Нова ера во односите помеѓу САД и Северна Кореја

94

Клучното прашање е на какви отстапки е подготвен севернокорејскиот лидер и дали ќе се придржува до евентуалните ветувања. Сепак, САД не ни очекуваат дека во Сингапур ќе биде постигнат конечен договор. Трамп го опиша самитот како ситуација за запознавање и порача дека разговорите ќе бидат процес

Севернокорејските државни медиуми пренесуваат дека изолираната азиска земја би можела да воспостави нов однос со САД. Ваквите сигнали од Пјонгјанг пристигнуваат пред денешната историска средба помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Тоа исто така означува голема промена во тонот на Северна Кореја по повеќе децении непријателство кон САД. Во меѓувреме, Трамп порача дека има добро чувство за долгоочекуваниот самит. Двајцата лидери, како што пренесува Би-би-си, пристигнаа во Сингапур на првите разговори помеѓу актуелен претседател на САД и севернокорејски лидер.
Американскиот претседател вчера на Твитер објави дека се чувствува „возбуда во воздухот“ во азиската земја пред самитот. Тој изрази надеж дека средбата ќе биде почетокот на процесот, кој треба да го натера Ким да се откаже од нуклеарното оружје. Државниот севернокорејски весник „Родонг синмун“ оценува дека со средбата Трамп – Ким ќе биде воспоставен нов однос за справување со променливите барања на новата ера.

– Ќе бидат разменети широки и длабоки мислења за формирање постојан и мирољубив режим на Корејскиот Полуостров, и да се решат проблемите што се од заеднички интерес, вклучувајќи го и прашањето за реализирањето на денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров. Дури и ако земјата имала непријателски однос кон нас во минатото, нашиот став е дека ако оваа нација ја почитува нашата автономија, тогаш ќе бараме нормализација преку дијалог – пишува „Родонг синмун“.
Повеќе децении САД се најголемиот непријател на Северна Кореја. Во Пјонгјанг дури има и неколку антиамерикански музеи. Но севернокорејските власти сега сакаат да ја „продадат“ идејата за преговорите со заколнатиот непријател на азиската земја, оценува Би-би-си.
Подготовките за историскиот самит беа и тензични и невообичаени. Средба од ваков тип вообичаено е резервирана како краен резултат на повеќемесечни разговори и дипломатија. Јужнокорејската новинска агенција Јонхап пренесува дека високи дипломати од двете земји вчера се сретнаа во Сингапур, во обид да состават нацрт-договор, кој потоа ќе им го претстават на нивните лидери.

Трамп и Ким имаа исклучително променливи односи во изминатите 18 месеци. Првата година од мандатот на Трамп беше одбележана со остри критики и вербална војна со Ким, додека Северна Кореја истиот период изврши неколку тестирања на балистички проектили. Американскиот претседател успеа да ги засили санкциите на ОН против Северна Кореја и да го убеди севернокорејскиот традиционален сојузник Кина да го следи чекорот на САД. Трамп исто така се закани дека ќе „ослободи оган и гнев“ ако Пјонгјанг продолжи да им се заканува на САД. Од друга страна, Ким го нарече Трамп дека е „психички нестабилен“.
Северна Кореја го изврши својот шести нуклеарен тест во септември 2017 година. Непосредно по тоа, Ким објави дека неговата земја ја постигнала својата мисија да стане нуклеарна сила, со проектили што можат да ја погодат целата територија на САД.

На почетокот од 2018 година се случи голем пресврт во односите. Почна со големото дипломатско приближување на Северна Кореја кон Јужна Кореја во текот на Зимските олимписки игри. Потоа во март, Трамп ја шокираше светската јавност со прифаќањето на поканата од Ким за средба. Според Би-би-си, денуклеаризацијата била централно прашање во подготовките за преговорите. САД бараат од Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје, но се очекува Пјонгјанг да се противи и сѐ уште не е јасно што може да побара за возврат. Ким исто така порача дека сака да се фокусира на изградбата на севернокорејската економија и поради тоа бара олеснување на санкциите и меѓународни инвестиции. Клучното прашање е на какви отстапки е подготвен севернокорејскиот лидер и дали ќе се придржува до евентуалните ветувања. Сепак, САД не ни очекуваат дека во Сингапур ќе биде постигнат конечен договор. Трамп го опиша самитот како ситуација за запознавање и порача дека разговорите ќе бидат процес.


Севернокорејците мислат дека Ким е во ресторан за морска храна

Севернокорејците слабо се информирани за денешната средба помеѓу нивниот лидер Ким Јонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, која ќе се одржи во Сингапур. Покрај тоа што ќе го пренесат државните медиуми, повеќето од граѓаните на Северна Кореја и натаму не знаат дека средбата се одржува во Сингапур. Во неделата уште не беше официјално потврдено дека Ким ја напуштил земјата и дека пристигнал во Сингапур. Наместо тоа, ударните вести во Северна Кореја звучеа сосема вообичаено. На пример, таква е веста дека Ким посетил ресторан за морска храна во Пјонгјанг, пренесува Асошиејтед прес.