ООУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово одбележа 65 години од постоењето

416

Eднo од најстарите училишта во Куманово, но и во државата ООУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово деновиве (23 мај) прослави голем јубилеј – 65 години од своето постоење. По тој повод училиштето првпат од своето постоење излезе надвор од рамките на училишната зграда и својот јубилеј го прослави во спортската сала во Куманово меѓу граѓаните на Куманово каде што се одржа голема свечена приредба наречена „Куманово те гушкаме“. На неа учествуваа дури 1.200 ученици, а истата таа ја проследија неколку илјади посетители и гости, што како настан по својата специфика засега го прави единствен како во градот така и пошироко во државата. Инаку училиштето е основано и почнало со работа во далечната 1953 година со 130 ученици за денес истото тоа да има 1.300 ученици што посетуваат кабинетска настава и се распоредени во 65 паралелки во кои настава одржуваат 107 наставници.

Училиштето во својот состав на други две локации во градот има и две реонски училишта како и две подрачни училишта во кумановските села Пчиња и Студена Бара, но и девет паралелки од прво до деветто одделение за ученици со посебни потреби по што училиштето е единствено во североисточниот регион во државата.
Во последните пет-шест години со училиштето успешно раководи и менаџира директорката Марина Манојловска, која благодарение на својата упорност, умешност и знаење преку Централната европска банка, јапонската амбасада, Министерството за труд и социјална политика и фондациите УСАИД и „Сорос“ преку училишни проекти за училиштето досега успеа да обезбеди грантови и донации во висина од 330.000 евра. Овие средства беа искористени за промена на надворешна и внатрешна столарија (ПВЦ-врати и прозорци), фасада и училиштен мебел (кој не беше променет цели 40 години), тоалети, набавка на дидактички и надгледни средства за целодневен престој за децата со посебни потреби како и за воведување парно греење, со што по цели 50 години конечно се заменија ќумбињата на дрва, кои датираа уште од Титово време.

Како резултат на подобрената инфраструктура (од која најголема корист имаат учениците), но секако и поради квалитетот на наставниот процес во училиштето во последните години во значителна мера е зголемен и бројот на учениците во училиштето.

Во текот на своето работење училиштето е добитник на многу вредни награди и признанија како државни така и на меѓународно ниво и како такво засега е лидер на образовниот процес во општината Куманово, а во својата програма училиштето има вклучено и соработка со училишта од соседните држави меѓу кои и со училиштето „Трет крагуевачки баталјон“ од збратимениот град Крагуевац од Република Србија, чии ученици беа и меѓу гостите на овогодишна прослава на училиштето.
ООУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово пред сѐ поради успешниот начин на менаџирање, но и поради квалитетниот училиштен процес е една успешна приказна во образовниот процес кај нас што приказна треба да ја следат и другите училишта како од Куманово така и од државата. Т.Д.