Нова суспензија поради непочитување на финансискиот фер плеј

200

УЕФА го казни Милан со една сезона неиграње во европските купови

Италијански фудбалски клуб Милан една сезона нема да има право на настап во европските клупски натпреварувања, поради кршење на правилата на финансискиот фер плеј, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Клубот од Милано нема да игра во сезоната што претстои. Згора „росонерите“ ќе мораат да платат 30 милиони евра.
Милан во Серија А избори пласман за настап во Лигата на Европа за следната сезона, но, сепак, не ќе може да настапи. Регулаторното тело со кое претседаваше Хозе Родригес, утврдило дека италијанскиот великан не се однесувал во согласност со правилата за финансискиот фер плеј. На Милан му останува правото на жалба пред арбитражниот суд во Лозана.

Ова не е прв случај да се изрекуваат вакви казни. Во 2016 година турскиот клуб Галатасарај, кој поради кршење на финансискиот фер плеј, од УЕФА беше исфрлен на една година од европските натпреварувања. Истото тоа во 2015 година се случи и со тогаш четвртопласираниот во првенството на Русија, московски Динамо, кој не можеше да се натпреварува во Лигата на Европа наредната година. Слични суспензии добија и Црвена звезда, Металург Донецк, а парични казни во минатото добиваа Манчестер сити, ПСЖ…
Правилото за финансиски фер плеј УЕФА го воведе во 2011 година. Оттогаш сите клубови учесници во европските натпреварувања се должни да поднесат докази дека не должат пари на други клубови и фудбалери, како и тоа дека ги намириле даночните обврски. Патем клубовите мораат и да докажат дека не потрошиле повеќе пари отколку што заработиле.