На запад нема т`га за југ, туку радост за север

2151

Не знам како не разбирате, не знам како можете да бидете толку глупи да не ви биде јасно дека името ја осиромаши државата, а не дека политичарите ја ограбија. Тие сите до еден се генијалци со врвни етички вредности, ама безобразниот идентитет ги блокира нивните ингениозност и етика. Името и идентитетот се тие што ги упропастија здравството и образованието, што го претворија новинарството во проституција, што жена ти има швалер, а мажот ти сонува студентки

Во земјата на северноцрпнатите, спортот е зло. Фудбалот или ракометот може да ви го оттргнат вниманието од безумноста и моронството во кое треба да ве втурне секојдневната агресија на светската изопачена моќ, чија перверзна реденка секојдневно ја чувствуваме, но и на нивните тукашни северноцрпнати поданици. Не дај боже, Салах или Чупиќ може лошо да влијаат на вашиот веќе оштетен ум од онолкаво количество безумност. Како будалштината дека Европската Унија секој ден двоела за нас по 250.000 евра. Оваа информација граѓаните на ЕУ сигурно не ја знаат. Или Џорџ Робертсон, на пример. Од каде само го ископаа ова суштество? Дојде, кажа и се посра. Тие што ќе го бојкотирале референдумот немале право на мислење. А ха, океј, пренесете му дека јас нема да излезам на референдумот и без размислување, во секое време, можам да му влепам шлаканица по нацистичките обравчиња.

Со вакви мисли се будам. Околу мене факинг четврток. Ден пред петок, кога јас пишувам колумна. Која, пак, излегува во сабота. Што е ден пред недела. А оваа недела е само една недела пред следната недела. Е таа недела, по оваа недела, е голем ден, 30 септември, христијанскиот празник Вера, Надеж и Љубов. Прекрасна причина човек да биде покрај Охридско Езеро, на пример. И секако да има свое мислење. Езерските бранови го мијат непријатното лице на Робертсон од мојата свест и јас одлучувам да излезам на кафе. Е, ама проблем! Одејќи „накај кафето“ налетувам на 12.000 Руси. И тоа сите до еден од ФСБ. Инаку, ФСБ ви е најопасната руска тајна ем специјална полиција. И што да правам сега јас со 12.000 Руси?

– Што барате бе тука? – свикувам гневно.
– Шшшшшшшшт – ми „ш`шка“ онака развлечено по руски една русокоса дама. – Не викај! Ние сме тука да влијаеме, уценуваме и да се закануваме околу референдумот.
Потоа запознав некои од нив. Јоханес Владимирович Хански, Ангела Путиновна Меркелскаја, Себастијан Австиревич Жимикурцов, Федерика Соросович Могериновна, Бјесниј Сабакович Матисенски, Георги Дуракович Бушин… тие имиња ги запомнив. Ми се одмили кафето. Руси мене ќе ми кажуваат што да правам на референдумот. Што е следно? Истопорени Руси на прес-конференции? Па да ми се закануваат дека ако ја пропуштам оваа шанса, они ќе кренат раце од мене. Или дека доколку не излезам на референдумот, веќе немам право на свое мислење. Само бедни кретени со изопачени светогледи така се закануваат. Затоа ги заобиколувам овие невоспитани 12.000 Руси.

Си продолжувам по патот, накај Европа. Знам дека таму сонцето изгрева на запад. И не само тоа. Таму едвај чекаат да дојдеме за да двојат од своја уста по 260.000 евра годишно. Таму, на запад, докторите ќе нè лечат и, згора на сè, ќе ни плаќаат за претрпената болка. Платите ќе ни бидат по 3.000 евра минимум. Таму, во Европа, духовно осакатените инвалиди ќе добијат патерици и по едно „ферари“. Таму интелектуалната бижутерија, која тука се прпелка во својата фрустрирачка деструктивност заради сопствената просечност, ќе засветка како дијамант, ќе почне да создава врвна уметност, која ќе ја направи славна и богата. И ќе ѝ купи „ферари“, секако. Едночудо неостварени глумци, пејачи, писатели, сликари, режисери и копирајтери на кои името Република Македонија им ја блокира генијалноста, таму ќе ги молат за улоги, ќе им доделуваат Нобелови награди и „оскари“, ќе им даваат да прават реклами за „ферари“.

И тоа само ако станат северноцрпнати, зашто додатокот Северна и како додаток за пенис, раѓа вишок интелигенција, а на сексуално и љубовно нереализираните им наоѓа партнери со кои ќе живеат среќно до крајот на фарсата. Таму, во Унијата, земјоделските производи ќе се претворат во волшебни јаболка, краставиците ќе се исправат, на нивите ќе се раѓаат тикви со расол и нивните производители ќе лапаат по милион за кило. Таму, во Европа, каде што ќе нѐ одведат Панчев, Гиш и Каров и ние ќе можеме секојдневно како Зоќи и Зорица да се камшикуваме со компромиси, а нашите деца како децата на татичко Димитров и Хари Локвенец ќе кркаат мрсни стипендии од државата. Таму, на запад, нема т`га за југ, туку радост за север. И не само тоа.

Таму, за разлика од тука, има демократија, ама вистинска демократија. Нам тоа не ни е познато затоа што името Република Македонија е недемократско. Демократија е кога друг ти кажува како да се викаш, затоа што демократијата е над човековото право на самоопределување. Уште појасен пример за демократија е кога имаш неуспешен референдум поради неисполнет цензус, ама ти, од позиција на моќ, го прогласуваш за успешен, затоа што демократијата е над правдата, Уставот и законите. Демократија е кога посилниот му ја кине главата на послабиот, кога грубиот ја силува нежната, а богатиот му го зема последното парче леб на сиромавиот, затоа што демократијата е над Бога, над биологијата, над моралот.

Да разбиравме малку од малку, ќе ни светнеше дека демократија е кога малцинството ти се заканува со војна ако не му одиш постојано по газот, ако медиумските пропагандисти вртат една иста плоча, ако политичката коректност ја силува слободата на говорот, затоа што демократијата е поголема од слободата. На пример, ако уметници се дрзнат да говорат против она што си намислил насила да го спроведеш, иако спротивно на законот, тогаш демократија е во политичко-полициски процес да ги прогласиш за терористи, сеедно што ти си вистинскиот терорист, затоа што демократијата е поголема од слободата на мислењето. Имаш право на мое мислење, е тоа е западна демократија.

А ќе знаевме што е демократија да не беа проклетото име Република Македонија и нашиот македонски идентитет. Не знам како не разбирате, не знам како можете да бидете толку глупи да не ви биде јасно дека името ја осиромаши државата, а не дека политичарите ја ограбија. Тие сите до еден се генијалци со врвни етички вредности, ама безобразниот идентитет ги блокира нивните ингениозност и етика. Името и идентитетот се тие што ги упропастија здравството и образованието, што го претворија новинарството во проституција, што жена ти има швалер, а мажот ти сонува студентки.

Да не беше тоа име немаше да има корупција, алчност и злорадост. Нели гледате како оние што станаа северноцрпнати, што се откажаа од македонскиот идентитет, веднаш се поубави, попаметни и поквалитетни? На човек просто му доаѓа да поврати од нивниот сјај.