја од македонските телевизии да врши пренос, што порано беше практика, но во време кога тековното информирање се случува преку социјалните мрежи, ништо не може да остане тајно. Навистина, многу е логична помислата дека и оние боксери, македонски репрезентативци од албанско етничко потекло, кои не станале при интонирањето на македонската химна, не го сториле тоа за да не дознае јавноста, туку за да го манифестираат своето непочитување кон државата што ги избрала за свои претставници. Но провокацијата кон организаторот, земјата-домаќин, истата таа што им дала шанса за меѓународна спортска афирмација на боксерите како на нејзини државјани, не завршила со непочитувањето на македонската химна на свеченото отворање на турнирот. По завршувањето на финална борба во категоријата до 64 килограми, во која славел Диели Враноци од Косово, македонскиот репрезентативец Алим Насуфи му честитал на противникот, подавајќи му рака за заедно да „летаат орли“. Гестот со вкрсувањето на дланките, на начин што би асоцирал на орелските крилја како албански национален симбол, се чини дека е тренд што се поттикнува од „непознат политички фактор“ кај спортистите од албанска националност, за која земја и да настапуваат. Дури и на Светското првенство во фудбал, кое се одржа оваа година, репрезентативците на Швајцарија, од албанско етничко потекло беа казнети од ФИФА, токму поради мануелната импровизација на „летањето орли“.

Турнирот „Златен гонг“ се одржа во Скопје, во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“, а организатори беа Боксерската федерација на Македонија, под покровителство на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, а како коорганизатори се јавуваат градоначалникот и Советот на градот Скопје, како и Сојузот на спортските федерации на Македонија, но досега ниту една од овие организации не се јави со реакција за однесувањето на македонските репрезентативци од албанска националност во текот на одржувањето на оваа спортска манифестација.

Што се однесува до политичкиот амбиент во Македонија, на сите им се познати политичките позиции и ставови на малцинските етнички заедници, особено од албанскиот блок партии. Странските „ментори“ постојано инсистираат на сензитивност и почитување на националните чувства и човековите права на секој припадник на секоја етничка заедница. Општата култура и доброто воспитување, пак, налагаат да се искаже почит кон оној што ти дава можност лично да се афирмираш, да заработуваш и притоа и да го претставуваш. Секое поинакво однесување, кое ги навредува чувствата на другите граѓани од земјата што ја претставуваш, претставува непочитување и провокација, и никако не придонесува за меѓусебната доверба и соживот.

Непочитувањето на државната химни, од кого било, не се толерира во ниту една земја во светот и Македонија не може да биде исклучок. Јавноста и граѓаните очекуваат брзи и конкретни мерки за во иднина да не се повторат вакви немили настани.