Обилниот снег го одложи утрешното коло

186

Поради снегот (во просек над 20 сантиметри во поголемиот дел од Македонија), завеаните патишта и игралишта, натпреварите од 22-то коло во Првата фудбалска лига на Македонија закажани за утре, се одложуваат за недела. Така одлучи Натпреварувачката комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Во 21-то коло водечката Шкендија триумфира над Академија Пандев (1-0) во натпревар во кој домашните од 21-та минута имаа играч помалку поради исклучувањето на Енис Фазлагиќ. Шкендија потоа промаши и два пенала, а во 53-та минута беше исклучен и Константин Чешмеџиев од гостинскиот состав. Со тие три бода, и по поразот на Вардар во градското дерби од Работнички, 1-2, Шкендија се зацврсти на лидерската позиција со 11 поени предност.

Победа и Шкупи го одиграа најефикасниот натпревар, на кој беа постигнати шест гола (3-3). Гостите водеа со 2-0, но прилепчани, кои беа домаќини во Битола, успеаја да направат пресврт и да спасат еден бод.

Скопје беше многу блиску до втората победа сезонава, водеше со 1-0 до 89-та минута од дуелот со Ренова (1-1). Потоа во судиското продолжение не искористи пенал. Мечот во Кратово помеѓу Силекс и Пелистер беше одложен.