Оперски уметници од Австрија ќе гостуваат во МОБ

914
Лами Цунаки и Ќазим Асотиќ

Ќазим Асотиќ, в.д. директор на Македонска опера и балет, деновиве престојуваше во работна посета во Виена, Австрија. Во текот на неговиот престој оствари средба со директорот на Државната опера во Виена, Доминик Мајер, како и со заменик-директорот Марио Штелер и со шеф-директорот на хорот, Елиза Маријан-Зурман. Потврдено е нивното гостување во октомври оваа година и отворање на новата сезона на МОБ.

– Покрај меѓусебната соработка помеѓу двете оперски куќи, договорено е нивниот вокален тренер да доаѓа во Македонија еднаш месечно по 5-7 дена и да работи со нашите солисти и да ги подготвува за тековниот репертоар како и за новите продукции што следуваат во Македонската опера и балет. На 27 и 28 мај во договорена е посета на Марио Штелер, кој наедно има агенција за посредување на солисти низ светот, кој доаѓа со директорот на берлинската опера со кој ќе направат аудиција на нашите оперски солисти, за нивно понатамошно ангажирање низ европските оперски центри – велат од МОБ. На 28 мај ќе има аудиција за помладите пејачи како и талентираните студенти со што им се дава шанса да ги покажат своите квалитети и да им се даде можност да настапат на некои од оперски сцени низ Европа.

– Од големо значење за нашите солисти е што на секои 3 месеца ќе доаѓа познатиот сопран Красимира Стојанова, солистка на виенската опера, која моментално настапува во Метрополитен, за да одржува мастер-клас – најавуваат од МОБ. За време на работната посета во Виена, директорот на МОБ оствари средба и со влијателниот Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник и голем пријател на оперската уметност, пријател со сите светски оперски ѕвезди на денешницата како и со најактуелните светски политичари. На 10 мај во фоајето на МОБ ќе се одржи промоција на неговата најнова книга, а промотор ќе биде светски познатиот режисер, Ренато Занели.