Осминафинале за уживање со многу неизвесни дуели

365

Атлетико – Јувентус е дербито на оваа фаза на Лигата на шампионите, а од поинтересните се и дуелот на актуелниот првак Реал со Ајакс, на вицешампионот Ливерпул со Баерн, потоа ПСЖ ќе игра со Манчестер јунајтед, „офанзивниот двомеч“ е Тотенхем – Борусија итн.

Во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе нема реприза на ланското финале, но вчерашната ждрепка во Нион, Швајцарија донесе неколку интересни дуели. Пред сѐ, оној помеѓу освојувачот на Лига Европа (ЛЕ), Атлетико и Јувентус, еден од главните фаворити за освојување на титулата сезонава. Сигурно е дека ниту еден од двата тима не посакуваше таков ривал, но ако се сака трофејот, мора да се победува докрај.
– Го добивме најсилниот тим меѓу осумте второпласирани во групите. Немавме среќа, но мислам дека имаме добар тим и оти ќе се квалификуваме во следната рунда. Кристијано Роналдо е човек на Лигата на шампионите, но освен него имаме и други одлични играчи. Ќе биде тешко, Атлетико има силен, добро избалансиран тим и очекувам тврд меч, со малку голови – беше првата реакција на директорот на „старата дама“, Чехот Павел Недвед.

Актуелниот шампион Реал за противник го доби Ајакс кого го победи на последните шест натпревари, постигнувајќи 20, а примајќи само четири гола. Во групната фаза натпревари, во сезоната 2012/2013, Реал забележа две победи со идентични 4-1. Но, есенва Реал не е ниту сенка на тимот од лани. Играта и резултатите се просечни, недостигаат головите на Роналдо, во меѓувреме отказ доби и тренерот Хулен Лопетеги, а неговиот наследник, Сантијано Сколари уште се обидува да ги поврзе конците. Сево ова, како и добрата форма, кажува дека Ајакс не е без шанси против „кралевите“.

Вицепрвакот Ливерпул ќе се сретне со Баерн против кого го врзуваат убави спомени. Прво елиминацијата на Баварците во полуфиналето на тогашниот КЕШ во сезоната 1980/81 (0-0 и 1-1) по што ја освои третата шампионска титула. Потоа следуваше и победата во Суперкупот на УЕФА 2001 година во Монако (3-2). Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, ќе има шанса да му се реваншира на Баерн за поразот во финалето на ЛШ во 2013-та, кога беше на клупата на Борусија Дортмунд (1-2 на „Вембли“).

Клоп, меѓу другите, за противници ќе ги има поранешните „пулени“ од Дортмунд, Роберт Левандовски и Матс Хумелс, кои беа меѓу главните играчи во неговиот тим што освои две бундеслигашки титули, во 2011 и 2012-та. Шансите на двата тима во најмала рака се 50-50, ќе решаваат нијанси, па и спортска среќа.

Барселона, на која ѝ се даваат големи шанси повторно да стане европски првак, доби релативно лесен противник, Лион. Други двојки се ПСЖ – Манчестер јунајтед, Манчестер сити – Шалке, како и дуелот на Тотенхем со Борусија, кои играат офанзивен и атрактивен фудбал, и за очекување дека тој двомеч ќе биде еден од најинтересните и најнеизвесните, како и дуелот Рома – Порто.


Ждрепката не ги спои македонските интернационалци во ЛЕ

Спортинг Лисабон, тимот на бекот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, доби тежок противник во шпанскиот Вилјареал, во шеснаесеттина-финалната рунда во Лига Европа (ЛЕ). Арсенал, во чии редови е младиот македонски интернационалец, голманот Дејан Илиев ќе се сретне со белорускиот БАТЕ Борисов. Динамо З. на Аријан Адеми ќе игра против чешкиот Плзен, кој есенва се натпреваруваше во Лигата на шампионите. Фенербахче на уште еден македонски интернационалец, Елиф Елмас, за да се пласира во осминафиналето ќе треба да го елиминира рускиот Зенит.
Двојки: Спортинг – Вилјареал, БАТЕ – Арсенал, Плзен – Динамо З., Фенербахче – Зенит, Лацио – Севилја, Галатасарај – Бенфика, Бриж – Салцбург, Рапид – Интер, Славија П. – Генк, Краснодар – Баер Л., Цирих – Наполи, Малме – Челси, Шахтар – Ајнтрахт Ф., Селтик – Валенсија, Рен – Бетис, Олимпијакос – Динамо К. Натпреварите ќе се играат на 12/14 и на 20/21 февруари 2019 година. Л.Д.


ОСМИНАФИНАЛЕ, ЛШ
Шалке – Манчестер сити
Атлетико – Јувентус
Манчестер јунајтед – ПСЖ
Тотенхем – Борусија Д.
Лион – Барселона
Рома – Порто
Ајакс – Реал Мадрид
Ливерпул – Баерн
Првите натпревари се играат на 12/13 и 19/20 февруари, а реваншите се на 5/6 и на 12/13 март 2019 година