Не скоро, туку речиси

86
Владо Димовски

Малку дијалог.
– Петре, каде?
– Влатче, пешачам малку.
– Си почнал секој ден да пешачиш по два часа.
– Скоро секогаш сакам да сум во топ-форма.
– И на овие години?!
– Што, почна да ми ги броиш годините, а?
Се извинив, но и му кажав дека ние не велиме скоро, туку речиси. Речиси секогаш сакам да бидам во топ-форма.
А, од мене и еден топ-афоризам: Имаме одличен просек: секој петти е неписмен, секој четврти е… писател!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!