Опасности што ги демнат ловџиските кучиња

257

Најчесто ловџиските кучиња страдаат во текот на зимскиот лов и тоа во ловишта каде што тие стануваат лесен плен за гладните волци и дивите вепри

Ловџиските кучиња во текот на ловот се изложени на многу опасности по нивното здравје и безбедност. Се случува ловџиските кучиња во текот на гонењето на дивечот во ловиштето да паднат во стапици што ги поставиле „непознати“ лица и притоа да настрадаат. Најчесто кучињата страдаат во текот на зимскиот лов и тоа во ловишта каде што тие стануваат лесен плен за гладните волци.

Ловот на диви свињи во зимски услови, односно во период на нивно парење, особено е опасно за младите и помалку внимателни ловџиски кучиња. Притоа е потребно настанатите повреди веднаш да се санираат, односно да им се укаже прва помош во ловиштето, оти често се случува дивиот вепар да му нанесе тешки повреди на ловџиското куче, од кои тоа може во краток период да умре.

Да се пука во ловџиските кучиња кога тие го пребаруваат теренот, е исто како да се пука во ловџијата за време на ловот. Во такви ситуации е потребно веднаш да му се даде прва помош на ловечкото куче, без разлика дали е тоа повеќе или помалку рането, оти последиците се трајни, било да станува збор за младо ловџиско куче или за поголемо и поискусно.

По ваквите настани, голема е веројатноста подоцна ловџиското куче да се плаши при секој нов истрел во ловиштето. Понатаму, потребно е кога видливоста во текот на ловот е намалена поради густа магла, снег или силен дожд, ловџиските кучиња да носат посебен забележителен елек или синџир околу вратот. Потребно е во текот на ловот да се преземат сите безбедносни мерки од учесниците.


Обувките се значаен фактор за заштита од настинка

Доцната есен и зима се мошне непредвидливи што се однесува до температурата, па затоа секој сончев ден и пораст на температурата треба да се искористат за да се посетат некои места за риболов. Притоа е значајно рибарот добро да се облече, а посебно да ги заштити своите нозе, бидејќи најчесто сѐ доаѓа токму од нозете.
При риболовот е пожелно рибарот да стави парче стиропор под своите нозе, што претставува проверен систем за одбегнување на настинката. Рибарот посебно треба добро да се облече при лов на риби грабливки, како што е на пример смуѓот, кој во повеќе случаи е поактивен рано наутро и доцна во ноќта. Топли ракавици, квалитетни обувки, добра капа и комотна зимска облека ќе го направат риболовецот поактивен, посебно ако рибата почне да „удира“ на мамката. Но ако рибарот е слабо облечен, а рибата „проработи“, тој тогаш целосно ќе заборави на постојниот студ и така полесно ќе навлече некој вирус, а најчесто тоа е грипот.