Опасно е да се идеализира промената на режимот

449
Нема ништо либерално во поттикнувањето граѓански војни, кои се многу поверојатни во земји во кои има тајни обиди за промена на режимот, вели Лабер

Многумина се обидуваат да ја претстават идејата за промена на режими во држави, со кои САД имаат спротивставени интереси, како неконтроверзна. Линдзи О’Рурк од Бостонскиот колеџ во својата најнова книга „Тајна промена на режимот: тајната студена војна на Америка“ покажува зошто тоа е погрешно

Џерод Лабер

Бил Кристол, поранешниот уредник во „Викли стандард“, ја разбранува јавноста лани во ноември кога на Твитер објави дека промената на режимот во Кина треба да биде важна цел во американската надворешна политика во наредните децении. Ваквата провокативна изјава привлече огромно внимание на Интернет, со тоа што веднаш почнаа дискусии, како на Твитер така и на други платформи, во кои сите го споделуваа своето мислење. Забележувајќи ја реакцијата, Кристол детално елаборира и разјасни што мислеше со долгиот твит.

– Случајот на промената на режимот не треба да биде контроверзен. САД генерално отсекогаш го поддржувале ставот дека сите народи во светот заслужуваат слобода. Американците ретко користат и треба ретко да користат воена сила. Навистина сметам дека отвореното прифаќање на слободата како цел и релативно искрената дебата за употреба на средствата, ќе им биде од корист на САД – нагласи тој.

Секаква дебата околу релативните добри и лоши страни на промената на режимот како легитимно средство на надворешната политика би требало да почне со новата книга на Линдзи О’Рурк насловена „Тајна промена на режимот: тајната студена војна на Америка“. О’Рурк е доцент-докторка по политички науки на колеџот „Бостон“, а нејзината книга е одличен почеток за дебатата што Кристол ја почна во неговиот манифест на Интернет. О’Рурк истовремено развива теорија за промената на режимот и внимателно ги наведува деталите за американската историја на тајни напори за режимска промена во текот на Студената војна. Нејзините откритија ги уништуваат верувањата дека режимската промена на ентузијастите треба да се смета за „неконтроверзна“ идеја. О’Рурк дава одговор на две основни прашања за тајната режимска промена: зошто државата треба да ја почне, како што САД направија 64 пати меѓу 1947-89 година, и колку истата таа е ефикасна во постигнувањето на поставените цели.

Експертите и истражувачите понудија многу спротивставени теории низ годините за причините на САД да преземат тајни акции за да соборат нечиј режим, но тие се помалку интересни за О’Рурк, ако се земе предвид претходното искуство со тајни операции на Америка.

О’Рурк има едноставна логика за режимската промена. Таа вели дека „државата истовремено почнува јавни и тајни режимски промени за да ја зголеми нејзината безбедност и безбедноста на нејзините сојузници“. Но ова е само една страна од проблемот.

Постојат најразлични операции што државата ги презема кога ќе наиде на спор со друга држава, како што се директна војна или санкции меѓу другите опции. Сепак, режимската промена предизвикува посебно внимание во кое таа „нуди можности за менување на најважните приоритети на странската влада“. За државите да го задржат постојаното влијание врз туѓите внатрешни работи, како што многумина обично прават, трајно решение претставува едноставното поставување влада што ги дели нејзините интереси.

Повеќето меѓудржавни несогласувања не завршуваат само со режимска промена. О’Рурк открива два суштински, но не секогаш доволни услови кога политичарите размислуваат за соборување на актуелно избраната влада. Првиот е дека спорот „мора да се заснова на перцепцијата за постојани, непремостливи разлики во интересите на националната безбедност“. Најчестите причини за режимска промена вклучуваат оној што интервенира да бара нешто што ќе ја загрози власта на владејачката партија. Ова може да ги натера политичарите во државата во која се интервенира да веруваат дека „режимската промена е единствениот начин за двете земји да го решат проблемот во односите“. Вториот услов е дека државата во која се интервенира мора да има капацитет да открие веродостојна алтернатива на владата што треба да се собори.

Иран е една од државите за која од САД често се слушаат повици за промена на режимот

Исто така може да се избира меѓу тајна и јавна акција. За време на Студената војна, според О’Рурк, САД избираат тајни акции наместо јавни во еден од десет случаи. Ова е така затоа што тајната акција повлекува помалку трошоци. Тајните акции ги намалуваат можните воени, економски и репутациски трошоци, затоа што суштината на тајната акција е „целосно негирање“, каде што државата во која се интервенира може да се обиде (често неуспешно) да ја скрие нејзината улога во операцијата. Поважно прашање на кое треба да се посвети внимание е колку е ефикасна тајната режимска промена.

Површно ова функционира, но не совршено, но не и лошо. Поддржаните тајни напори од САД се успешни во 39 отсто од случаите во замена на целниот режим. Но крајната цел на режимската промена не е само друга власт, туку долгорочно усогласување на стратегиските интереси меѓу двете држави. Во овој случај, историјата нуди негативни резултати. О’Рурк во нејзината книга вели дека „тајната режимска промена ретко успева според планираното. Спротивно на очекувањата на политичарите, промената на политичките приоритети во странската влада бара многу повеќе од само промена на политичките лидери“.

Ова се случува затоа што домашните политички услови, кои ја предизвикале поделбата меѓу САД и државата во која се интервенира, не исчезнуваат кога на власт доаѓа новиот режим. Државите што ги усогласија интересите со тие на САД се сметаат за марионетски режими, кои на крајот и онака ќе бидат соборени. Во државите каде што не успеала тајната акција, и онака тензичните односи се влошуваат „затоа што повеќето тајни режимски промени не остануваат тајни“.

Книгата на О’Рурк, спротивно на тврдењата на Кристол, треба да ја претстави како контроверзна идејата за режимска промена. Таа претставува добро напишано и важно дело што треба продуктивно да ги информира дебатите за надворешна политика, особено во светот по војните во Ирак и во Либија каде што можеме јасно да ја забележиме деструктивната моќ за неуспешната режимска промена.

Тајната режимска промена исто така умешно подгрева и друга дебата, можеби ненамерно од страна на О’Рурк, која ги протресе надворешните политики во светот по изборот на претседателот Доналд Трамп, односно американски предводениот либерален меѓународен поредок по Втората светска војна. Без целосно обработување на оваа широка дебата, книгата на О’Рурк покажува дека во најмала рака можеме да ја отфрлиме идејата дека поредокот е „либерален“. Можеби постоеше американски предводен поредок од кого имаше корист поголемиот дел од светот, но нема ништо либерално во над педесетината обиди за тајно да се соборат владите на други држави.

Нема ништо либерално во изложувањето на државите на граѓански војни и на масовни убиства за кои О’Рурк покажува дека биле поизвесни во држави што биле цел на САД за тајни режимски промени. Нема ништо либерално во промовирањето нацистички квислинзи и други воени криминалци, како што направија САД во Албанија на крајот од 1940-тите како дел од напорите да го соборат советски поддржаниот режим (уште еден пример како САД се здружуваат со апсолутисти). Поради оваа и многу други причини, книгата на О’Рурк треба да биде задолжително четиво во дебатите за промена на режими.


Амнестија за Николас Мадуро?

Венецуела е најновата земја што се најде во центарот на дебатата за (не)оправданоста за промена на режимот откако опозицискиот лидер Хуан Гваидо неделава се самопрогласи за претседател и доби поддршка од Западот

Лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гваидо, навести амнестија за претседателот Николас Мадуро ако се повлече од функцијата. Гваидо, кој во средата се прогласи за привремен претседател, рече дека бара поддршка од сите сектори во државата, вклучувајќи ја и армијата, за да ѝ се стави крај на кризата во Венецуела.
Мадуро доби втор мандат на избори, кои опозицијата ги бојкотираше и обвини за местење на гласовите. Тој ја предводи земјата од 2013 година, по смртта на Хуго Чавез. Меѓународната заедница е поделена околу тоа дали да го признае вториот мандат на Мадуро, кој засега ја има клучната поддршка од војската на Венецуела. САД, повеќе од десет латиноамерикански земји, Канада и Британија го поддржаа опозицискиот лидер Гваидо за легитимен претседател на Венецуела откако тој сам се прогласи за шеф на венецуелската држава. Од друга страна, Русија ја осуди странската поддршка за Гваидо, нагласувајќи дека со неа се прекршува меѓународното право и води кон „крвопролевање“ во земјата. Кина, Мексико и Турција, исто така, го поддржаа Мадуро. Американскиот државен секретар Мајк Помпео побара денеска итно да се состане Советот за безбедност на ОН и да се дискутира за кризата во Венецуела. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нагласи оти работи на план за финансирање на Гваидо, кој во моментот е на непозната локација.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, вчера предупреди дека ситуацијата „може брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици“ и повика на итни разговори.

Гваидо и неговите сојузници го обвинуваат Мадуро за узурпација на власта преку фалсификувани избори.
– Нашиот предизвик е да обезбедиме слободни избори и ги сакаме што е можно поскоро. Но живееме во диктатура. Никој не сака да живее вака, без оглед на политичката определба. Луѓето живеат пет или шест месеци без вода во домовите, без лекови и без доволно пари за да купат храна – изјави Гваидо.
Зборувајќи за можна амнестија за Мадуро, Гваидо нагласи дека сличен потег одиграл позитивна улога во демократската транзиција во Чиле.
– Овие амнестии се на маса за сите што се подготвени да го обноват уставниот поредок – нагласи Гваидо.

Претседателот Николас Мадуро на своја страна ги има армијата, Кина и Русија

Тој претходно оцени дека одредбите во Уставот на земјата му дозволуваат привремено да ја преземе власта, бидејќи изборите биле фалсификувани.
Неделава се одржаа масовни протести за и против Мадуро. На едни опозициски протести во Каракас, Гваидо се прогласи за привремен претседател на земјата. Веднаш потоа, американскиот претседател Трамп го призна Гваидо за легитимен шеф на венецуелската држава. Повеќе јужноамерикански држави, како и Канада и Британија, го следеа примерот на САД. Мадуро го оцени американскиот потег како „голема провокација“ и веднаш ги прекина дипломатските односи со САД. Тој нареди затворање на амбасадата и конзулатите на Венецуела во САД, додека Гваидо ги повика венецуелските дипломати во САД да останат на нивните позиции. Во меѓувреме, Стејт департментот ги повика некои од дипломатите да ја напуштат Венецуела.

Невладина организација од Каракас проценува дека во насилните демонстрации досега се убиени најмалку 26 лица.
САД веќе воведоа повеќе санкции против владата на Мадуро во изминатите години, кои го ограничуваат пристапот на Венецуела до финансискиот пазар на САД и ги блокираат оние што се вклучени во трговијата со злато во земјата. Администрацијата на Трамп досега не воведе санкции против увозот на нафта, кој е и клучниот извор на средства на Венецуела. Најновата криза би можела да ја поттикне Белата куќа на таков потег, но аналитичарите предупредуваат дека нафтените санкции најверојатно би имале ограничен ефект врз владата на Мадуро, кој би можел да го пренасочи извозот на нафта кон сојузниците, како Кина и Русија, додека ги обвинува САД за мешање во внатрешните работи.

Иако има најголеми докажани резерви на нафта во светот, економијата на Венецуела е во состојба на колапс веќе неколку години. Нејзината индустрија трпи последици од неефикасно управување, а во меѓувреме значително се намалија и приходите од нафта. Венецуелската опозиција и западните влади обвинуваат за масовна корупција, насилства и за масовни кршења на човековите права. Хиперинфлацијата и недостигот од храна и од лекови особено го погодија населението, па милиони Венецуелци избегаа од државата. Партнерите на Венецуела, меѓу кои и Кина и Русија, инвестираа милијарди долари во земјата. Москва ја смета Венецуела за еден од најблиските сојузници во регионот.

Гваидо нуди амнестија за Мадуро доколку се повлече од власт