Општества во криза раѓаат насилни деца

1606

Реакциите од последното соочување на македонското општество со најординарната форма на врсничко насилство – две девојчиња, деветоодделенки во училиште во Неготино, брутално тепаат трето девојче, додека нивните соученици гледаат, навиваат и снимаат – не стивнуваат, иако од објавувањето на снимките на Јутјуб се поминати и повеќе од три дена, колку што обично сме навикнати да трае секое „чудо“

Не постои универзална дефиниција за врсничкото насилство, меѓутоа има поширока усогласеност дека меѓусебното малтретирање меѓу врсниците, главно од основно училишна, па и средношколска возраст, е поткатегорија на агресивно однесување, кое се карактеризира со следниве три минимални критериуми: непријателска намера, нерамнотежа на моќта и повторување во одреден период. На тој начин, силеџиството може да се дефинира како активност на повторено, агресивно однесување наменето да повреди друг поединец, физички, ментално или емоционално. Врсничкото насилство меѓу малолетниците, како тема за научна опсервација, обично не го вознемирува многу општеството, сѐ додека будењето не биде предизвикано со конкретно и јасно видливо случување.

Реакциите од последното соочување на македонското општество со најординарната форма на врсничко насилство – две девојчиња, деветтоодделенки во училиште во Неготино, брутално тепаат трето девојче, додека нивните соученици гледаат, навиваат и снимаат – не стивнуваат, иако од објавувањето на снимките на Јутјуб се поминати и повеќе од три дена, колку што обично сме навикнати да трае секое „чудо“. – За жал, вакви случаи на тепачки меѓу деца во училиште не се ништо ново, ниту невообичаена појава. Секогаш имало тепачки, но сега бидејќи е објавено на Јутјуб и има сведоштво, таквата појава доби на јавност и е алармирано јавното мислење.

Новата дигитална технологија создава амбиент во кој се буди општествената свест дека треба да се преземе нешто. Благодарение на социјалните мрежи, нешто што се третираше како изолирана ситуација во детскиот свет, се издигна на ниво на државен проблем – вели претседателката на Комората на психолози на Македонија, Мирјана Стојановска-Јовановска. Освен тоа што констатира дека физичкото врсничкото насилство не е искоренета, ниту невообичаена појава во современиот воспитно-образовен систем во Македонија, Стојановска-Јовановска корените на ваквото неснаоѓање на македонското општество со малолетничкото насилство ги гледа во запоставената грижа за менталното здравје.

– Македонското општество сѐ уште е во транзиција и ние сме постојано во некоја криза: политичка, економска, социјална, морална, етичка, а вредносните системи во сите овие категории никако да се воспостават. Таа постојана криза неизбежно се одразува на менталното здравје, за кое многу малку, речиси воопшто не се води грижа. Навистина, имаме Закон за заштита на менталното здравје, но тоа главно се однесува на случаи за хоспитализирани лица со нарушено ментално здравје. Но како грижа и превенција за заштита на менталното здравје речиси ништо не се презема. Во новите закони за образование, кои се во собраниска процедура, нема ниту еден збор за грижата за менталното здравје. На наше инсистирање, како Комора на психолози на Македонија, во новите закони е додадена „грижата за емоционалниот развој на учениците“, но тоа не ги покрива сите аспекти на грижата за менталното здравје.

А училиштето е најсоодветната институција каде што треба да се работи на превенцијата на менталното здравје кај децата, кои треба да се изградат како емоционално здрави личности. Но, според законот, за емоционалниот развој на учениците одговорност имаат или педагог или психолог, што е многу непрецизна систематизација. Тоа би можело да се спореди со ситуација ако имате проблем со електриката во домот, а законот ви препорачува да можат да интервенираат или електричар или водоводџија – сликовито го објаснува проблемот Стојановска-Јовановска. Како психолог, таа смета дека за превенција на менталното здравје во училиштата е потребно да работат тимови од психолози, педагози, па и социјални работници.

– Една од задачите на превенцијата на менталното здравје е да се научат децата како да ги најдат и препознаат емоциите кај себе, а со тоа и кај своите врсници. Потребно е да се посвети внимание на развојот на емоционалната интелигенција и да се насочуваат во односите со врсниците, но и со другите луѓе во нивното опкружување да се однесуваат со повеќе емпатичност.

Агресивното однесување кај децата многу често е поттикнато и од филмовите, видеоигрите, па и од примери од социјалните мрежи. Професионалната грижа за емоционалното и менталното здравје ќе им помогне на младите да направат разлика, т.е. да воспостават граница меѓу фантазијата и реалниот свет – смета Стојановска-Јовановска. Покрај проблематичноста на случајот со директното физичко врсничко насилство во основното училиште во Неготино, речиси еднакво голем проблем претставува однесувањето на „публиката“ од другите врсници, кои навивачки ја следат тепачката, некои и снимаат, а потоа снимката ја објавуваат на Јутјуб.

– Таквото однесување на т.н. „публика“ на некој начин е одлика на нашиот национален менталитет, односно одраз на однесувањето на возрасните во нашите средини. Таму најмногу се гледа недостигот од емпатичност во воспитувањето и однесувањето на децата, што алармира дека треба да се преземе нешто повеќе за грижата за емоционалното и менталното здравје – заклучува Стојановска-Јовановска. Случајот со врсничко насилство во Неготино го предизвика на реакција и Здружението на социјални работници на Македонија, кое изрази загриженост и го повика Министерството за образование и наука во стручните тимови во училиштата да вклучи и социјални работници.

– Примерот со учениците од ова училиште само го вклучува алармот што сакаме да го упатиме до Министерство за образование и наука за вработување на социјални работници во стручните служби на училиштата. Притоа апелираме на воведување итни програми за спречување врсничко насилство во училиштата и активно вклучување на социјалните работници како фактор за откривање и поддршка на децата кои се жртви на насилството – се вели во соопштението на Здружението на социјални работници на Македонија.


МОН: Училиштата ќе спроведуваат програми за превенција

– Државниот просветен инспекторат направи увид во училиштето во Неготино за да утврди дали училиштето правилно постапило во насока на одредување конкретни педагошки мерки упатени кон учениците, но и кон нивните родители. Од ДПИ нѐ информираа дека училиштето постапило и дека ги повикало родителите и учениците на советување во стручните служби во училиштето. Појавата на насилство во училиштата е загрижувачка, и токму затоа во новиот закон за основното образование се преземаат конкретни активности и обврски. Училиштата ќе спроведуваат програми за превенција на насилство, спречување дискриминација и други облици на девијантно однесување – велат од Министерството за образование и наука на РМ.