Нетанјаху вети анексија на дел од Западниот Брег

210

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе изврши анексија на дел од окупираниот Западен Брег на границата со Јордан доколку повторно биде избран на функцијата. Нетанјаху прецизира дека ќе го прошири израелскиот суверенитет над долината Јордан, која сочинува речиси 30 отсто од Западниот Брег, и над северниот дел на Мртво Море. Таквиот потег, според него, нема да биде направен пред објавувањето на долгоочекуваниот американски мировен план и консултации со претседателот Доналд Трамп.

– Од почит кон претседателот Трамп и големата верба во нашето пријателство, ќе почекам со примената на суверенитетот до објавувањето на политичкиот план на американскиот претседател – порача шефот на израелската влада.

Евентуалната анексија на еврејските населби по сѐ изгледа ќе значи и крај за надежите за формирање независна палестинска држава покрај Израел. Нетанјаху не објасни што ќе направи со територијата на која живеат над два милиони Палестинци. Истовремено, во еврејските населби на Западниот Брег и во анектираниот источен Ерусалим живеат околу 600.000 Израелци.

Најавата на Нетанјаху предизвика остри реакции кај арапските земји и палестинските претставници.

– Планот на Нетанјаху ги урива сите шанси за напредок во израелско-палестинскиот мировен процес – изјави претседателот на Арапската лига, Ахмед Абул Гејт, по состанокот на министрите за надворешни работи на арапските земји во Каиро.
Палестинските власти предупредија дека анексијата што ја вети Нетанјаху ќе ги уништи сите шанси за мир.

– Тоа, несомнено, е кршење на меѓународното право, флагрантен грабеж на земја, тоа е етничко чистење, што значи уништување на решението со две држави и секоја шанса за мир – порача Хана Ашрави од Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО).