Новата лимузина на Владимир Путин

1563

Новата лимузина на рускиот претседател Владимир Путин ги помина тестовите за безбедност и за некое време ќе почне да го пренесува еден од највлијателните луѓе на планетата Земја. Автомобилот се тестирал и развивал навистина долг период. Автомобилот што ги мина сите тестирања за сообраќајни несреќи и удари, ќе биде едно од најлуксузните возила во Русија, а можеби и пошироко.

Министерот за трговија на Русија, Денис Мантуров, за рускиот дневен весник „Русија денес“ изјави дека автомобилот првпат јавноста ќе може да го види на инаугурацијата на Владимир Путин на 7 мај. Се очекува автомобилот да биде пренесен во Кремлин пред крајот на овој месец, со што ќе остави време службите на рускиот претседател да одлучат дали ќе го користат овој автомобил или некој друг. Се претпоставува дека реизбраниот претседател Путин тесно се вклучил во проектот на создавање на возилото и дека и самиот тој ги тестирал и прототип-верзиите на луксузното возило.
Кога станува збор за конкретните спецификации, мошне е разбирливо тоа дека информациите се ограничени. Се шпекулира дека луксузниот претседателски автомобил има блиндирана надворешност и дека моторот што го користи е на „порше“. Станува збор за 4.6 литарски В8 мотор со турбочарџер, кој развива 592 коњски сили и има девет брзини. Целиот проект е наречен „Кортеж“ и автомобилот се развива во соработка со германските компании „Порше“ и „Бош“.

Дел од необичните додатоци, кои се шпекулира дека ќе ги има ова возило, се: боци со кислород, резервно ќесе крв и неверојатно дебели оклопи на вратите. Голем број луѓе во руската јавност се шегуваа дека овој автомобил би издржал и директен удар од ракетен фрлач.
Сите аспекти за претседателската лимузина на рускиот претседател звучат како да се дел од стартап-бизнис – од иницијална платформа до создавање најразлични видови луксузни автомобили („седан“, „хеџбек“ и мали компактни возила).
Всушност, целата приказна дека ова е стартап-бизнис и не е многу далеку од вистината.

Следната година, руската влада планира да произведе илјадници нови автомобили за интерно користење и за потребите на руските безбедносни сили. Постојат шпекулации, кои велат дека овие автомобили би излегле и на јавните пазари во 2019 година. Според информациите, се очекува руската влада да потроши околу 119 милиони долари за новите возила.