Несреќата со детето на улицата Борис Сарафов го забрза поставувањето семафори

1787
Дивеењето по градските улици често резултира со повредени граѓани, а, за жал, неретко има и несреќи во кои тие смртно страдаат Фото: Игор Бансколиев

По сообраќајката на улицата Борис Сарафов десетгодишното дете доби скршеница на черепот, крвавење во мозокот и повредено рамо, но е надвор од животна опасност

Снежана Калабакова

Откако десетгодишно дете во неделата доби тешки телесни повреди во сообраќајната несреќа што се случи во скопската населба Ѓорче Петров, ѓорчепетровци се кренаа на нозе. Настанот на улицата Борис Сарафов ги вознемири скопјани бидејќи и овој пат беше повредено дете, како и пред неполн месец на истата сообраќајница. За проблемот со оваа улица од градот велат дека и претходно се барало решение, но одобрение за поставување семафори добиле минатиот петок. Децата како и возрасните се често жртви во несреќи по скопските улици, а главна причина најчесто е пребрзото возење.

Ѓорчепетровци веднаш по повредувањето на детето излегоа на протест блокирајќи ја улицата со контејнери и побараа поголема безбедност на оваа градска сообраќајница и, секако, ново сообраќајно решение за побезбедно минување на пешаците. Дури се заканија дека ќе продолжат да протестираат доколку не се најде решение. На улицата, велат, поставени се лежечки полицајци, но возачите ги заобиколуваат и возат невнимателно. Скопјани се постојано сведоци на пребрзото возење по скопските сообраќајници и покрај законското ограничување на брзината на 50 километри на час. Кршењето на законското ограничување е постојано и не само од возачите на автомобилите туку и од мотоциклистите, особено сега откако се поповолни временските услови кога тие се повеќе по улиците.

Мототрките, пак, по сообраќајниците стануваат сè позастрашувачки. Дивеењето по градските улици често резултира со повредени граѓани, а, за жал, не ретко има и несреќи во кои тие смртно страдаат. Токму затоа ваквите состојби загрижуваат и се алармантни, а надлежните што поскоро треба да преземат и соодветни мерки.

– Градот Скопје од почетокот на оваа година двапати поднесуваше барање за измена на основниот сообраќаен режим на улицата Борис Сарафов, со воведување светлосна сигнализација. На почетокот од оваа година, ЈП „Улици и патишта“ беше задолжено да изработи основен сообраќаен проект за воведување светлосна сигнализација на улицата Борис Сарафов. Основниот проект беше изработен и упатен до МВР за добивање согласност во текот на месец февруари, оваа година. Министерството за внатрешни работи на ова барање не издаде согласност. Градот Скопје по добиениот одговор, повторно го задолжи јавното претпријатие „Улици и патишта“ да изработи нов основен проект и истиот тој да го достави до МВР за добивање согласност на 3 март годинава.

Градот Скопје за ова барање доби согласност минатиот петок и врз основа на издадената согласност веднаш му беше издаден налог на јавното претпријатие да почне со активностите за изведба на семафорската сигнализација на посочената локација на улицата Борис Сарафов. Регулацијата на сообраќајот и придржувањето кон воспоставениот сообраќаен режим е исклучива надлежност на сообраќајната полиција – велат од градот Скопје. Десетгодишното дете во Ѓорче Петров беше повредено во неделата околу 18.30 часот од патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски таблички, управувано од четириесет и четиригодишен возач.

По ударот повреденото дете беше транспортирано до Ургентниот центар на клиниките „Мајка Тереза“, каде што му беа констатирани тешки телесни повреди, скршеница на черепот, крвавење во мозокот и повредено рамо. Младиот пациент бил задржан на лекување, но според тврдењето на лекарите е надвор од животна опасност. Од Клиниката за неврохирургија информираа дека детето е контактибилно и во стабилна состојба. Лекарите оцениле дека нема потреба од оперативен зафат, но велат дека и понатаму ќе го следат и ќе ја опсервираат негова состојба.