„На точак“ реагира за новите контејнери

467

Неформалното здружение „На точак“ се обраќа до властите на градот Скопје со барање за објасненија. Во 2019 година, како дел од напорите за подобрување со управувањето со отпад, беа набавени нови, поголеми, контејнери. Проблемот со оваа набавка се покажа веднаш штом тие контејнери беа поставени на „нивните“ локации. Поради тоа што се статични, тие имаат функционална ограниченост и мора да се постават на локации лесно пристапни за камионите што ги празнат – што во случајов се токму главните велосипедски маршрути што беа неодамна реконструирани и ослободени. Нивната поставеност сега го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет (слики на стр. 3 и 4). Сето ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, укажува или на конфликти помеѓу различните плански документи при нивната реализација или на непочитување стандарди, но и на недоволна комуникација меѓу надлежните сектори

За да се лоцираат причините за новонастанатата состојба, а со цел да се поттикне нејзиното решавање, ги имаме следните прашања:
1. Кое тело/сектор/лица одлучувале за набавката на контејнерите, видот на контејнерите што ќе се набавуваат и локациите каде што ќе се поставуваат?
2. Дали локациите на контејнерите се испланирани пред или по набавката? По кои критериуми се избирани? Дали може да цитирате релевантни одлуки, одобренија и документи? Дали е одобрен елаборат за поставување урбана опрема и кој стои зад него, кој го изработил и кој го одобрил?
3. Кои стандарди за урбанистичко планирање и уредување на просторот се користени при изборот на локации на контејнерите, особено оние врз велосипедски патеки?
4. Дали пред да се донесе одлуката за локациите и типовите на контејнерите се направени консултации со лица од Секторот за сообраќај, Секторот за урбанизам, СВР-Скопје и други засегнати страни што работат на проектот „Скопје велоград“ и кои?
5. Со оглед на тоа дека веќе има сериозни реакции од граѓаните, дали се планира ревизија на избраните локации? Доколку не се планира ревизија, дали за ваквото решение, кое значително ги менува инфраструктурата и безбедноста во сообраќајот, се побарани и одобрени изменети сообраќајни проекти за булеварите и улиците каде што се поставени контејнерите?

„На точак“, неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело-Скопје