Одложен почетокот на Купот на ЕХФ

51

Сред­би­те што тре­ба­ше да се игра­ат во октом­ври ќе се игра­ат во но­ем­ври, а тие од но­ем­ври се пре­за­ка­жа­ни за де­кем­ври. Мечевите од ос­ми­на­фи­на­ле­то до фи­на­ле­то оста­ну­ва­ат во прет­ход­но пла­ни­ра­ни­те тер­ми­ни во 2021 го­ди­нa

РАКОМЕТ

Европската ракометна федерација (ЕХФ), по барање од клубовите, реши за еден месец да ги одложи натпреварите од двете воведни кола од Купот на ЕХФ (натпреварување што до лани се викаше Челинџ-куп), кои беа закажани за октомври и за ноември. Голем број од клубовите изразиле загриженост или најавиле дека не е сигурно дека ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација во предвиденото време.
Ограничувањата за патувања и многуте затворени граници им прават дополнителни проблеми на клубовите во организацијата на натпреварите, па затоа ЕХФ, која е во постојан контакт со клубовите и со федерациите, реши да им даде повеќе време за подготовка за играње во поинакви услови.
Средбите што требаше да се играат на 17/18 и 24/25 октомври ќе се играат на 14/15 и на 21/22 ноември, а тие што требаше да се играат на 14/15 и 21/22 ноември се презакажани за 12/13 и 19/20 декември. Средбите од осминафиналето до финалето остануваат во претходно планираните термини во 2021 година.
Македонија нема свој претставник во Купот на ЕХФ за мажи, а во тоа натпреварување за жени ќе играат Куманово и Чаир, кои своите противници ќе ги дознаат по ждрепката закажана на 1 септември.