Општините ќе мора да имаат инспектори за домување

589
Фото: Дарко Андоновски

Законот за домување не профункционира така како што беше замислено, па и натаму станарите во станбените згради се судираат со низа проблеми во заедничкото живеење. Покрај оние околу заедничките простории и инсталации, станарите се соочуваат со проблеми при изборот на нов управител, со предавањето на документацијата од стариот на новиот, потоа со добивањето месечни извештаи за што им се трошат парите и уште многу други, поради што постојниот Закон за домување треба да претрпи измени. Од Регулаторната комисија (РК) за домување велат дека веќе ги подготвуваат измените заедно со Министерството за транспорт и врски. Некои од нив треба да бидат во делот на потпишувањето и раскинувањето на договорите со управителите, ангажирањето инспектори за домување во општините, во надзорот над нив, да профункционира и Законот за техничка инспекција на лифтовите, како и задолжително отворање експозитури од страна на управителите во градовите каде што решиле да даваат услуги.

Од РК за домување велат ако на почетокот од нивното постоење од 2010 година имале 500 до 600 претставки од станари на годишно ниво, сега можат да кажат дека станарите се поинформирани, па оттаму евиденцијата покажала дека за едно шестмесечје добиле само 200 поплаки. Но 40 отсто од зградите во државава не се организирани во заедници на станари или, пак, немаат управители. Најчест проблем со кој се судираат е изборот на нов управител и примопредавањето на документацијата од стариот на новиот, а изборот е законски ако со тоа се согласат 51 отсто од станарите.

Со носењето на првичниот Закон за домување станарите мораа до 2012 година да си регистрираат во Централниот регистар, Заедници на станари или, пак, да си ангажираат управители. Некои граѓани тогаш се пожалија пред Уставниот суд и тој ги ослободи од предвидените рокови и се остави на самите станари да се самоорганизираат. Ако не можеа самите да направат избор, тогаш поднесуваа барање судот да овласти управител. Законот наложуваше инспекторите за домување да излегуваат на терен и ако утврдат дека некоја станбена зграда нема заедница на станари или нема назначено управител, тогаш беа должни да го пријават тоа на судот.

– Работиме на измени на Законот за домување заедно со Министерството за транспорт и врски и се надеваме дека ќе создадеме многу подобра верзија за да ги избегнеме сите пропусти и недоследности што се појавија. Ако доносителот на законот ги усвои нашите предлози ние да го имаме надзорот врз општинските инспектори за домување, кои најголем дел од општините и ги немаат, некои работи ќе се променат. Законските измени треба да бидат и во делот на истекувањето на договорите на управителите. Управител се избира со 51 отсто потписи од станарите, а сега имаме случаи каде што во една зграда има двајца управители, кои биле избрани со 50-50 отсто потпишани станари. Ние им укажуваме на станарите дека треба да има еден и како да постапат кога договорот на првоангажираниот управител му истекува – вели Ракип Маловски, претседател на РК комисија за домување.

Маловски објасни дека обврската што требаше да ја имаат инспекторите за домување, општините им ја наметнаа на комуналните инспектори. Тие, пак, поради наметнатите двојни обврски слабо дејствуваа, а немаа и надзор во она што го сработиле. Поради сево ова‚ уште има станбени згради што функционираат со куќни совети, кои немаат резервен фонд за намирување на заедничките плаќања. Тоа често е причина станарите да немаат пари за поправка на лифт или на некој дефект. Тоа е проблем и за плаќањето на потрошената електрична енергија на потстаницата, поради што станарите остануваат без греење. РК за домување има доделено 67 лиценци за управители, а над 40 илјади згради имаат ангажирано управители.