ОН мора да спречат нова студена војна

89

Обединетите нации при основањето беа замислени како чувар на мултилатералниот поредок заснован на правила, што треба да обезбеди мир меѓу членките. Денес, ОН мора да играат поактивна игра и да помогнат во спречување нова студена војна меѓу суперсилите, овој пат меѓу САД и Кина

Кемал Дервиш

Освен климатските промени и одржливиот развој, светските лидери имаат уште многу други итни и битни теми за разговор на состаноците на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Една од нив е ескалацијата на ривалството меѓу суперсилите САД и Кина, која претставува најголем ризик за светот. Затоа, ОН мора да помогнат да се избегне нова студена војна и тоа мора да биде централна мисија на светската организација.

Среде целата дебата за уривањето на мултилатерализмот и појавата на свет на Г2 во кој доминираат Америка и Кина, лесно е да се заборави дека сличен систем, во кој доминираа САД и Советскиот Сојуз, постоеше со децении по Втората светска војна. Во доцните 1970-ти и во раните 1980-ти стана јасно дека советскиот систем не може да се натпреварува со пазарниот капитализам. По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и советскиот колапс што следуваше по него, тој свет на Г2 се претвори во свет на Г1+х, во кој сите други земји (х) не беа во можност да ѝ се спротивстават на Америка како единствена глобална суперсила. Наредниот четврт век беше период на мултилатерализам заснован на либерални правила. Демократскиот и пазарен капитализам навидум триумфираа и го означија „крајот на историјата“, како што оцени Френсис Фукијама. САД широко го промовираа овој поредок (војната во Ирак во 2003 година беше јасен исклучок) и, како и повеќето земји, профитираа многу од глобализацијата и од појавата на нови сложени синџири на вредности.

Но спектакуларниот подем на Кина во овој период му стави крај на поредокот на Г1+х. Иако Америка сè уште е водечка светска економска, технолошка и воена сила, таа сѐ повеќе мора да го дели тој статус со Кина. Некои тврдат дека сега живееме во мултиполарен свет, во кој важните средни сили имаат доволно моќ да влијаат врз глобалните работи. Според ова гледиште, светот не е рамен и тој има многу центри во домени како што се финансиските текови, трговијата, управувањето со големите количества податоци и интернетот. Оваа структура, пак, предизвикува многу различни форми на можна соработка и конкуренција меѓу владите. Овој модел нуди веродостојно опишување на улогата на земји, како Индија, Германија, Русија, Бразил и Јапонија, во денешниот глобален систем. Исто така, моделот нагласува како моќта и можноста да се формираат ефективни коалиции за колективно дејствување зависи од проблемот што се решава и од придружната фрагментација или концентрација на интересите.

Сепак, овој мултиполарен поглед на светот ја потценува огромната нерамнотежа на моќта помеѓу Г2 и преостанатите земји. На пример, Индија е слична на Кина во однос на населението, но нејзиниот БДП (според пазарни цени) претставува само 20 отсто од кинескиот БДП. Покрај тоа, индиските воени и технолошки способности, иако импресивни, се далеку зад тие на Кина или на САД. Истото тоа може да се каже и за другите важни земји со средна големина.

Ваквите нерамнотежи потсетуваат на поредокот во периодот од 1945 до 1989 година. Слично на тоа, иако можеби не толку остро како САД и Советскиот Сојуз за време на Студената војна, Америка и Кина се поделени идеолошки и имаат антагонистички односи. Сепак, тие се економски зависни поради децениската глобализација, што резултира со состојба на „еден свет, два система“, како што оценува бившиот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер. Оваа меѓузависност е и стратегиска предност и стратегиска мана, бидејќи обете страни можат да бараат геополитички профит преку вооружување на глобалните мрежи, како што се синџирите на трговија, економија и на телекомуникациска инфраструктура.

Два настана може да ја променат актуелната слика. Прво, Кина и САД би можеле да се развиваат на начин што би ги приближил идеолошки двете суперсили. Новата американска администрација по претседателските избори во 2020 година би можела да заземе интернационалистички курс, додека извонредниот економски напредок на Кина би можел да доведе до постепена политичка либерализација, колку и да изгледа малку веројатно од денешна перспектива. Доколку ваквите движења навистина се остварат, тие би можеле во иднина меѓусебно да се зајакнуваат. Второ, поинтегрирана ЕУ би можела да стане трета суперсила во свет на Г3 и да игра клучна улога во одржувањето на рамнотежата наспроти Кина и САД. Европа ги има потребните економски, финансиски, технолошки и човечки ресурси, а мултилатерализмот е во срцевината на ЕУ. Идеално, двата настана би се случиле истовремено. Ако една поинтегрирана Европа и поинтернационална Америка повторно ги зајакнат своите врски и уште еднаш го поддржат мултилатерализмот како најдобар начин за зачувување на мирот и испораката на глобални јавни добра, како што е заштитата на животната средина, тогаш ќе биде многу потешко и поскапо за Кина да стои настрана. Меѓутоа долгорочно, кинеската моќ најверојатно ќе надвладее над комбинираната моќ на САД и на ЕУ. Иако долгорочните економски предвидувања мора да се прифатат со претпазливост, проекциите на ОЕЦД за реален пораст на БДП посочуваат дека кинеската економија до 2040 година ќе биде голема колку економиите на САД и на ЕУ27 заедно. Секако, БДП е само една мерка, но и другите метрики што се однесуваат на технологијата или на потребните вештини даваат слични резултати.

Годинава Генералното собрание на ОН се одржува во услови на загрижувачки паралели со Студената војна од 20 век. Со ескалирачкиот трговски спор, САД и Кина предизвикуваат значителни економски штети и за себе и за другите земји. Ако светот стане навистина поделен на „два система“, ќе биде уште потешко да се постигне договор за многу неопходни меѓународни регулативи во области како што се даноците, сајбер-безбедноста или биогенетиката. Во случајот, ОН, со своите специјализирани агенции, е многу повеќе од форум на владите. Светската организација има мека моќ што произлегува од „планетарните“ цели за мирот, развојот и за заштитата на животната средина. ОН при основањето по Втората светска војна беа замислени како чувар на мултилатералниот поредок заснован на правила, со што би се спречил вооружен конфликт меѓу членките. Денес, светската организација мора повторно да ја следи својата основачка мисија и да помогне да се спречи нова и различна, но еднакво опасна, студена војна.

Авторот е виш соработник на институтот „Брукингс“