На патот кон губилиштето

2290

ФИРОМ, знаме, осиромашување на луѓето преку криминална приватизација, привремена спогодба, стотици илјади подарени пасоши, режирана војна во 2001 година, рамковниот договор, територијалната поделба, хашки случаи, мајски договор, најава за референдум, пржински договори, СЈО, 27 април, октроирањето на Заев, договор со Бугарија, закон за двојазичност… сето тоа доведе до Преспанскиот договор и тргањето на патот кон губилиштето

„Лицемери, знаете како да го распознаете лицето на небото и земјата, зошто ова време не умеете да го распознавате?“ Исус Христос

Патот до пеколот е поплочен со искрени честитки. Искрени се затоа што оние што му честитаат на Заев го прават тоа од срце. Искрено сакаат да исчезнат Македонија и Македонците. Затоа и го воспеваат, море и нобел за мир ќе му дадат. Договорот што на 17 јуни го потпишаа Заев и Димитров е идентичен со оној што на 26 март 1941 година го потпишаа лидерите на Кралството Југославија, Цветковиќ и Мачек, со кој му се приклучија на фашистичкиот пакт. Преспанската капитулација е признавање и прифаќање нова наци-окупација врз Македонија. Преку доброволно откажување од сопственото име, македонскиот идентитет со фанфари е испратен во гасните комори на оваа глобалистичка, безумна и обесчовечена цивилизација, каде што веќе не важат ни закон, ни правни акти, ни вредности, ни човекови права. Тоа што сега гледате како ООН, САД, ЕУ и НАТО, со полни усти пофалби кон нашите безумници, ја слават македонската капитулација нека ви е доказ дека теророт врз нас од нив започнува. Тие се заговорници за укинување на македонскиот идентитет, историја, јазик и култура, Грција е алатката, а нашите политички безумници од независноста наваму се соучесниците.
Пет клучни збора точно ја опишуваат новата македонска голгота. Војна, окупација, велепредавство, терор и ликвидација. Специјалната ВОЈНА против Македонија започна на 27 април 2014 година, кога Зоран Заев, по сугестија и со поддршка од неколку амбасадори, како дел од големото антимакедонско сценарио, не ги призна изборите, и тоа без да бидат изброени гласовите. Оваа војна заврши три години подоцна, кога на 27 април 2017 година, со кршење на Уставот и законите, нелегитимно беше избран спикер на Собранието, а САД, ЕУ и НАТО го поздравија криминалот, со што и официјално започна ОКУПАЦИЈАТА на Македонија преку октроирање поданичка власт што треба да ги оствари геноцидните идеи на една забегана „дип стејт“ империја, една унија без компас и цивилизациски кредибилитет и една терористичка алијанса. На 17 јуни 2018 година, со потпишување на Преспанскиот договор, се случи последното погубно ВЕЛЕПРЕДАВСТВО, по кое треба да започне процесот за целосно исчезнување на Македонија и Македонците од мапата на светот и постоењето. За да се оствари замисленото, потребен е политичко-полициски ТЕРОР врз оние што не се согласуваат со психопатското злосторство врз цел еден народ и држава, кој, пак, терор започна истиот тој 17 јуни, со бруталниот напад на поданичката полиција врз Македонците што протестираа. А овој терор, како одминува времето, ќе се засилува со монструозна опсесивност, ќе биде поддржуван преку игнорирање од страна на домашната и светската јавност, се додека не дојде денот за конечна и официјална ЛИКВИДАЦИЈА на Македонија и Македонците.

Горенаведениот развој на настаните си има свој историски континуитет. На 10 август 1913 година во Букурешт, големите сили мислеа дека засекогаш го затвориле македонското прашање со парчосување на Македонија и асимилација преку терор и геноцид, која следуваше потоа, а тие ја поддржаа. Комотно констатираа дека нема веќе Македонија и Македонци, чие постоење беше опасност за разоткривање на големиот историски фалсификат, кои тие два века претходно го започнаа измислувајќи ја Грција за колепка на нивната западна цивилизација, односно „трупајќи сè во грчка вреќа“, како што заклучил уште тогаш англискиот писател Д.Х. Лоренс. Но Македонците ги изненадија на 2 август 1944 година и тоа воопшто не им се допадна. Одмаздата стигна преку британските напалм-бомбардери врз македонските партизани за време на грчката граѓанска војна. Сепак, Македонија и Македонците продолжија да функционираат како држава и народ во рамките на Југославија, само што тука започнува воведот во новата македонска трагедија. За разлика од другите републики, Македонците западнаа во краен полтронизам и комформизам, просечноста го уништи квалитетот, црвената буржоазија и нејзините потомци се испреплетоа како свински црева со полициско-удбашките структури, окупирајќи го македонското битисување, па се уништи секое здраво национално ткиво што ќе ја понесеше македонската државност ако еден ден… Е тој „еден ден“ дојде. Југославија се распадна. Македонија стана независна држава. Или можеби не…
Остатокот го знаете. Изопачената моќ добро знаеше дека полтронско конформистичките политичко-удбашки структури, сосе нивната себична елита, лажна авангарда и интелектуална бижутерија се лесни за корумпирање, алчни, забегани и поданички отворени кон моќта, па го започна својот проект за конечно бришење на Македонија и Македонците. Но тука видоа прекрасна шанса, Македонците овој пат сами да се укинат. Злосторничкото здружување за убиство со предумисла на Македонија и Македонците го започнаа Европската Унија и Обединетите нации. ЕУ преку Лисабонската декларација го стави името на Македонија пред стрелачки вод. Обединетите нации направија криминален преседан. Ги погазија сопствените цивилизациски вредности и принципи, на Македонците им беше одземено човековото право на самоименување. Да прогласиш име на држава за безбедносен проблем и да го ставиш пред Советот за безбедност е безумен злосторнички акт. Остатокот го одработија македонските квислинзи во политиката, медиумите, професорската фела, МАНУ, МПЦ и хистеричниот генетички модифициран НВО-сектор зинат за пари.
ФИРОМ, знаме, осиромашување на луѓето преку криминална приватизација, привремена спогодба, стотици илјади подарени пасоши, режирана војна во 2001 година, рамковниот договор, територијалната поделба, хашки случаи, мајски договор, најава за референдум, пржински договори, СЈО, 27 април, октроирањето на Заев, договор со Бугарија, закон за двојазичност… сето тоа доведе до Преспанскиот договор и тргањето на патот кон губилиштето. Сега го одиме тој пат. Седумнаесетти јуни е денот кога за нас Македонците се отворија вратите на мачилиштето во кое нè држеа изопачената светска моќ и домашните велепредавници за да нè поведат кон Голгота.
На тој пат кон губилиштето сите ние што не го прифаќаме овој нов софистициран геноцид ќе бидеме изложени на постојан терор, каменување и навреди од страна на слугите на безумието. Но вие, ако искрено ја сакате Македонија, не плашете се од оние што можат да му напакостат на телото, ама никако на душата. Затоа е многу важно да излеземе вечер пред Собранието, во 20 часот, и да го поддржиме протестот „Младите за Македонија“.