Нил Јанг и Дерил Хана си разменија прстени

378

Иконата на фолк-рокот, Нил Јанг (72), и глумицата Дерил Хана (52) се венчаа минатиот викенд, далеку од очите на јавноста. Музичарот и познатата глумица се во врска од 2014 година, а јавноста дозна дека склучиле брак благодарение на честитката на Фејсбук од гитаристот Марк Милер.

„Честитки до Дерил Хана и Нил Јанг за венчавката, им посакувам долга и среќна врска“, напишал Милер.

Инаку, ова ѝ е прв брак на Дерил Хана. Таа претходно беше во долга врска со Џон Кенеди Јуниор и со музичарот Џексон Браун.

Нил Јанг првпат се оженил во 1968 година, со сопственичката на ресторан Сузан Ачеведо. По две години таа побарала развод. Од 1970 до 1975 бил во врска со глумицата Кери Снодгрес, со која го има синот Зик (46). Својата втора сопруга Пеги Јанг, Нил ја запознал во 1974-та, додека работела како келнерка во сендвичарница во близината на неговиот ранч. Се венчаа во 1978 г. и имаат две деца, Бен и Амбер. Бен и постариот Зик боледуваат од церебрална парализа, а Амбер има епилепсија. Во јули 2014 г., по 36 години брак, Нил Јанг побарал развод од Пеги и оттогаш живее со Дерил Хана.

Годинава тој се појави во фантастичниот вестерн-мјузикл „Парадокс“, кој го режираше неговата сопруга.