Нуклеарниот бомбардер „Б-52“ над Македонија

2309

Во функција на најголемата и најсложена воена вежба, која започна вчера на полигонот Криволак и ќе трае до 9 јули, земјава ќе ја надлета и стратегискиот бомбардер „Б-52 стратофортрес“. Во минатото токму овие бомбардери се покажале како клучно оружје и за време на спроведувањето на војните на Блискиот Исток, како и во воздухопловните операции насочени против силите на талибанците во Авганистан. Што ќе се вежба наредните денови на Криволак и дали е можно влијание врз животната средина

Започна најголемата и најсложена воена вежба, која досега била одржана во Македонија. На воениот полигон Криволак повеќе од еден месец, односно во период меѓу 5 јуни и 9 јули, ќе вежбаат 2.700 војници од шест земји, кои ќе учествуваат во воената вежба насловена „Одлучен удар“.
Според најавите на надлежните, за време на вежбата трупите од шест држави ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен.
Она што е импозантно во овој случај е што на денот за високи гости, на 17 јуни, над Криволак во вежбата ќе учествуваат два американски ловци „Ф-16“, но и стратегиски бомбардер „Б-52 стратофортрес“.

Во меѓувреме, за време на „Одлучен удар“ воени активности ќе увежбува компонента од конвенционални сили со два баталјона на механизирана пешадија на АРМ, два баталјона од 56-та „Страјкер-бригада“ на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериски баталјон со сили од Литванија и од Црна Гора и македонски и американски хеликоптери.
Сојузничките војски на Криволак ќе тренираат и специјални операции, а во нив ќе бидат вклучени тимови од специјалните сили на АРМ, „зелени беретки“ од 19-та Група на специјални сили од Националната гарда на САД и тимови од специјалните сили на Албанија и на Бугарија.

Дополнително на воените маневри ќе има севкупно 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.
Во информацијата до медиумите надлежните посочуваат дека на гаѓањата војските ќе се користат обична, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум.
Инаку, воениот маневар е организиран во партнерство со Армијата на САД и е дел од комплексот вежби на Европската команда на САД (ЕУЦОМ) „Сајбер-гардијан 19“ во црноморскиот и во балканскиот регион.
Тимоти Бјукен, одбранбено аташе на САД, за домашните медиуми информира дека ова е четврта вежба од регионална важност, која ја организираат со Македонија во последните две години.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски во својот осврт на случувањата вели дека со надлетувањето на бомбардерот „Б-52 стратофортрес“ над Криволак ќе се изврши практична демонстрација на борбена моќ на сојузничките армии.
Според познавачот на случувањата, бомбардерот над Криволак ќе демонстрира нападни активности и дејства, а со тоа на воената вежба вежбовните цели ќе бидат повеќе ориентирани врз тежиштето за одбрана на војските од овој тип воздушни закани.

– Во таа смисла тој бомбардер, кој ќе биде придружуван од неколку борбени авиони ловци над Криволак ќе дејствува во правец на уништување на непријателски цели, објекти и војска, а трупите на земја ќе вежбаат како да се заштитат од него, да се прикријат и да се маскираат – вели Марковски.

Според аналитичарот, бомбардерот најверојатно нема да исфрли експлозиви на полигонот, тој само ќе ја прелета земјата и ќе го обиколи Криволак.
Маркоски објаснува дека ова моќно оружје во воздухот во своите операции ќе биде координирано од воената база од која пристигнало во државата на армијата на која ѝ припаѓа, но и од македонското цивилно воздухопловство, кое, пак, ќе му го овозможи безбедниот прелет над воздушниот коридор во државата.


Нема загадување врз животната околина

Низ годините експертите за заштита на животната околина предупредуваат дека се можни штети врз екологијата и врз земјоделските култури што доминираат во реонот околу полигонот Криволак. Еколошките активисти истакнуваат дека при боевите гаѓања се ослободуваат големи количества штетни и опасни материи и кубни метри штетни гасови, кои од тренинг-центарот се разнесуваат со ветровите низ земјата, а тоа никој не може да го контролира. Сепак, за потсетување, во 2011 година по барање од нашата држава била подготвена еколошка студија од страна на словенечките министерства за одбрана и за екологија во рамките на проектот за промовирање на полигонот Криволак во регионален тренинг-центар. Студијата тогаш покажала дека нема загадување на полигонот Криволак. Во анализата била направена геохемиска карта на сите квадратни километри што ги зафаќа Криволак, како и анализи на геохемискиот состав на водата, почвата и на воздухот. Извршена е и анализа на животинскиот и на растителниот свет, а земени се и примероци од косата на војниците што подолг период престојувале на полигонот.


Колкава е моќта на „Б-52“

Авион на американските воздухопловни сили, бомбардерот „Б-52 стратофортрес“, претставува едно од најмоќните оружја во арсеналот на летала на војската на САД. Леталото од своето пуштање во употреба од 1955 година па досега, било употребувано во голем број војни, конфликти и судири каде што учествувала армијата на Америка.
Американскиот интернет-портал „Милитери“ пишува дека воздухопловот е произведен од компанијата „Боинг“, и тоа претставува едно од најзначајните стратегиски оружја, кое го одбележува американското дејствување во периодот на Студената војна бидејќи примарна употреба му е да пренесува нуклеарно оружје.
– Леталото е способно да лета на големи висини и може да пренесува нуклеарно оружје, конвенционални бомби и прецизно наведувани ракети – пишува порталот „Милитери“.
Според медиумот, овие бомбардери се покажале како клучно оружје и за време на спроведување на војните на Блискиот Исток, како и во воздухопловните операции насочени против силите на талибанците во Авганистан.


Криволак нуди идеални услови за воени вежби

Полигонот е зачнат како строго доверлива воена тајна на ЈНА од 1963 година и е една од највредните работи што ги поседува АРМ. Тој важи за најдобриот воен полигон на европска почва. Со површина од над 1.200 квадратни километри, односно 22 километри во правец север-југ и 18 километри исток-запад, полигонот зафаќа речиси пет отсто од вкупната територија на државата.
Американскиот сенатор Џејмс Риш, коментирајќи го полигонот Криволак во една пригода, истакна дека тој е најголемата придобивка од членството на Македонија во НАТО бидејќи е едно од најголемите вежбалишта во овој дел од Балканот.
Според надлежните, станува збор за уникатен простор во регионот што овозможува обука во различни услови, а особено е погоден за обука на војници што се испраќаат во мисии во ризичните региони како што се Авганистан, Ирак и Африка.
Во Европа, Криволак е втор по големина, а во регионот е прв во споредба со полигоните од соседството – Мањача, Слуњ, Пасуленски Ливади, Бунавија, Бизе и Хасково.
Данската армија е особено заинтересирана за користење на Криволак. Оваа земја веќе донира по 100.000 евра секоја година за купување контејнери за сместување војници во кампови во Криволак.
Криволак е идеален како полигон за вежбање и поради крајно суровите, безмалку пустински услови – нискостеблести растенија и температури и до 50 Целзиусови степени налето. Во зима температурата паѓа до минус 10 степени.
Според техничките предиспозиции, полигонот е погоден за тактички вежби на сите видови единици, боеви гаѓања до ниво на баталјон, за совладување водни пречки, изведување АБХО-обука итн.

[email protected]