Од септември учениците во Карпош ќе немаат мобилни на часовите

2421

Скопската општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа во која ќе почне да се спроведува проектот за ограничена употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта.

Почетокот на овој проект беше причина минатата недела да се одржи јавна дебата, во организација на здружението „Ајнштајн“, во „Паблик рум“, под мотото „Како технологиите влијаат врз развојот на децата“. Во изминатиот период, овој проект, кој е поддржан и од Европската Унија беше пилотиран во десетте основни училишта во Карпош, при што се одржаа консултативни средби со ученици, наставници и родители, за да се почувствува пулсот на сите засегнати страни.

На дебатата се обрати и градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, кој говореше за успешната соработка со здружението „Ајнштајн“ и за намерите на општината.

– Факт е дека проектот на почетокот нема да им се допадне на учениците, но со овој потег нивниот интерес најмногу се заштитува, зашто треба да се вклучи внимание, а не Фејсбук и Инстаграм за време на часовите. Од друга страна, сметам дека ова ќе ги мотивира и наставниците да бидат покреативни во своите предавања, за да им го одржуваат вниманието на учениците. Значи 45 минути учениците нема да бидат активни на социјалните мрежи, на интернет, но потоа ќе си заштедат од слободното време и ќе им треба помал временски период за да совладаат одредена лекција, затоа што најдобро се учи кога се следи наставата – посочи Богоев.

На почетокот на секој час, учениците ќе ги оставаат своите мобилни телефони во наменски организатори, т.н нумерирани џебови, кои ќе бидат поставени во секоја училница, а меѓу часовите и за време на одморот ќе имаат можност да комуницираат со своите родители, пријатели и блиски.