Ноември е најдобар месец за лов на дива коза

78

Тоа е време кога тие се парат, па повремено доаѓа до борба помеѓу мажјаците, со што им попушта вниманието, па ловџијата може да им се приближи поблиску

Поради местото каде што живее, ловот на дивата коза бара голема умешност од ловџијата, кој, пак, е пожелно да не оди сам. Таа е многу внимателна и според ловџиски извори, најдобро е да се лови во ноември. Тоа е време кога тие се парат, па повремено доаѓа до борба помеѓу мажјаците, со што им попушта вниманието, па ловџијата може да им се приближи поблиску.

Поради изгледот на теренот во просторот каде што престојуваат нема никакви човечки активности, па затоа и никако не можат целосно да се привикнат на нив, за разлика, на пример, од дивите свињи и елените. Поради недостиг од човечки активности во пределите каде што се движат, појавата на човекот кај дивите кози веднаш предизвикува зголемена претпазливост, односно според некои верзии, тие можат да го забележат ловџијата и ако е оддалечен од нив дури 500 метри.

За лов на дивите кози обично се користи карабин, а многу поретко можат да се видат пушки. Околу изборот на калибарот и тежината на зрното, секој ловџија треба самиот да одлучи што најдобро му лежи. Употребата на оптичките нишани е многу корисно и пожелно е тие да бидат што поквалитетни. Исто така и двогледот е многу потребен, оти со него може да се прегледа широк терен, а претставува и најдобриот начин да им се приближи без многу движење, со што и дивокозите ќе бидат помалку вознемирени.
Поради комплексноста на ловот, потребно е ловџијата да биде во добра кондиција, со себе да понесе само основна опрема, која му е потребна, доволно храна и вода.

Доколку условите не се добри за движење по карстниот предел или за лов (непосредно по дожд или кога има магла), ловџијата и не треба да оди. Треба да се води сметка и за тоа дека по отстрелот ловџијата треба по тешко проодниот терен да ја носи со себе и дивата коза.

На Балканот дивокозата повеќе ја има во Македонија и во Словенија, а една од државите каде што најмногу се лови е Нов Зеланд, каде што тие подоцна се донесени, а потоа и приспособени на тамошните услови.


Есенски и зимски риболов

Погрешната дестинација, особено во зимскиот период, нема да донесе некој позначаен улов, а може и никаков, за разлика од потоплите месеци кога рибата ја има секаде

Успешноста за есенскиот и за зимскиот риболов многу зависи од изборот на местото каде што рибарот има намера да ја фрли јадицата. Погрешната дестинација, особено во зимскиот период, нема да донесе некој позначаен улов, а може и никаков, за разлика од потоплите месеци кога рибата ја има секаде.
Во зимскиот период е сосема поинаку. Некои риби во тој период не јадат ништо, некои сосема малку и тоа во различни временски интервали. Меѓутоа, иако рибите немаат апетит, сепак може да се улови нешто. Малиот или пукнат слој мраз над водата укажува дека тука температурата на водата за некој степен е повисока (може и до 1-2 степена), но тоа е многу битно за рибата. Исто така големата концентрација на риби може да ги стопи слоевите со мраз на некои места со нивното присуство, за разлика од други водни површини каде што тие не се многубројни.

Разните испусти на топла вода, потоа потопените дрва, некои препреки како што се камен или карпа, се идеално место за групирање на рибите, но и не мора да значи дека рибите секогаш мора да се присутни тука. Се случува рибата да запамети како на одредени места има лесно дофатлива храна, па затоа и ги посетува почесто, додека рибарот губи време на некое друго место каде што рибата, иако е во група, сепак се храни на сосема друго место.
Количеството храна за рибите треба да се сведе на минимум, за да не се прехранат кога ќе почнат да ја јадат. Некои рибари, пак, користат врзана лажица на врвот на рибарскиот стап или на некои долги гранки за точно да ја сервираат храната на одредено замислено место во водата.

Доцната есен и зимата се лажливи што се однесува до температурата, па така секој сончев ден и покачување на температурата треба да се искористат за рибарење. Притоа е важно рибарот добро да се облече, да биде стоплен, особено на нозете. Исто така пожелно е да се има барем парче стиропор и да се застане на него со нозете. Ова е проверен систем за да се одбегне евентуалната настинка. Ако рибарот е слабо облечен, а рибата почне да „удира“, тогаш тој целосно ќе заборави на студот и лесно може да се разболи.