Неоткриените симболи му даваат печат на македонскиот дизајн

1290

Во македонската култура симболиката на фалусот е поврзана со оплодувањето и плодноста, како и одбрана од стравот од смртта. Овој симбол е искористен во мултимедијален проект што ќе биде претставен на фестивалот „Скопје креатива“ во мај во МКЦ

„Во името на фалусот и срцето, јас сум човек“ е насловен мултимедијалниот проект на Александра Јовановска (моден дизајн) и Екатерина Намичева (индустриски дизајн), кој се состои од презентација на модна колекција од четири машки и три женски парчиња облека, или вкупно 17 дизајнирани парчиња и нивна презентација на дизајнирани закачалки. Проектот ќе биде претставен на фестивалот „Скопје креатива“, во мај во МКЦ. Модната колекција е инспирирана од лична приказна/случка на една од авторките. Настанот се случил на островот Крф, кога Александра Јовановска на песочната плажа Глифада нацртала форма на фалус, за потоа во морето да пронајде песочна фигура на фалус. Случката била предизвик за истражувањето за формата и симболиката на фалусот во старите цивилизации, со посебен акцент за значење во староримската култура (областа Помпеја).

– За Старите Римјани фалусот бил божествен заштитник од злонамерни влијанија, заштитник на младешкиот шарм, како и заштитник на безбедноста на римската држава. Неговата форма често била претставена предимензионирано во однос на човечката анатомија и во еректилна функција. За разлика од Старите Римјани, во македонската култура, симболиката на фалусот е поврзана со оплодувањето и плодноста, како и одбрана од стравот од смртта. Неговата претстава најчесто е присутна во маскираните обреди и поворки преку формите од стап (со задебелување на краевите; суројца, суровица, грабовица), класови пченка, кросно, рачки од рало, праз, лејки и клопотарци, оружје (дрвени ножеви, сабји, пиштоли) и музички инструмент (шупелка, гајда) – велат авторките.

Истражувањето на инспиративните елементи во модната колекција е направено преку изработката на дигитален графички печат како апликација на одредени парчиња. Исто така аплицирани се мотиви со фалус преку рачен вез. Конструкцијата на облеката и додатоците е инспирирана од комбинацијата на облеката за спортување со формалната облека од западната мода на 21 век. Дизајнираните производи (7 постаменти за закачување и 17 парчиња облека) ќе бидат презентирани како инсталациска поставка. Соработник на проектот е Љиљјана Јовановска, техничко лице за реализација на модната колекција. – Во рамките на модната колекција се изработени постаменти. Постаментите за закачување се инспирирани од последната модна тенденција што преовладува во дизајните. Симболите како срце и извичник се директна инспирација од модната колекција – вели Јовановска.

Од материјалите се избрани природни и одредени технолошки материјали, како и ткаенини со одредени шари и текстури. Одредени делови од облеката се изработени во техниката пачворк. Александра Јовановска завршила на Европскиот универзитет – Скопје, постдипломски студии, циклус по арт и дизајн, моден дизајн, на „Академија Италијана – Скопје“ како дипломирана модна дизајнерка. Реализирала повеќе изложби: изложба за дизајн за работни униформи во Тетово, графички дизајн на текстил како соработничка во проектот „Чеиз“ од Јана Менева-Чупоска, модна изложба на детска колекција во МОБ, како и групни претставувања во Националната галерија на Македонија, во Нови Сад, Белград… Соработувала со модниот дизајнер и уметник Никола Ефтимов. Екатерина Намичева е дипломирана инженерка-архитектка на универзитет „Американ колеџ – Скопје“, работела како асистентка на универзитетот ФОН и на Европскиот универзитет.

Реализирала практична работа на проекти поврзани со ерменската култура. Според нив, проектот има цел да поттикне развој на креативните индустрии во Македонија, односно е апел за сериозна поддршка од државата во развој, производство и пласирање македонски дизајн. – Модните и индустриски дизајнери се соочени со неможност да набават основни материјали за производство на моден производ, како и негова сериозна реализација, која би била прифатена според стандардите на индустриски развиените земји – велат Јовановска и Намичева. Пораката што сакаат да ја пренесат преку инсталациската поставка на модната колекција и дизајнот на постаментите е младата популација да продолжи да го негува културниот идентитет на земјата, да ги поттикне да истражуваат за неоткриени симболи и појави од македонската културна историја, кои би довеле до индивидуалност и препознатливост на македонскиот дизајн. Според нив, креативните индустрии имаат цел да ги развиваат малите бизниси и имаат важна улога за поединците дизајнери во општеството. Ги насочуваат креативците да размислуваат претприемачки, а со тоа и да се пласираат наши, автентични производи.