(Не)оправдана негрижа за животната средина

288

На акцијата за пошумување на голините каде што РЕК „Битола“ ги исфрла јаловината и јагленовата прашина, во неделата не дојде ниту едно од поканетите еколошки здруженија, а иронијата да биде поголема, не испратија ни свои претставници да ја поздрават акцијата на раководството на комбинатот. На акцијата не се појави никој ни од здружението „За нас се работи“, кое благодарение на своите залагања за чист воздух и здрава животна средина и на масовните протести против загадувањето на воздухот, се избори да има и свој советник во Советот на општината Битола. Оправдувањето било дека е недела и дека тој им бил ден за одмор и дека имале други планирани активности, а не да садат дрвја

Секојпат кога во Битола ќе се спомне загадувањето на воздухот, како по некакво непишано правило прв на црната листа на најголеми загадувачи се става РЕК „Битола“. Најголемиот електроенергетски комбинат во државата, кој произведува над 75 отсто од вкупната електрична енергија во Република Македонија, секогаш е дежурен виновник кога станува збор за загадувањето на воздухот во Битола и Битолско.
Сите настојувања на раководството на РЕК „Битола“ или на АД ЕЛЕМ да ги (раз)убедат битолчани дека загадувањето на воздухот во градот под Пелистер не доаѓа само од комбинатот, туку дека во градот има и доста други загадувачи, кои ги трујат, засега се покажаа како залудни. Граѓаните на Битола постојано ја верглаат истата „песна“, дека РЕК „Битола“ е најголем загадувач што ги труе битолчани.

Критиките во еден период отидоа дури дотаму што членовите и поддржувачите на здружението „За нас се работи “, организирајќи ја акцијата „Битола сака чист воздух“, го блокираа патот што води до комбинатот и на тој начин, во голема мера, го доведоа во прашање нормалното одржување на процесот на производство. Некои тогаш радикални „екологисти“ од здружението отидоа дотаму што на власта тогаш ѝ поставија ултиматум РЕК „Битола“ да се затвори и да престане со работа, не водејќи притоа сметка колкави ќе бидат цената и штетата што треба да се платат при преземањето на евентуалните такви потези.

И покрај тоа што РЕК „Битола“ постојано се посочуваше како најголем загадувач на Битола, никогаш никому не му падна на памет, во времето кога се организираа акциите за пошумување „Ден на дрвото“ да организира засадување садници на голините на комбинатот, каде што се исфрлаат јаловината и јагленовата прашина. За секој „Ден на дрвото“, комбинатот беше зобиколуван.

Но, тоа сега се смени. Имено, сегашното раководство на РЕК „Битола“ на некој начин ја оживеа акцијата „Ден на дрвото“, во неделата, на 11 ноември, кога се одбележуваше крајот на Првата светска војна. Тогаш, првпат во комбинатот беше организирана акција за пошумување, која по многу нешта потсетуваше на веќе подзаборавената акција „Ден на дрвото“.

На просторот помеѓу селата Новаци и Брод Гнеотино беа засадени првите багремови садници од вкупно 50 илјади колку што треба да се засадат во текот на оваа година. Локацијата за пошумување е избрана во соработка со стручни лица од Шумарскиот факултет во Скопје за максимално намалување на запрашувањето во непосредната околина на комбинатот.

Иако, според раководството на комбинатот, засадувањето на садниците се планира да биде извршено во најголем дел од самите вработени во државните електроцентрали на Македонија и во РЕК „Битола“, сепак на почетокот на оваа еколошка акција за (по)чист воздух во Битола и Битолско покрај вработените, беа поканети и најголемиот број еколошки организации и здруженија од Битола, кои, според своите програмски определби, се залагаат за чист воздух и здрава животна средина.

Според информациите на прес-службата на РЕК „Битола“, преку телефон и електронска пошта биле поканети сите невладини еколошки здруженија и организации што се регистрирани во општината Битола и кои постојано во јавноста се декларираат како најголеми промотори на здравата животна средина и чистиот воздух. За сите нив како и за граѓаните што сакаа да се вклучат во акцијата, од страна на комбинатот беше обезбеден и превоз до локацијата каде што се садеа багремовите садници.
Но, за жал, на акцијата во РЕК „Битола“ во неделата не дојде ниту едно од поканетите здруженија, а иронијата да биде поголема, не испратија ни свои претставници да ја поздрават акцијата на раководството на комбинатот.

На акцијата не се појави никој ни од здружението „За нас се работи“, кое благодарение на своите залагања за чист воздух и здрава животна средина и на масовните протести против загадувањето на воздухот, се избори да има и свој советник во Советот на општината Битола. Оправдувањето било дека е недела и дека тој им бил ден за одмор и дека имале други планирани активности, а не да садат дрвја.

Во РЕК „Битола“ од ниту едно здружение не добиле објаснување за какви други активности им била планирана неделата. И токму таквото (не)оправдано отсуство на еколошките здруженија, кои во своите програми имаат предвидено борба за чист воздух и залагање за здрава животна средина, практично ги потврди сомневањата кај најголемиот број битолчани дека можеби не сите, но најголемиот број еколошки здруженија во градот само на хартија се залагаат за здрава животна средина и дека нивната загриженост за (не)чистиот воздух во градот била колку за ланскиот снег.
Да се надеваме дека идната година еколошките здруженија од Битола ќе се појават на акцијата за пошумување на голините и дека раководството на РЕК „Битола“ ќе им излезе во пресрет со тоа што акцијата ќе ја планира за во работен ден.

И кога веќе сме кај зазеленувањето и пошумувањето на голините на Битола.
Во осумдесеттите години, во Битола почна големата акцијата за изградба на шумски комплекс „Бел Камен“, кој тогаш беше прогласен за заштитена шума. За тоа беше изработен и посебен детален просторен план, со решение и можност за рекреацијата. Тогаш, советот за унапредување на човековата средина со овој значаен проект излезе пред претседателството на тогашниот ОК на ССРНМ Битола и на општината Битола, кои го усвоија планот за засадување на вкупна површина од 9.450 хектари. Тие години беше изработена и десетгодишна програма за пошумување на Бел Камен.

Благодарение на таквите долгорочни планови и постојаното вклучување на граѓаните на Битола, од најмала до најголема возраст, беше направен најголемиот шумски појас, кој претставуваше вистинско „белодробно крило“ за градот под Пелистер.
Во тие години, задоволство на секој битолчанец беше да засади макар и едно дрвце, па дури и кога акциите беа организирани и во неделите.