Опрема за лов со лак и стрела

223

Лицето, главата и рацете кај ловџијата со лак и стрела задолжително се покриени, а причините за тоа не се само визуелни туку има и други, како што е на пример мирисот

Ловот со лак и стрела бара многу повеќе соодветна опрема отколку класичниот лов, од причина што ловџијата со лак и стрела се наоѓа во непосредна близина на дивечот. Познато е дека дивите животни имаат многу поразвиени сетила од човекот, што значи дека ловџиите секогаш се помалку рамноправни во таа ситуација.

Токму затоа и ловечката опрема е доведена до совршенство. Така, на пример, денес се користи исклучиво камуфлирана облека, која ја имитира шумата, а тука е и т.н. 3Д-опрема, која го засилува тој впечаток. Лицето, главата и рацете кај ловџијата задолжително се покриени. Причините за ова не се само визуелни туку има и други, како што е на пример мирисот. Човековиот мирис веќе на 20 метри го алармира дивечот, кој притоа реагира многу исплашено.

Денес се произведува и платнена опрема, која содржи активен јаглен, кој, пак, е познат по својата неутрализација на разните хемикалии и мириси. Чизмите треба да имаат гумен дел на долниот дел од стапалата, а над глуждот некои од материјалите што „дишат“. Причината за ова е фактот што кожата остава мирис во тревата за разлика од гумата, па патеката по која минува ловџијата е помалку „загадена“ со непознат мирис.

Другиот дел од опремата се лакот и стрелите. Денешните лакови за лов главно се сложени и тие се користат во 93 отсто случаи. Алуминиумскиот и карбонски материјал од кој се направени, како и нивната прецизност во изработката, ги прават денешните лакови неверојатно силни, издржливи и прецизни оружја. Данеска стрелите на ловечкиот лак достигнуваат брзина над 300 км на час, или околу 100 метри во секунда. Со таква опрема дури е можен и лов на слонови во Африка. Лаковите покрај тетивата имаат и кабли, кои вршат синхронизација на крајните ексцентрични делови, кои, пак, се движечката сила на лакот. Тие се опремени и со мноштво гумени апсорбери, за исфрлувањето на стрелата да биде што потивко, а дивечот да не побегне далеку по успешниот погодок.

Што се однесува до стрелите, тие некогаш биле направени од издржлив алуминиум, но денес се речиси исклучиво од карбонат, поради цврстината. Со нив без проблем може да се испука во бетонски ѕид, без никакви или многу мали оштетувања на стрелите. Тежината на стрелата се движи околу 25 грама. На крајот од стрелата има по три перца или пластични крилца. Денес се произведуваат крилца што ја ротираат стрелата и до 1.400 пати во минута, што, пак, ѝ дава дополнителна стабилност во летот.


Корисни совети при риболовот

Рибарот во овој есенско-зимски период треба да го задржи континуитетот на излегувања во лов, за да биде во тек со сите промени на рибната популација

Рибарските позиции и тактики се менуваат како што се менува и уловениот плен, кој некогаш може да биде богат, а некогаш рибата воопшто да не ја вкуси понудената мамка. Но рибарите, ако сакаат успех, мора да се придржуваат кон одредени корисни совети.
А, едно од основните е дека рибарот треба внимателно да ги следи временските услови, оти нивното влијание врз однесувањето на рибите во есен и во зима е многу поизразено отколку напролет и налето, иако ни тогаш не е за потценување. Силниот ветер и здодевниот и студен дожд ќе придонесат рибата да се повлече што подлабоко во водата и многу послабо да ја голта мамката на јадицата. Но бидејќи водата се лади многу побавно од воздухот, кратките затишја и сончевите денови повторно ќе ја извлечат рибата на површинскиот слој од водата. Ова е особено изразено во плитките води, додека во подлабоките ваквите временски промени помалку се чувствуваат, но далеку од тоа дека се и незабележани.
Понатаму, значајно е рибарот во овој есенско-зимски период да го задржи континуитетот на излегувања во лов, за да биде во тек со сите промени, оти однесувањето на рибната популација, и покрај сите правила, сепак до некаде се разликува од сезона до сезона, па многу искуства од поранешните години не е можно да се пресликаат. Сепак, една работа не се менува, а тоа е доколку рибарот не мора да се трка со колегите што пикираат на исто место како и него, тогаш и не треба да оди до водата порано. Ќе биде подобро за него ако стигне кога сонцето ќе почне да се движи по хоризонтот.
И на крајот, ако денот е сончев и без ветер, а водата не е премногу ладна, потребно е да се заземе позиција на некое плитко место (до 1,5 м), но на сончевата страна и по можност со релативно рамно дно. На деловите со многу богата вегетација, рибарот може да постигне многу богат улов.