Негрижа ги вандализира спомениците

146

Ако навистина се направат вистинските чекори, тогаш сигурно како општество ќе потврдиме дека сме изградиле многу повисока свест и однос кон спомениците, кон нашето културно наследство, кон нас самите, како луѓе, како граѓани што си ги сакаат земјата, историјата, наследеното, корените. Ако ние самите не покажеме поголема грижа и поинаков однос кон историските споменици, кон споменот за борците за нашава денешна слобода, кој друг би можело да очекуваме да го направи тоа наместо нас. Затоа, да ги оправдаме нашето постоење и битисување во нашава слободана и демократска земја, да ја зачуваме и да ја изградиме да биде уште поубава од онаа што ја имале борците во своите соништа

По кој пат ни се случува вандали да ни ги уништуваат спомениците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. И тоа сега, токму по 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, востанието против фашизмот, востанието со кое започнала борбата за самостојност на македонскиот народ. Во период од само три дена двапати од непознати сторители беше вандализиран споменикот на хероината и храбра партизанка Вера Циривири-Трена во истоименото училиште. Ако општината Карпош не информираше за настанот на својата фејсбук-страница, можеби и никој немаше да дознае за случката, која надлежните од Карпош, како и најголем дел од граѓаните, ја осудија. Случајот го пријавија во полициската станица, а полицијата трага по сторителите и истражува.
Како да не беше доволно што беше раскопана бистата на Вера Циривири-Трена, па само пет минути по полноќ на 11 Октомври беше пријавено вандалското уништување на плочата на споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“, веднаш наспроти македонското собрание. Повторно од непознати сторители. Уште незаборавени случките со вандализирање на спомениците на народните херои од НОБ во Градскиот парк, потоа бистите на Коле Неделковски, Владо Тасевски, на Дане Крапчев во Карпош, на украдените бисти на народни херои на градските гробишта во Бутел, на сквернавеното спомен-обележје на формирањето на Првиот скопски партизански одред, како и на искршената плоча на 16-та Македонска народноослободителна бригада во Кучевиште, се случија нови вандалски напади, и тоа токму на 11 Октомври. Станува симптоматично дали ваквото однесување на вандалите е поради тоа што се полни со револт кон низа општествени случувања или, пак, тоа е одраз на нивна идеологија. Можеби не е ни едното ни другото, па рушителите уништуваат од други побуди. Не се знае ниту дали се тие млади и неодговорни или, пак, возрасни несовесни луѓе, на кои ништо не им е свето, па дури ни сопственото историско наследство. Кои може да бидат луѓето што на дрзок и безобразен начин сакаат да го уништат споменот на луѓето што своите животи ги положиле за денешната слобода. Ќе се најде ли одговор на прашањето кој и зошто ги вандализира спомениците од Народноослободителната борба, останува да видиме. Каков е интересот на рушителите на споменици, идеолошки, политички или материјален, па за пари би си ја продале не само историјата туку и сопствената мајка. Кои се тие луѓе што се подготвени да го уништат сопственото наследство и ништо не им е свето. И натаму ли тие ќе останат непознати сторители или конечно јавно ќе се соопшти нивниот идентитет.

Надлежните имаат обврска и кон граѓаните и кон своите предци, кои не го жалеле ниту својот живот за денешната слобода во која сега уживаме сите, да ги откријат и јавно да ги обелоденат имињата на вандалите. Но и да кажат која била нивната намера и зошто го правеле тоа, кој им бил интересот. Мора да ги заштитат спомениците и да ги обноват оние што беа вандализирани. Никој нема право да го уништува споменот на борците, херои за слободата на земјава, на кои не им се дозволува ниту мирно да почиваат.

Не останаа мирни ниту оние што сѐ уште се живи и ги видоа сите овие гнасни дела. Токму затоа Сојузот на борците остро реагираше и побара од надлежните да ги најдат сторителите и да ги обноват спомениците што беа оштетени. Тие не можат да се помират со фактот дека борците, тогаш млади луѓе што ги положиле своите животи во Народноослободителната антифашистичка борба, сега некој по вторпат ги убива.
Дали рушителите не се поголеми фашисти од оние некогаш. Наместо градители во едно демократско и слободно општество, чувари на културното наследство, ние имаме рушители. Зарем уште да зборуваме за вандализам, наместо за многу побитни прашања што нѐ мачат во ова наше современо живеење?. Нѐ мачат оние што уништуваат споменици, урбана опрема, оние што ја уништуваат и околината во која живееме. Ќе остане ли нешто корисно за нас и за идните генерации, на кои борците мислеле, а сега некои го уништуваат тоа? Се уништуваат дури и историските споменици, не само оние од НОБ. Ете, на пример, никој ништо не прави за спас на стариот акведукт, споменикот на само на неколку километри од центарот на главниот град. Споменик што е културно наследство, едно од многубројните и непроценливи културни наследства, пропаѓа повторно поради негрижа. Овој објект не само што не е познат за туристите, не е посетен ниту од скопјани, иако е веднаш зад касарната „Илинден“. Запуштен, опколен со ѓубре, без никаков патоказ каде и како може да се дојде до него, не можат лесно да го најдат ниту оние што живеат во неговата близина. Надлежните немаат никаков концепт како да го вклучат споменикот на мапата на градот, иако, за волја на вистината, од локалната самоуправа на Бутел пред неколку години дури имаа и проект, кој остана само идеја на хартија. Проектот предвидуваше урбанизирање на местото, поставување сувенирници и места за освежување и одмор на посетителите. Просторот помеѓу споменикот и реката Серава требаше да стане атрактивно шеталиште, а, наместо тоа, остана само место со дива вегетација и многу ѓубре. Но сите заборавија на оваа идеја, како што заборавија и на конзервацијата и реставрацијата на споменикот. Од негрижа и вандализам оштетени се десет потпорни носечки столбови.

Вистина, Министерството за култура овој пат енергично го осуди вандалскиот чин и преку соопштение информира дека се преземени итни мерки за превентивна заштита и дека се обезбедени засилени контроли за безбедност на споменикот културно наследство од прва категорија. Дали ова ќе значи дека сега со стража ќе ги чуваме спомениците од вандали или, пак, е наводно покажување грижа за да се скрие фактот дека поради негрижа на надлежните спомениците се уништени дури и од забот на времето. Но ако навистина се направат вистинските чекори, тогаш сигурно како општество ќе потврдиме дека сме изградиле многу повисока свест и однос кон спомениците, кон нашето културно наследство, кон нас самите, како луѓе, како граѓани што си ги сакаат земјата, историјата, наследеното, корените. Ако ние самите не покажеме поголема грижа и поинаков однос кон историските споменици, кон борците за нашава денешна слобода, кој друг би можело да очекуваме да го направи тоа наместо нас. Затоа да ги оправдаме нашето постоење и битисување во нашава слободана и демократска земја, да ја зачуваме и да ја изградиме да биде уште поубава од онаа што ја имале борците во своите соништа.