На патот кон постојаностa во конкурентноста

205

Фудбалот од зборови помина на дела. Со децении се чекаше овој успех на фудбалската репрезентација на Македонија, а сега, не само што тој успех е тука туку е проследен и со зголемени очекувања на фудбалската јавност. Оваа квалитетна селекција се потпира на одличниот спој на искуството и на младоста, а репрезентацијата што ја красат и борбеност, заедништво, мотивираност, посветеност, упорност, постојаност во играта и во резултатите…, сега е пред нов предизвик, но нејзиниот успех да стане и замаец за уште повисок дострел во некој следен циклус, а потоа и да покаже дека пласманот на Европското првенство е само првото скалило на патот кон толку важниот континуитет во секој спорт. Токму тоа и го најавува оваа генерација

Фудбалска Македонија по децении чекање в недела ќе го претвори во јаве првиот голем фудбалски сон, со деби-настапот на сениорската репрезентација на едно големо натпреварување. И, веројатно како што е редот, прво со настап на континенталното првенство, на Европскиот шампионат што почнува в петок, а за Македонија в недела со натпреварот со репрезентацијата на Австрија, но како играат црвено-жолтите, годинава може да биде двојно историска, со нов остварен сон, со обезбеден пласман и на едно светско првенство, тоа во 2022 година во Катар.
Оваа квалитетна селекција се потпира на одличниот спој на искуството и на младоста, а репрезентацијата што ја красат и борбеност, заедништво, мотивираност, посветеност, упорност, постојаност во играта и во резултатите…, сега е пред нов предизвик, но нејзиниот успех да стане и замаец за уште повисок дострел во некој следен циклус, а потоа и да покаже дека пласманот на Европското првенство е само првото скалило на патот кон постојаноста во конкурентноста, за толку важниот континуитет во секој спорт. Токму тоа и го најавува оваа генерација.
Фудбалот од зборови помина на дела. Со децении се чекаше овој успех на фудбалската репрезентација на Македонија, а сега, не само што тој успех е тука туку е проследен и со зголемени очекувања на фудбалската јавност, откако, на пример, Македонија ја победи Германија на гости во официјален меч, македонската репрезентација е во серија од четири натпревари без пораз пред дебито на европските првенства и во таа серија прими само два гола, од кои еден од пенал и еден во 96. минута на тест-меч…

Ова поднебје дава квалитетни фудбалери, оти да не е така не би излегле од тука и две генерации младински прваци на СФРЈ и победници на купот, две сениорски со трофеи, од купот и од првенство на СФРЈ, врвни поединци, со европски и светски клупски титули, голем број фудбалери што оставиле силен печат во Европа, во клубовите и во земјите каде што играле… Tакви победнички генерации се, на пример, таа од 1961 година, кога Вардар го освои Купот на СФРЈ со што еден македонски тим дебитира во европските купови, или, пак, таа што првпат настапи во тогашниот Куп на шампионите, 26 години подоцна од првата. Три децении потоа, пак, Македонија доби младинска генерација за нови големи дострели, но на репрезентативен план, како најава за сениорскиот што дојде четири години по младинскиот.
Македонскиот фудбал работеше стрпливо и пред неколку години ја создаде таа генерација што остана запишана во македонската фудбалска историја, кога тогашните младинци се пласираа на Европското првенство во 2017 година за играчи до 21 година. И тоа не како било, туку директно, како прва репрезентација во групата, во која беше и, на пример, Франција, со неколку фудбалери, кои само една година подоцна станаа сениорски светски прваци. Така, првиот исчекор кон европскиот репрезентативен врв беше направен и најавен тогаш, кога Македонија се најде меѓу тие 12 најдобри млади репрезентации во Европа. Вториот исчекор дојде лани, со пласманот на сениорското Европско првенство годинава, меѓу 24-те најдобри селекции на континентот.

Сега „само“ треба чекорите да продолжат, пред сѐ со засилена работа во младинскиот дел од овој спорт, за по постигнатиот успех на сениорите да се стигне до следната цел – постојаноста, во резултатите и во присуството на големите првенства. Продукцијата е, секако, главната определба за опстојување на постојаноста, а во Македонија ракометарите, на пример, јаваат на тој и таков младински бран повеќе од една деценија со постојано дополнување на сениорската репрезентација со нови млади играчи, но настапите останаа конкурентни, а резултатите врвни (на пример, шесто место на младинците на Светското првенство во 2017 година, сениорската селекција има континуитет од 11 настапи во низа на европските и на планетарните шампионати, освоени се петто место во Европа и деветто во светот…).

Во актуелната фудбалска репрезентација со големи таленти, владее и одлична атмосфера, но и победнички менталитет, многу важен фактор при остварување на спортските резултати, кој како ретко кога е присутен во една македонска селекција од кој било спорт. Еден од клучните елементи на успехот е и тоа што немаше лутање во одредување на составот, со што се создаваат „хемија“ на теренот и можност за т.н. „играње со заврзани очи“, а за каква тимска хармонија се работи може да се забележи и само ако се погледнат некои голови постигнати на патот кон Европското првенство или во почетните мечеви од квалификациите за Светското првенство.
Македонија ќе игра со најдобрите, на фудбалската сцена што привлекува планетарно внимание. Вистинско место за нов блесок.

[email protected]