Ново „корона-вето“ за Македонија

1110
Фото: Игор Бансколиев

Суспендирањето на активностите на шпанскиот Сенат поради коронавирусот, како и најавите за одложување на седниците и воведувањето превентивно-заштитни мерки на европските политички институции, ги зголемуваат стравувањата дека коронавирусот може да биде „новото вето“ за евроатлантските интеграции на земјава

Веќе е извесно дека психозата предизвикана од заканата на коронавирусот, воспоставува нови начини на функционирање во секојдневниот живот, секаде низ Европа (и светот), за превенција и спречување на неговото ширење.
Тоа неизбежно се одразува и врз функционирањето на европските политички институции, што укажува на можноста за ново одложување на одлуките поврзани со евроатлантските интеграции на Македонија.
Имено, шпанскиот Сенат ги суспендира сите предвидени активности во наредните денови, поради мерките за заштита од коронавирусот. Првата потпретседателка на Сенатот, Кристина Нарбона, објави дека сите закажани пленарни седници и состаноци на работните тела ќе бидат одложени, без да прецизира кога ќе бидат презакажани. Причина е детектиран вирус кај генералниот секретар на ултрадесничарската партија Вокс, кој инаку е член на Конгресот.
Суспендирањето на активностите на шпанскиот Сенат, пак, е во директна корелација со очекувањето на Македонија целосно формално да го заокружи своето членство во НАТО и официјално да стане 30-та членка на Алијансата. Нефункционирањето на шпанскиот Сенат, значи дека ќе биде одолжено донесувањето и на одлуката за ратификување на протоколот за членство на Македонија во НАТО, а Шпанија е последната од 29-те членки што треба да го стори тоа, пред протоколот да биде депониран во Вашингтон.

Во моментов приоритет број еден секаде во светот и во Европа е справувањето со новиот опасен вирус и сосема извесно е другите прашања, меѓу кои и нашата евроинтеграција, да се стават во втор план
Освен тоа, превентивно-заштитните мерки на европските политички институции, ја зголемуваат неизвесноста за одржувањето на Советот на Европа во Брисел, на крајот од март (26 и 27март), каде што повторно се насочени надежите на Македонија за добивање датум за почеток на преговори за членство во Унијата. По речиси петнаесетгодишниот кандидатски статус на земјава, со постојано нови изговори на ЕУ за недонесување одлука за почеток на преговарачкиот процес (и покрај позитивните извештаи на Европската комисија и сите болни промени што ги направи Македонија), сега се јавува стравот дека коронавирусот може да биде „новото вето“ за евроатлантските интеграции на земјава.

– Сѐ уште е многу рано да претпоставуваме дали сесијата на Советот на Европа, на крајот од месецов ќе биде одложена поради мерките за заштита од коронавирусот, но и да се случи тоа, сепак ќе биде одложување од техничка природа. Секако, Советот на ЕУ има можност и да работи од далечина (доколку загрозеноста од коронавирусот ескалира до тој степен), но во такви услови не сум сигурна колку ќе им биде приоритет да го стават на дневен ред носењето одлука за започнување преговори со нови членки. Нам, сигналот, како датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, секако ни е потребен, но кога се работи за виша сила, како закана од епидемија, не можеме многу да влијаеме – вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики од Скопје.

Официјална одлука за (не)одржувањето на мартовската сесија на Советот на ЕУ засега нема, иако минатата седмица секретаријатот на Советот, во консултација со земјите-членки, препорача да се намали бројот на состаноци на разните подготвителни тела и работни групи во Советот, а одлуките кои состаноци ќе се одржат ќе ги носи претседателството на ЕУ.
Исто така, ќе се намали бројот на делегации што ќе учествуваат на состаноците, а ќе се ограничат и локациите каде што ќе можат да патуваат претставници на ова тело. Дополнителна загриженост внесува и првиот смртен случај од коронавирус во Брисел.

Сепак, познавачите на евроатлантските процеси сметаат дека евентуалното одложување на носењето одлука за почеток на преговорите со Македонија, не значи промена во политичката волја на ЕУ за проширување. Но, секако, укажуваат дека тоа може да се одрази на времетраењето на процесот на пристапување, но за тоа повеќе причина гледаат во промената на методологијата за пристапување.
И од македонските институции што го водат процесот на евроинтеграција, сметаат дека евентуалното одложување на одлуката за датум за почеток на преговорите не би било со политичка заднина, а доколку се откаже сесијата на Советот на ЕУ (поради коронавирусот) на тоа, секако, не можеме да влијаеме.
Од друга страна, пак, одлуката за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, како и членството во НАТО, се претпоставува дека може да имаат некакво влијание врз политичката кампања и евентуално врз исходот од предвремените парламентарни избори во Македонија, закажани за 12 април. 


Мрачни прогнози на Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел даде мрачни прогнози пред парламентот, проценувајќи дека 60-70 отсто од германското население би можело во одреден момент да заболи од коронавирус.
Во Германија досега се потврдени 1.400 случаи на коронавирус, а починаа двајца. Во регионот, во Албанија пред три дена беа потврдени 12 случаи на корона, а во текот на вчерашниот ден таму беше регистриран и првиот смртен случај.
Во Србија, пак, досега се потврдени 12 случаи на коронавирус. Најмалку илјада луѓе вчера се појавиле пред белградската Воено-медицинска академија исплашени дека можеби се заразени од коронавирусот, објавија српските медиуми.