ООУ „Лазо Трповски“ во меѓународен еко-проект

44

Проектот на учениците од 5-б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје „Загрозени видови птици во нашата околина“, координиран од тројца наставници во својство на ментори, Елена Угриноска, Даниела Радевска и Стефан Симовски, стана дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност на видовите, со седиште во Хамбург, Германија. Учесниците од ова училиште го реализираа екопроектот во соработка со Природонаучниот музеј во Скопје.

Организатор на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“. Оваа меѓународна и пред сѐ глобална акција традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на заштитата на видовите. Годинава учествуваат околу 15.000 учесници од Европа, со околу 600 проекти. Главната задача на учесниците е колку што е можно подетално да ги проучат биолошката разновидност и потребата од заштита на видовите во своето опкружување и да ја документираат, за да дадат автентични информации за фактичката состојба. Целосно подготвениот проект на германски јазик претходно мора да биде прифатен и одобрен од страна на организаторот.