Нервоза во Атина

4208

Веднаш по средбата во Виена, Коѕијас денеска патува за Брисел, каде што ќе оствари средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Дали можеби ова е сигнал дека ЕУ и НАТО ѝ вртат грб на Атина и на нејзините постојани барања, уцени и блокади во однос на ирационалниот и наметнат спор со Македонија

Опсегот на употребата на името и грчкото барање за уставни измени и понатаму останаа едни од најтешките точки без заеднички договор и пред вчерашната нова рунда на разговори во Виена меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија, Никола Димитров, и на Грција, Никос Коѕијас, со посредникот на ОН, Метју Нимиц.

Спроти заедничката средба, чија планирана тајност всушност беше пробиена од грчките медиуми, грчкото министерство за надворешни работи преку соопштение го искритикува еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан за изјавата дека во наредните две недели ќе има решение.
Ваквата изјава на еврокомесарот Јоханес Хан предизвика остра реакција од Атина и беше оценета како „несреќна“.
– Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите, кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува – соопшти МНР на Грција.

Во меѓувреме, вчера, пред почетокот на средбата во Виена меѓу министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, премиерот Зоран Заев изјави дека на секоја средба со Грција гледа како можност за исчекор за решавање на прашањето за името.
– Досега имаме многу успеано. Тоа го потврдуваат и нашите партнери од другата страна на преговарачкиот процес, претставниците на Република Грција. И ние можеме да потврдиме – има напредок што ни дава причина да веруваме дека може да се направи исчекор и сега, во Виена, да ја искористиме секоја можност за приближување кон конечното решение – рече премиерот Зоран.
Во однос на изјавата на Хан дека за две недели е можно решение за името, Заев рече дека ја гледа како пријателска изјава.

– Секој сака што поскоро, една недела порано да се реши овој горлив проблем, зашто е многу важен за Македонија, за Грција, но и за целиот регион, а би рекол и за Европа, зашто европскиот однос преку дијалог да се наоѓаат решенија дури и за вакви чувствителни, суштествени прашања што повеќе од 23-24 години не можеле да се решат, ја испраќа позитивната порака на добра иднина, на градење пријателство и низ дијалог решавање проблеми што се постојано присутни и евентуално проблеми што во иднина ќе се појавуваат овде, на Балканот, а, соодветно на тоа, и во рамките на ЕУ, каде што е нашето место – рече Заев. Според него, Македонија продолжува со оптимизмот.
Претходно министерот Димитров, кој неделава имаше обраќање пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, одговарајќи на прашања што најмногу се однесуваа за спорот за името пред присутните истакна дека во овој момент Македонија жонглира меѓу два интереса.

– Сакаме да го штитиме процесот, но и да ја информираме јавноста. Постои опасност ставовите да станат национални позиции, што оневозможува продолжување на преговорите. Сите ги знаеме позициите на двете страни. Мора креативно да видиме дали може да ги поместиме елементите за да се покрие најважното и за Атина и за Скопје. За да се стори тоа мора повеќе да се разговара – изјави шефот на македонската дипломатија.
Инаку, последната средба на Димитров и Коѕијас беше на 12-ти месецов во Охрид. Тогаш, како што соопштија по состанокот, првпат разговарале за временската рамка и за чекорите и, ако се постигне решение, како тоа ќе изгледа и како ќе се имплементира. Заклучокот од Охрид беше дека останале уште неколку спорни, но најтешки точки.
По овој, најнов вч

ерашен состанок се очекува двајцата министри да се сретнат во Солун, и тоа набргу, во почетокот на мај. Очекувањата и на премиерот Зоран Заев и на европската претставничка Федерика Могерини, која минатата недела беше во Скопје, се дека е можно решение на спорот до јуни, односно до самитот на Европската Унија, на кој треба да се одлучува за датумот за почеток на преговорите за зачленување на Македонија. Во исто време, според најавите, веднаш по средбата во Виена, Коѕијас денеска патува за Брисел, каде што ќе оствари средба и со генералниот секретарот на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на Алијансата.