Од гранслемите, на Ролан Гарос прваците и понатаму земаат најмалку

185

Победниците на годинашниот тениски гранслем-турнир Ролан Гарос, кој ќе почне на 21 мај, ќе инкасираат по рекордни 2,2 милиони евра, што е за 100 илјади повеќе од претходно. Вкупниот награден фонд на вториот гранслем сезонава порасна за 10 отсто, од 36 на 39,2 милиони евра. Покрај победниците, повеќе пари ќе добиваат и тие што ќе играат квалификации или ќе загубат во првото коло. За настап во првото коло тенисерите ќе добијат по 40.000 евра, што е за 5.000 евра повеќе од лани.

И покрај зголемувањето на наградниот фонд, Ролан Гарос остана „најмалиот“ меѓу гранслем-турнирите, од аспект на наградите за шампионите. Австралија опен во јануари го зголеми наградниот фонд за 10 отсто, така што победниците добија по четири милиони австралиски долари (околу 2,5 милиони евра). На ланскиот Вимблдон шампионите инкасираа 2,2 милиони фунти (повеќе од 2,5 милиони евра), а, пак, шампионите на САД опен заработија фантастични 3,7 милиони долари (повеќе од три милиони евра). 

НАГРАДИ НА ГРАНСЛЕМИТЕ
Австралија опен     34,40 2,50
Ролан Гарос           39,20 2,20
Вимблдон              36,16 2,52
САД опен               40,72 3,01
колоните се вкупниот награден фонд и премијата за шампионите, а сумите се приближни и се во милиони евра