„Ноуб 100“ – електричен автомобил со 3 тркала

296

Компанијата од Естонија „Ноуб“ го понуди концептот за својот најнов електричен автомобил наречен „ноуб 100“. Необичниот, ретродизајн и поставката со само 3 тркала создава навистина уникатен модел и нешто што досега не е видено во светот на автомобилизмот. Стартап-бизнисот е создаден од Роман Мулџар, кој има цел со ова електрично возило да понуди нов начин на дизајнирање и иновативни чекори во автомобилското инженерство. Електричното возило изгледа навистина интересно и останува да се види, доколку биде произведено, како ќе биде прифатено на светскиот пазар и колкав ќе биде интересот за него.

Кога станува збор за карактеристиките, „ноуб 100“ е значително поразличен од сите други автомобили со 3 тркала што се појавиле досега. Најчесто, возилата со 3 тркала се мотоцикли, но естонскиот електричен автомобил нуди нешто ново и необично со својот уникатен дизајн и креативна поставка.
Идејата на Роман Мулџар за „ноуб 100“ е лакот на движење на возилото да биде пофлексибилен од оној кај класичните автомобили, а придружно, поради своите мали димензии, да биде лесен и прикладен за паркирање. Технички, возилото е класифицирано како трицикл, што значи дека спаѓа во истата категорија како и мотоциклите. Исто така, има покрив што може да се вади и повторно да се поставува, што го прави и прв електричен автомобил што има можност да биде и кабриолет.
Внатрешниот дизајн е минималистички, со аналогни метални рачки, кои се хромирани и волан што потсеќа на возилата создадени во 30-тите години на минатиот век. Со оглед на формата, возилото најверојатно ќе може да пренесува максимум 3 лица, со можност да се пренесува и ограничено количество багаж во задниот дел.

Но, дизајнот не е единствениот аспект од ова возило што треба да го привлече купувачот. Поточно, „ноуб 100“, како електрично возило, нема никакви штетни емисии на гасови во животната средина и користи делови што се 100 отсто повторно употребливи, а постои и можност тие целосно да се рециклираат.
Возилото има две батерии, доколку при возење едната се испразни, целосното време на полнење на една од нив изнесува околу 2 часа. Со една целосно полна батерија, „ноуб 100“ би можел да измине околу 220 километри, а максималната брзина што ќе може да ја достигне би била околу 110 километри на час.
Проектот се финансира преку концептот „краудфандинг“, односно луѓе што се заинтересирани за возилото и за неговото креирање, може да ѝ донираат на компанијата за негова реализација. Досега компанијата „Ноуб“ има собрано околу 1 милион евра за реализирање на идејата и интересот за возилото е во константен пораст.


Калифорнија тестира дигитални регистарски таблички

Калифорнија ќе стане првата сојузна држава во Соединетите Американски Држави што ќе почне со тестирање дигитални регистарски таблички за автомобили. Откако властите во оваа сојузна земја го одобрија овој амбициозен проект, градот ќе почне да ја тестира новата технологија на сопствените службени автомобили.
Дигиталните регистарски таблички користат нов комуникациски систем и инвентивна безжична технологија. Системот функционира така што за одредена сума пари и месечен надоместок, корисниците што ги поседуваат овие таблички нема да имаат обврска да ги регистрираат своите возила и да лепат лепенки на предното стакло, туку ќе можат онлајн да ги завршуваат овие обврски. Според некои информации од медиумите од Калифорнија, овие регистарски таблички ќе може и да се персонализираат и возачите сами ќе можат да одлучат што ќе пишува на нив.
Слично како на дигиталните регистарски таблички, кои веќе се пуштени во употреба во Дубаи, оние во Калифорнија ќе можат да го известат сопственикот на возилото и полицијата доколку тоа е украдено. Дополнително, табличката исто така ќе може да ја извести полицијата и доколку табличката е извадена од возилото или оштетена на каков било начин.
Последните информации велат дека корисниците ќе можат да ги набават табличките само од дилерите на автомобили и дека тие воопшто нема да бидат евтини, дури и за високиот американски стандард. Шпекулациите велат дека дигиталните таблички би чинеле околу 700 долари без инсталација, со дополнителен трошок од 7 долари месечно за нивно одржување.
Со имплементацијата на оваа нова технологија, голем број возачи и корисници на моторни возила го отворија прашањето за тоа дали полицијата и приватните компании ќе можат да го следат движењето на возилата што ги имаат табличките. Исто така, поголемиот дел од познавачите на состојбите во оваа сфера сметаат дека овие дигитални таблички најчесто ќе ги користат компаниите со голем број службени возила, бидејќи можат да се користат како „билборд“ во движење, поради тоа што тие дозволуваат брза и лесна модификација на нивната содржина, сѐ додека бројот на возилото останува објавен во горниот десен дел на табличката. П.С.