Оваа година Македонија првпат дел од глобалниот настан „Бетапич“

298

Оваа година како дел од глобалниот настан, „Бетапич“ првпат ќе се одржи и во Македонија, на 6 и 7 октомври 2018 година, во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Настанот се случува благодарение на соработката помеѓу фондацијата „Стамболиев“ и „Инофеит“, при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Десеттина стартап-компании ќе им даде поддршка и ќе им биде менторка за тие да можат подобро ја презентираат иновативната бизнис-идеја, во времетраење од само три минути. Подготовките ќе се одржат на 6 октомври 2018 г. Веќе на 7 октомври, стартапите ќе може да ги презентираат своите идеи пред стручното жири, кое ќе ги проценува технолошкиот и бизнис-потенцијалот на секоја идеја. На најдобриот стартап ќе му биде овозможено патување на глобалниот настан „Бетапич глобал инвеститорс деј“, на 15 ноември 2018 година, во Берлин, Германија, каде што ќе може да ја презентира својата идеја пред германските мултинационални компании. Сите заинтересирани стартапи со свои идеи можат да аплицираат на https://www.betapitch.net/skopje/, најдоцна до 1 октомври, за дополнителни информации е телефонскиот број 071 578 550.

Дигиталната трансформација е главна тема за секоја прогресивна компанија и развиена економија. Брзината на иновации драстично се зголемува, со што пазарот станува поконкурентен од кога било. Затоа, надворешните иновации стануваат клучни за следење на темпото на нашето време. Освен тоа, генерацијата родена од 1980 до 1990, или генерација наречена Y, воведува комплетна промена на вредностите и производите, услугите што ги консумираат, а од неодамна и ги произведуваат. За да останете успешни, треба континуирано да истражувате што е важно за вашата целна група и за тоа како да им пристапите на овие деца на новиот милениум. Стартапите нудат уникатна вредност на економијата, бидејќи ослободени од корпорациските и организациски структури, на површина излегуваат индивидуалниот и тимскиот капацитет за иновации, а наедно можат да бидат движечка сила зад економскиот развој. Светските практики говорат дека екосистемот за стартапите креира иновации и нивна најбрза комерцијализација, односно најбрз пристап на новите дигитални решенија до светските пазари. Наедно, таа култура на неструктурирани иновации ќе ги разбуди и традиционалните бизнис-модели да ги следат глобалните иновативни трендови на водење бизнис. Ова нѐ води и до дефиницијата за стартап, која ги дефинира оние новоосновани компании што имаат значителен потенцијал за развој и растечки бизнис-модел засновани на иновација на нов производ, процес или услуга.

– Стартап-сцената во Македонија ја помина фазата на зародок. Секојдневно сѐ повеќе млади луѓе ги развиваат или ги надградуваат постојните дигитални алатки за да понудат производи за светскиот пазар. Секако, овие активности се засилија со појавувањето на Фондот за иновации и технолошки развој, како и отворањето на различен тип инкубатори, хабови, простории на соработка, каде што претприемачите може да се сретнат и да дискутираат за своите идеи за нови производи или услуги. Моментално се претпоставува дека во Македонија има од 100 до 300 стартап-компании што работат на развој на нови и дигитални производи и услуги што се наменети за регионалните и глобалните пазари. Но фактите говорат дека Македонија не се рангира меѓу најиновативните земји, што се рефлектира во фактот дека стартапите премногу тешко успеваат да освојат нови пазари – вели директорот на фондацијата „Стамболиев“, професор д-р Алек­сан­дар Стамболиев.

Неодамна организираниот битолски „Хакатон – биталон“, Македонија докажа дека располага со висококвалитетни програмери и софтверски инженери што се подготвени да направат продукти конкурентни на светскиот пазар. Сто и пет учесници создадоа 18 продукти за само 24 часа. Петте победнички тима добија можност да ги претстават своите идеи во Израел, а два тима да продолжат да соработуваат со израелските компании, додека еден од проектите ќе биде спроведен во музејот „Јад Вашем“ во Ерусалим. Во таа насока, македонските стартапи имаат потенцијал да посветат особено внимание. Според неодамнешно истражување на екосистемот за стартапи во Македонија, на македонските претприемачи им треба пристап до глобалните пазари и до финансии. Токму тоа и го нуди настанот „Бетапич“, кој ќе се одржи на 15 локации во целиот свет, за да ги привлече стотиците најнапредни технолошки идеи да ги презентираат на „Бетапич глобал инвеститорс деј“ на 15 ноември 2018 година во „Бетахаус“, Берлин, Германија. На овој настан ќе може да ја презентираат својата идеја-продукт пред германската индустрија и да изградат деловни односи со стартап-скаути од сите поголеми германски мултинационални компании. „Бетахаус“ ја гради глобалната заедница од 2009 година и преку ова искуство развива неспоредлив пристап до глобална мрежа на стартап и иноватори. „Бетахаус“ е еден од водечките светски центри за иноватори до 35-годишна возраст. Познавајќи ги деловната и стартап-заедницата, им овозможуваме токму ним најбрзо да го најдат својот иден клиент.

– „Инофеит“ е замислен како место во кое истражувачите и студентите од ФЕИТ ќе можат да ги валоризираат своите истражувања и да добијат поддршка за трансфер на технологија, односно формирање стартап и започнување иновативен бизнис. „Инофеит“ е специфично дизајниран да го премости тој јаз помеѓу академијата и индустријата, преку спојување на едно место на студентите и истражувачите од ФЕИТ што се подготвени за работа на иновации и на компаниите што можат да добијат простор и луѓе за работа на проект што самите би го дефинирале. Нашата замисла е компаниите да дефинираат иновативни проекти на кои наши студенти, водени од наши професори и истражувачи, ќе работат заедно со компаниите и на тој начин истовремено ќе обезбедиме и практична работа за студентите, но и работа што е од интерес за компаниите. Веруваме дека ваквиот начин на соработка е од заемен интерес. „Инофеит“ го става целокупниот човечки и лабораториски потенцијал на ФЕИТ на располагање на своите корисници. Тоа значи дека студентите во центарот ќе добијат поддршка од професори што се постојано во тек со сите светски трендови на полето на електротехниката и информациските технологии и ќе добијат можност да ги тестираат своите идеи во лабораториите на ФЕИТ, кои се најсовремени и имаат вредност поголема од 2 милиона евра. „Инофеит“ ќе понуди и услуги во насока на трансфер на технологија, заштита на интелектуални права и лиценцирање за користење развиени иновации – вели управителот на „Инофеит“, проф. д-р Владимир Атанасовски.