Николовски не го подобри ланскиот пласман на СП

127

Во конкуренција на 165 шахисти (25 ВМ, 40 ИМ, 55 ФМ), од 59 држави, тој го освои 107-то место, со 5 поени

Младиот македонски интернационален мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.388 рејтинг-поени), со 5 поени (три победи, четири ремија и четири порази) од 11 можни, го освои 107-то место на Светското првенство (СП) во шах за јуниори во Кочаели (Турција). Со тоа Николовски (рангиран 63-ти пред СП), кој беше единствениот Македонец во конкуренција на 165 шахисти (25 ВМ, 40 ИМ, 55 ФМ), од 59 држави, не успеа да го подобри ланскиот пласман на СП во Италија, кога како ФИДЕ-мајстор (ФМ) по 11 кола заврши на 81-то место со 5,5 поени (четири победи, три ремија и четири порази), во конкуренција на 148 шахисти, а беше рангиран како 58-ми. Тогаш настапија 26 ВМ, 44 ИМ, 27 ФМ…

– На СП до 20 години конкуренцијата беше мошне силна, бидејќи играа најдобрите млади шахисти од целиот свет. До средината на турнирот играв во рамките на моите можности, а потоа послабо и до крајот на првенството не успеав да го подобрам почетниот пласман. Велемајсторскиот бал беше многу тешко да се освои заради силната конкуренција, како и поради начинот на парување. Се надевам дека ќе освојам таков бал на некои наредни турнири до крајот на годинава, бидејќи следуваат Шаховската олимпијада (ШО) и Европскиот клупски куп (ЕКК) – вели Николовски.

Скопскиот шахист, репрезентативец и член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, на ова СП играше со двајца ВМ, еден ИМ, четворица ФМ, двајца мајсторски кандидати и двајца шахисти без титула. Во последните четири кола освои само еден поен (две ремија и два пораза), а во последното 11-то коло загуби од Монголецот Ганзориг Амаргувшин (2.280, рангиран 111-ти), со што загуби и 18,8 рејтинг-поени.

Нов младински светски првак стана иранскиот ВМ Пархам Магшодло (2.649-рангиран прв пред почетокот) со 9,5 поени. Во женска конкуренција славеше Русинката Александра Малтсевскаја (2.234, рангирана 19-та), со 8,5 поени.