Ново будење на Европа?

478

Зборувајќи пред повеќе од 250 француски дипломати и пратеници во Париз, Макрон предупреди дека ЕУ не смее повеќе да зависи од Америка, кога станува збор за гарантирањето на безбедноста

Дали Европа конечно се буди? Оние што будно ја следат европската политика, сигурно често си го поставуваат ова прашање во изминатите денови. Чешкајќи се по главите, експертите и познавачите на состојбите се обидуваат да ги дешифрираат пораките што стигнуваат од моторот на ЕУ – Франција и Германија. Како по некој договор, од Париз и од Берлин стигнуваат повици за европско единство и дистанцирање од Вашингтон. Но, да почнеме по хронолошки ред.

Прво, францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот порача дека ЕУ не смее повеќе да зависи од САД, кога станува збор за гарантирањето на безбедноста. Зборувајќи пред повеќе од 250 француски дипломати и пратеници во Париз, Макрон истакна дека Европејците мора да ја преземат контролата врз сопствената одбрана. Европа, според него, за жал, сѐ уште не ја сметаат за светска сила, а таквиот став е застапен како кај сојузниците, така и кај глобалните ривали. Па, така, францускиот лидер ќе праша: „Дали Кина и САД ја сметаат Европа за сила со слична независност како нивната? Мислам дека не ја сметаат“. Макрон отиде уште подалеку и порача дека дебатата за соработката во одбраната треба да биде проширена со сите земји од ЕУ, како и со Русија, но само под услов да биде направен напредок за ставање крај на конфликтот во источна Украина. Сигурно предлогот за вклучување на Москва во европската дебата за безбедност нема воопшто да им се допадне на стратезите во Пентагон, но нејсе.

Претходно се огласи и германската канцеларка Ангела Меркел, која силно ја поддржа идејата за европска заедничка одбрана. Меркел истакна и дека го поддржува проектот за формирање европски сили за интервенција. Коментирајќи ги комплицираните односи со САД, таа порача дека Германија мора во свои раце да преземе дел од контролата врз сопствената судбина.

Коментирајќи ги комплицираните односи со САД, канцеларката Ангела Меркел порача дека Германија мора во свои раце да преземе дел од контролата врз сопствената судбина

Тоа значи дека повеќе ќе мора да се потпреме на Европа, што значи дека Германија ќе треба да преземе поголема одговорност за европската безбедност, истакна германската канцеларка во интервјуто за телевизијата АРД.

Шефицата на германската влада не ја испушти шансата да испрати јасна порака, додавајќи дека Берлин е блиску до Париз за ова прашање. Од друга старана, и германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас ја повика Европа да го преземе својот дел од одговорноста и да создаде „противтежа“ за Вашингтон.
Првиот човек на германската дипломатија изјави дека Европа мора да ги засили своите активности на Блискиот Исток, Африка и во Западен Балкан, бидејќи трошоците од војна, сиромаштија и раселување во неговото соседство ги носат Европејците.

Притоа, тој јасно стави до знаење дека кога зборува за ребаланс во односите меѓу Европа и САД, целта никогаш не е „Европа на прво место“, алудирајќи на изборниот слоган на Доналд Трамп, „Америка на прво место“. И токму тука доаѓаме до најверојатната причина за ова европско будење, за овој изблик на повици за европско единство и за „истапување“ чекор напред од сенката, што повеќе од половина век ја нуди американскиот безбедносен чадор во Европа.

Трамп не го крие презирот кон ЕУ, а во повеќе наврати го доведе во искушение и сојузничкиот дух во НАТО, критикувајќи ги поголемиот дел од членките дека не го покриваат својот (финансиски) дел од обврските кон воената алијанса. На јулскиот самит на Алијансата, американскиот лидер повторно побара од европските земји да го зголемат воениот буџет на барем два отсто од нивниот БДП, цел што дури ни богатата Германија сѐ уште ја нема исполнето. Лани, пак, Трамп ги растревожи сојузниците во НАТО, заканувајќи се дека Вашингтон нема безусловно да го почитува членот 5 од Северноатлантскиот договор, односно Америка да застане во одбрана на нападнатиот сојузник, ако не се зголемат издатоците за одбраната кај одредени земји-членки.

Францускиот претседател Макрон можеби најубаво го објасни ова будење на Европа од геополитичкиот сон и соочување со реалноста на теренот, а таа е дека Трамп, ни се допаѓа или не, посебно на „главите“ во Брисел, Берлин и Париз, е решен да ја оствари агендата „Америка на прво место“, макар и по цена на уназадување на трансатлантските односи.

Мултилатерализмот поминува низ голема криза, која се судира со сите наши дипломатски активности, и тоа најмногу поради американската политика. Партнерот со кого Европа го изгради поредокот по Втората светска војна изгледа дека го врти својот грб кон оваа заедничка историја, порача Макрон, критикувајќи го „агресивниот изолационизам“ на Трамп.