Од друга страна

31

На страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, на возраст од 7 до 14 години, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга

Беше еден убав тмурен ден, со многу молњи. Тој ден немав што да правам, па одлучив да престорам некого во нешто. Во еден момент ми текна на преубавиот принц. Јас неколкупати се обидував да му го направам тоа, но не ми успеваше. Размислував и размислував долго и на крајот ми текна. „Знам, ќе го претворам во ѕвер. Но најпрво треба да ги соберам состојките.“ Излегов од мојот дом и отидов да собирам намирници.

„За ова ми се потребни“ – си реков јас – „две крокодилски очи, змиски јазик и пет зајачки опаши“.

Откога собрав сè, се вратив дома и тогаш сфатив дека сум заборавила да земам жабја кожа, па морав да се вратам по неа. Таму немаше многу жаби, па одвај одбрав една. Кога се вратив конечно дома, отидов да го земам казанот. И го немаше. Го барав насекаде, но не, едноставно го немаше. Ја превртев целата куќа наопаку. Буквално. Покривот беше на подот, а подот беше горе, во вис. Но казанот го немаше, па морав да најдам некоја кутија во која можам да ја направам напивката. Тоа не беше тешко. Кутијата ја најдов многу брзо, но беше тешко да ја направам напивката во неа. Но се потрудив. Двапати не ми одеше сè по планот, но третиот пат успеа.

Го направив како што планирав. Го ставив во стаклена епрувета, среќа со тоа немав проблем. Епруветата случајно ја најдов додека го барав казанот. Сега само требаше да се преправам во селанка што сака да го види принцот. Едвај ги најдов алиштата. Кога стигнав пред портите на замокот, реков дека сум новата готвачка на принцот.

Стражарите ми поверуваа и ме пуштија да влезам внатре. Стигнав навреме за вечерата на принцот. И што е најдобро од сè, јас требаше да ја приготвам. Бидејќи во кујната имаше многу готвачи, беше тешко да ја ставам напивката во храната. А бидејќи бев нова, требаше да ме подучуваат.

Се потрудив најмногу од сè да не ме видат кога ја ставав напивката, но ме видоа, иако ја скрив најмногу што можев. Тоа јадење го фрлија, а јас морав да направам ново. Во тој момент ми текна дека има многу чинии и ако турнам една, сите ќе се завртат натаму. Тоа и сторив, ја поттурнав чинијата и таа падна и се скрши, правејќи силен тресок. Тогаш сите се завртеа натаму, а јас имав доволно време да ја ставам напивката во јадењето. Бидејќи слугинката беше во тоалет тоа време, јас требаше да му го однесам јадењето на принцот. Го однесов и се скрив зад вратата за да можам да го видам тоа, таа преобразба. Откако мојата задача заврши, си отидов. Не знам што се случувало во дворецот потоа, но знам дека јас си заспав мирно.

Марија Масевска