Некои размисли пред Велигден

882

1. Велат дека се слободоумни, носат маици со ликот на Че Гевара, а земаат пари, одработуваат и се восхитуваат на империјалистите.

2. Не запреа да се пенават дека тие биле за правда, но спомени им ја хашката пресуда во корист на Македонија, те убедуваат дека кај што има сила, нема правдина.

3. Врескаат наоколу дека сакале мир, дека се миротворци и пацифисти, ама лелекаат за НАТО, се радуваат и ги поддржуваат сите масакри, окупации и геноциди, кои оваа воена алијанса ги спроведува низ светот за профит, нафта и хероин.

4. Душата ни ја извадија со муабетот дека се демократи, море човек да си помисли дека демократијата од нив почнува, но спомени им дека сета демократија паѓа во вода ако се земат предвид недемократските уцени на моќните светски сојузи кон Македонија и непочитување на човековите права, очите ќе ти ги извадат.

5. Нè убедуваат дека се антифашисти, наследници на АСНОМ, ама со еден потпис ги погазија сите асномски жртви потпишувајќи дека Бугарите тука не биле фашистички окупатори, а ние сме тие што треба да ја менуваме историјата по нивни ќеф.

6. Ушните тапанчиња ни ги пукнаа тврдејќи дека сакале соживот и мултикултурно општество, ама подготвени се да нè заколат на спиење за да го одбранат неуставниот Закон за јазици, кој ќе создаде сегрегација, апартхејд, кантонизација и федерализација.

7. За нив сме нацисти и фашисти, а тие со сите сили го поддржуваат овој геноциден антимакедонски проект среде кој се врши холокауст врз нас Македонците и нашиот идентитет.

8. Им врескаа на полицајците „Куманово да ви се деси“, протестираа пред домовите на политичките противници, лелекаа насекаде за наводно незаконско нивно прислушување, а денес плачат затоа што се протестира пред нивните домови, ја прозиваат полицијата да ги заштити и мртви ладни признаваат дека следат вибер-комуникации на неистомисленици и ги објавуваат истите тие јавно.

9. Ги прекршија сите дипломатски кодекси, се топореа пред влада и читаа прогласи против власта во името на нивните врвни демократски, цивилизациски и европски вредности, а еве ги како честитаат на нелегитимно донесени претставници на власта и антиуставни закони.

10. Плачеа по оние што демек ја напуштаат Македонија, се радуваа кога иселениците даваа поддршка за нивните протести, а сега, кога стотици илјади Македонци низ светот го кренаа својот глас против идентитетскиот геноцид на сè што е македонско, веднаш ги намразија, па почнаа да фрлаат навреди, омраза и хистерија кон нив.
Има уште десетици небулози, апсурди, противречности и двојни аршини што можам да ги набројувам, ама еве, да заокружиме на овие десет. Но, внимавајте, не станува збор тука за една група луѓе, партија, етничка припадност или професија, со овие десет примери опфаќам цел еден општествен слој на кој припаѓаат политичари, новинари, професори, интелектуалци, уметници, активисти и амбасадори.

Луѓе мои, верувајте ми, горепосочениве не треба да ги мразиме. Никако по нив не смее со омраза да се фрла. Зарем не гледате? Па тие самите имаат толку многу омраза во срцата, толку многу бес во душите и злорадост во умот што совеста и сомилоста им се одамна убиени, зарем и ние да го полеваме со омраза она што самото себеси веќе се исушило? Омразата кон нив и нас ќе нè фрли во провалијата на неповратот, душите ќе ни поцрнат, срцата ќе ни се наполнат со отров. Погледнете ги само! Препознајте го апсурдот на нивното дејствување, лицемерноста со која го погазуваат сето она што некогаш го зборувале, двојните аршини во нивните инструирани умови, материјализмот и желбата за моќ што им ги убиваат духот и свеста. Факт е, со нивното однесување и дејствување, тие сакаат да ја распнат Македонија, тие се како Јуда што те целива, ама те предава на оние што сакаат да те убијат во тајност, но Оној што ја донесе љубовта како завет нè поучува дека сè што е тајно ќе стане јавно, па така и нивното, затоа е непотребно ние да долеваме отров во она што самото себеси се отруло. Не мрази го грешникот, туку неговиот грев, тоа е божествена поука многу тешка за исполнување. Ама ќе создаде подобар свет под ова небо што сите, еднакво нè покрива.

Вистина е, разнебитувањето на државата, велепредавствата, распродавање на сите национални интереси и прифаќањето на оние безумни барања на моќниците за наше идентитетско ликвидирање, злосторства се. Српскиот епископ Николај запишал: „Не кради ја државата бидејќи скапо е платена. Твоите браќа загинаа во војна бранејќи ја (и создавајќи ја – моја забелешка) државата. Тие ги положија своите животи за државата – а ти, како се осмелуваш да ја крадеш и поткраднуваш таа прескапа татковина. Оваа држава е нивна колку што е и твоја. И повеќе нивна, бидејќи ја платиле повеќе од тебе, повеќе вложиле во неа од тебе. Јас велам, државата е сопственост на оние што лежат во гробовите, исто колку и на оние што играат по салоните – и уште повеќе“.

Овде не се мисли само на материјалното крадење, се мисли на кражба на сè она за кое се бореле и загинале хероите. И да, злосторство е, ама и омразата во нас раѓа зло. Злото ја ослепува душата. Омразата го гасне умот. Бесот ги води на губилиште совеста и сомилоста. Како тогаш, со ослепени души, со изгаснат ум и со убиени совест и сомилост, како тогаш ќе ја браниме државата од оние што одамна самите себеси се уништиле од сопственото зло, па сега сакаат сè околу себе да уништат? Нема така да ја одбраниме државата. Оние што ја ослободувале и создавале умирајќи за неа, не го правеле тоа со заслепувачка омраза кон непријателите, туку со идеал за слобода, љубов кон татковината и мечта за еднаквост. Тоа се скапоцени оружја. Без нив само се уништува, а ништо не се создава.

Затоа, среде оваа страшна битка за наше опстанување како Македонија и Македонци, пред нас се отвораат две големи можности, две тешки задачи. Едната световна, другата божествена. Злото насочено кон нас ни дава можност, којзнае по колку време, да се обединиме. Сите ние неистомисленици, различни по дух и став, со недопирливи светогледи, ама со едно заедничко чувство, љубов кон Македонија, тоа треба да нè обедини, тоа е световната задача. А втората, онаа најтешката, божествената е „Љуби го непријателот свој“. Ете таа е единствениот пат кон совршенството.