Обезбедени проѕирни кутии за општите избори

29

На општите избори на седми октомври во Босна и Херцеговина првпат ќе бидат користени проѕирни гласачки кутии. Мисијата на ОБСЕ во БиХ, со финансиска поддршка на владите на САД, Велика Британија и на Норвешка обезбедија 10.000 транспарентни кутии со кои ќе бидат покриени сите 5.500 избирачки места во земјата.
– Овие гласачки кутии ја зголемуваат довербата во изборниот процес. Кутиите што досега се користени се дотраени и не обезбедуваат транспарентно гласање и се непрактични за транспорт – изјави Ирена Хаџиабдиќ, претседателка на Централната изборна комисија на БиХ.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, Брус Бертон, рече дека не може да се занемари фактот што моменталната состојба во демократијата во земјата не е совршена.
– Голем број граѓани немаат доверба во изборниот процес. Ефикасната демократија значи дека јавноста треба да има доверба во изборите. Мисијата на ОБСЕ одговори на сите барања на ЦИК, кои опфаќаа надградба на софтверот за известување на општинските изборни комисии за изборните резултати, изработка на еднообразна методологија за изведување обуки за членовите на изборните комисии и друго – изјави Бертон.

Тој нагласи дека овие активности не можат да го сменат радикално изборниот процес, ни состојбата на демократијата во БиХ, како и проблемите поврзани со неодржаните локални избори во Мостар со последните десетина години.