Од „Боинг“ се бараат одговори за безбедноста на „737 макс 8“

274

Компанијата е под голем притисок да одговори на повеќе сериозни прашања, особено ако се земе предвид дека станува збор за втор инцидент со уривање авион од оваа серија во изминатите пет месеци, по несреќата со индонезискиот авион лани во октомври. Како можна причина и за двете несреќи се наведува и новиот автоматски систем за корекција на летот, за кој повеќето од пилотите наводно не биле доволно обучени

Истражувачките екипи ги пронајдоа црните кутии на авионот на „Етиопиан ерлајнс“, кој во неделата се урна непосредно по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба. Податоците од црните кутии треба да дадат одговор за причините за несреќата со „боингот 737 макс“, во која загинаа 151 патник и осум членa на екипажот. Компанијата „Боинг“ е под голем притисок да одговори на повеќе сериозни прашања, особено ако се земе предвид дека станува збор за втор инцидент со уривање авион од оваа серија во изминатите пет месеци, по несреќата со индонезискиот авион лани во октомври. Како можна причина и за двете несреќи се наведува и новиот автоматски систем за корекција на летот, за кој повеќето од пилотите наводно не биле доволно обучени. Поради најновиот инцидент, повеќе светски авиокомпании ги повлекоа леталата од серијата „боинг 737 макс 8“, пренесуваат светските агенции.

Етиопските власти соопштија дека се пронајдени две црни кутии – уредот за снимање на разговорите од пилотската кабина и уредот за снимање на дигиталните податоци за летот. Авионот, кој беше во употреба само неколку месеци, се урна шест минути по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба, а крајна дестинација му беше кениската престолнина Најроби. „Боингот“ се урна во близината на градот Бишофту, на околу 60 километри од етиопската престолнина. Со него патуваа државјани од над 30 земји во светот.

Причината за уривањето сѐ уште не е позната. Сепак, како што пренесува Би-би-си, пилотот пријавил тешкотии и побарал да се врати во Адис Абеба. Покрај тоа, веб-сајтот за следење летови „Флајтрадар24“ наведува дека вертикалната брзина на авионот по полетувањето била нестабилна.

„Боинг“ соопшти дека жали за несреќата и оти ќе испрати тим за да обезбеди техничка помош. Компанијата се наоѓа под голем притисок, бидејќи за само пет месеци се урнаа два авиона од серијата „737 макс 8“, кој важи за еден од најбрзопродаваните летала во историјата на „Боинг“, повеќе од 300 веќе се во употреба, а има нарачки за набавка на уште околу 5.000 авиони. Лани во октомври се урна „боинг 737 макс 8“ на нискобуџетната индонезиска компанија „Лајон ер“, и тоа исто така неколку минути по полетувањето, при што загинаа 189 лица. По несреќата со индонезискиот авион, истражителите изјавија дека првичните информации говорат дека пилотите по сѐ изгледа се мачеле со автоматскиот систем, дизајниран да спречи забавување на леталото, што претставува нова функција на авионот „боинг 737 макс 8“.

– Тоа е многу сомнително. Имаме сосема нов авион, кој двапати се урна за неполна година. Тоа го вклучи алармот во авијациската индустрија, бидејќи такво нешто едноставно не се случува – изјави за Си-ен-ен Мери Шиаво, поранешна главна инспекторки на Американскиот оддел за транспорт.

По минатогодишното уривање, „Боинг“ испрати вонредно известување до авиокомпаниите, предупредувајќи ги за проблем со системот против забавување. Покрај тоа, како што јави Ројтерс, се очекуваше компанијата да издаде надградба за софтверот на системот, за да го реши овој проблем.

Верзијата „макс 8“ е најново издание на популарната серија „боинг 737“, најпродаваниот авион во светот, и има можности за автономно летање.

Но, според „Гардијан“, автономијата може да донесе проблеми. Веќе е познато дека осигурителните компании најмногу се загрижени за автомобилите без возачи, односно за периодот кога високоавтономни возила ќе коегзистираат со човечки возачи, кога ќе се судрат човечката и вештачката интелигенција. Пилотите низ светот беа гневни по уривањето на авионот на „Лајон ер“, за тоа што суптилните измени на софтверот на автопилотот на „макс 8“ не беа доволно објаснети. Гневот е уште поголем поради фактот дека не била организирана задолжителна дообука на пилотите за воведените измени.

Благодарение на воведениот систем, новите авиони „боинг 737 макс 8“ автоматски се нагодуваат, ако системот одреди дека аголот на леталото го доведува во ризик од забавување, безбедносна карактеристика што функционира малку поразлично од тоа на што пилотите на 737-та се навикнати. Црната кутија од авионот на „Лајон ер“ сугерира дека пилотите на летот 610 се мачеле со овој проблем.

Од друга страна, „Боинг“ тврди дека ако пилотите ги следат постојните процедури, тогаш не би требало да има опасност. Сепак, изминатите уривања покажаа дека сензорите на кои се потпираат компјутерските системи на авионот може да не функционираат и оти пилотите, кои се научија да ѝ веруваат на технологијата, може набрзина да испаничат кога работите ќе тргнат на лошо.

Во секој случај, додека стигнат одговорите од „Боинг“, повеќе авиокомпании во светот одлучија да го повлечат „737 макс 8“ од употреба. Кинеските регулаторни власти им наредија на локалните авиокомпании да ги запрат летовите со „боинг 737 макс 8“. Повеќе од 90 летала од оваа серија се во употреба од кинеските компании, меѓу кои се и „Ер Чајна“, „Чајна истерн ерлајнс“ и „Чајна саутерн ерлајнс“. И „Кајман ервајс“ исто така ги приземји своите два „боинга“ од истата серија.


Авиокомпании што летаат во Македонија и имаат „737 макс 8“

Светската јавност е шокирана од најновата авионска несреќа со летало од типот „боинг 737 макс 8“, особено од фактот дека станува збор за авион стар само неколку месеци. Серијата „737 макс 8“ официјално е пуштена во употреба во 2017 година, а во изминатите пет месеци веќе се урнаа два сосема нови авиони. Од авиопревозниците што сообраќаат од аеродромите во Скопје и во Охрид, во својата флота летала „боинг 737 макс 8“ имаат „Туркиш ерлајнс“ (11 во употреба и два нарачани), „Корендон (едно летало) и „Флај дубаи“ (11 во употреба и два нарачани). Засега нема информации дали ги суспендираат летовите на „737 макс 8“, а од компаниите соопштија дека го следат развојот на ситуацијата. Истовремено, на веб-сајтот за следење летови Флајтрадар24 може да се види дека на скопскиот и на охридскиот аеродром не сообраќале такви авиони во изминатите пет дена.