Новата верзија на „Кралот Лав“ ги маѓепса и скопјанчињата

85

Новата верзија на Дизниевиот анимиран филм „Кралот Лав“, што имаат можност да ја видат и децата во Скопје, во режија на Џон Фавро, повторно нѐ води во африканските савани, оживувајќи ја добро познатата приказна за раѓањето на идниот крал, со користење нови и смели визуелни ефекти. Гласот го позајмија ѕвездите на американскиот шоу-бизнис: Бијонсе, Доналд Гловер и Сет Роген. Обожавателите на оригиналниот филм беа одушевени кога го слушнаа гласот на нараторот Џејм Ерл Џоунс, кој му го позајмува гласот на првиот крал Муфаса и во верзијата од 1994 година, но и во новото остварување.

А за да ве заинтересираме и вие да го погледнете овој интересен анимиран филм, како создаден за овој дел од летото, ќе ви пренесеме дел од содржината.

Во африканската савана се раѓа идниот крал Симба, кој го обожава својот татко, кралот Муфаса и срдечно ја прифаќа својата кралска судбина. Но на раѓањето на новото младенче, не му се радуваат сите во кралството. Скар, братот на Муфаса, до тој момент наследник на кралскиот престол, има други планови. Борбата за кралството е обележана со предавство, трагедија и драма што ќе се заврши со прогонство на Симба. Со помош на новите необични и занимливи пријатели, Симба ќе мора да пронајде начин да порасне и да го врати тоа што му припаѓа од раѓање…