Нова војна на зборови меѓу САД и Русија

330

Вашингтон и Москва разменија предупредувања за хемиски напади, додека, пак, Русија ја распоредува својата морнарица пред можната голема офанзива на сириските сили врз последното упориште на бунтовниците во провинцијата Идлиб

Русија распореди десетици воени бродови во Средоземно Море, во најголемата концентрација на руската морнарица од влегувањето во војна во Сирија во 2015 година. Засилувањето следува во момент кога, според повеќето процени, сирискиот претседател Башар ал Асад се подготвува за голема офанзива на последното упориште на бунтовниците, во провинцијата Идлиб. Покрај тоа, Русија ги обвини САД дека формираат сопствена војска на Блискиот Исток, како подготовка за можниот напад врз сириските сили, пренесува Ал џезеира.

Светските медиуми потсетуваат дека руските фрегати „Адмирал Григоровиќ“ и „Адмирал Есен“ поминале во саботата низ Босфор, кон Средоземно Море. Ден претходно, фрегатата „Питлјиви“ и големиот десантен брод „Николај Фиљченко“ поминале по истата маршрута. Покрај тоа, кон регионот претходно заплови и ракетната фрегата „Вишњи Волочег“. Рускиот весник „Известија“ пишува дека ова е најголема концентрација на руската морнарица во Медитеранот по првата интервенција на Русија во Сирија во 2015 година. Според весникот, во моментот се собрани десет брода, од кои повеќето се вооружени со крстосувачки проектили со голем дострел „калибр“. Дополнителни бродови се подготвуваат да испловат кон Медитеранот, каде што Москва веќе распореди и две подморници. Сириската влада, според Ал џезеира, забрзано се подготвува за претстојната офанзива во провинцијата Идлиб, во која живеат три милиони лица и голем број припадници на Ал каеда и другите сириски бунтовнички групи. Провинцијата се граничи со Турција, која е загрижена дека офанзивата би можела да предизвика хуманитарна и безбедносна катастрофа.

Од друга страна, официјален Вашингтон ги предупреди Москва и Дамаск да не користат хемиско оружје во претстојната офанзива врз бунтовничкото упориште. Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нуерт, изјави дека САД на соодветен начин ќе одговорат на секоја потврдена употреба на хемиско оружје во Идлиб или во други делови на Сирија. Претходно, Кремљ ги обвини сириските бунтовници дека подготвуваат хемиски напад, за кој Москва тврди дека ќе биде искористен како повод за нападот на западните сили врз сириската војска. Според руското МНР, група, поврзана со Ал каеда, подготвува напад во провинцијата Идлиб, кој треба да биде во „режија“ на т.н. Бели шлемови.

Деновиве се одбележуваат пет години од наводниот напад со хемиско оружје во Источна Гута, за кој беа обвинети силите лојални на претседателот Асад. По наводните хемиски напади во 2017 и 2018 година, САД извршија воздушни напади врз сириските сили.