На децата им треба уметност колку и свеж воздух и храна

1034

Со право велиме дека секое дете има право на храна и дом, образование, медицинска заштита и така натаму. Мораме да сфатиме дека секое дете има право и да ја искуси културата. Мораме во целост да разбереме дека децата без уметност, приказни, поезија и музика можат да умрат од глад, вели британскиот писател Филип Пулман, кој е добитник на меморијалната награда „Астрид Линдгрен“, најпрестижната награда за книга за деца

На децата им требаат уметност, приказни, поезија и музика, колку и љубов, свеж воздух, храна и игра. Ако на дедето не му давате храна, штетата набрзо станува видлива, вели Филип Пулман, кој во 2005 година ја доби меморијалната награда „Астрид Линдгрен“. Тоа е најпрестижната награда за детски книги, а е именувана по најпознатата шведска писателка на книги за деца, чиј најпознат лик е Пипи Долгиот Чорап. Наградата ја доделува Владата и со 545.000 евра е највисоко дотирана награда за литература за деца и млади во светот. – Ако на детето не му овозможите свеж воздух и игра, штетата исто така е видлива, но не толку брзо. Ако на детето не му дадете љубов, штетата можеби нема да биде видлива со години, но таа е трајна. А ако на детето не му давате уметност, приказни, поезија и музика, штетата нема толку лесно да ја воочите.

Но таа сепак е тука. Нивните тела се доволно здрави, тие можат да трчаат, скокаат и пливаат, да јадат стрвно и да прават голема бучава, како што децата секогаш прават, но нешто недостига. Вистина е дека некои луѓе ќе пораснат, а никогаш не се занимавале со ниеден вид уметност, совршено се среќни, живеат добри и вредни животи. Во нивните домови нема книги, не им е грижа за слики и не наоѓаат смисла во музиката. Тоа е во ред. Познавам такви луѓе. Тие се добри соседи и граѓани – вели Пулман. Филип Пулман (1946 година), е англиски писател од Норвич. Тој е најдобро продаваниот автор на неколку книги, особено на неговата трилогија на фантастични романи „Неговите темни материјали“ и неговата фиктивна биографија на Исус, „Добриот човек Исус и никаквецот Христос“.

Познат е неговиот роман за деца „Бев стаорец!“. Во 2008 година, „Тајмс“ го смести името на Пулман во својата листа на 50 најголеми британски писатели од 1945 година. Неговиот прв објавен роман бил за возрасни, но потоа почнал да пишува за деца. Некои од неговите романи се пишувани врз основа на игри што тој ги подготвувал за неговите ученици, како што е „Руби во чадот“. Сепак Пулман, сепак има разлика во натамошниот развој кај децата што имале контакт со уметноста и оние што биле лишени од тоа. – Некои други луѓе пак во некој момент во детството или младоста наидуваат на нешто за што никогаш претходно не ни сонувале. Тоа им е туѓо баш како и темната страна на месечината, еден ден слушаат глас како чита поезија или поминуваат покрај куќа со отворен прозорец каде што некој свири клавир или гледаат постер на одредена слика на нечиј ѕид и нешто ги погодува толку силно, а сепак така нежно да им се сврти.

Никој за такво нешто не ги подготвил. Одеднаш сфаќаат дека ги исполнила глад за нешто толку слатко и сластно што речиси го скршува срцето. Тие речиси заплакуваат, се чувствуваат тажно, и среќно, и осамено и прифатено поради тоа ненадејно и необично искуство и очајнички сакаат да го слушаат радиото, стојат под прозорецот, не можат да го тргнат погледот од постерот. Го сакаат тоа, потребно им е како што на гладен човек му е потребна храна, а тоа никогаш не го очекувале. Поим немале – објаснува Пулман. Според лауреатот, така се чувствува дете на кое му е потребна музика, слики или поезија на кои можеби наишле случајно. Да не бил тој случај, можеби никогаш не би се сретнале со уметноста и цел живот би го поминале во состојба на културно гладување без да се свесни за тоа. – Последиците од културното гладување не се драматични и стреловити. Не се толку лесно видливи. И како што реков, некои луѓе едноставно тоа никогаш не го почувствувале, тие се совршено исполнети и без тоа.

Кога сите книги, музика и слики на светот би исчезнале прекуноќ не би се почувствувале нималку полошо, тоа не би го ни забележале. Но тој глад постои во многу деца и често не е задоволена. Со право велиме дека секое дете има право на храна и дом, образование, медицинска заштита и така натаму. Мораме да сфатиме дека секое дете има право и да ја искуси културата. Мораме во целост да разбереме дека децата без уметност, приказни, поезија и музика можат да умрат од глад – заклучува Пулман. Последниве години нашите институции од областа на културата прават напори за приближување на нивната програма и содржини до најмладата популација. На пример, Музејот на современа уметност во Скопје предничи во таквите практики преку посети и креативно-едукативни работилници што ги организира одделот за едукација при МСУ, опфаќајќи ги и децата од предучилишните институции – градинките на возраст од 5 до 6 години.

Едукацијата, преку различни активности, во МСУ е присутна уште од неговото формирање, со современи методи, програми и проекти наменети за повеќе целни групи, Одделот за едукација започнува во 1990-тите години и до денес успешно се реализирани многубројни проекти, предавања и креативно едукативни работилници Секоја година се подготвуваат и реализираат програмски, но и вонпрограмски проекти, кои на децата и младите им овозможуваат допир со ликовната уметност преку делата на познати домашни и светски уметници и ги насочуваат кон истражување и креативно визуелно размислување. Проектите се подготвуваат и осмислуваат според потребите и можностите на возраста, која е застапена. Така, освен со децата од предучилишна возраст, успешно се реализираат многу проекти и креативно-едукативни работилници со деца и млади од основно и средно образование, како и со факултетите.

Преку проектите децата откриваат нови и ги дополнуваат стекнатите сознанија за ликовните техники, работат со различен вид материјал, ја откриваат разликата помеѓу сликата и скулптурата, рециклираат отпад – од старото и грдото создаваат уметност и др. Понекогаш се застапени драмските импровизации танцот, па и музиката, а инспирацијата ја добиваат од сликите што се пред нив. Од лани во Археолошкиот музеј на Македонија, пак, е отворено едукативно катче за деца наменето за деца од предучилишно и од основно образование, за тие на интерактивен и забавен начин да добијат знаење за богатото културно-историско наследство на државата. Децата што го посетуваат имаат можност своите впечатоци и стекнатите знаења за археологијата и за богатите археолошки артефакти од Македонија креативно да ги изразуваат преку моделирање во глина, цртање или пишување есеи.

Во катчето е достапна и анимација преку две едукативни видеоигри од серијалот „Археологика“. Засега се изработени две: „Меморија“ и „Збирката на кустосот“, а уште две видеоигри се во фаза на изработка. Целта е преку игра и забава да научат поими од археологијата и да може да ги препознаваат најпознатите артефакти од земјава. Концертите за деца, пак, на Македонската филхармонија, се неизоставен дел од секоја концертна сезона, и се најважните и најубавите. Концертите имаат цел позитивно да влијаат на децата и тие да се запознаат со инструментите во оркестарот, но и со композиции од опусот на класичната музика. Исполнетите сали до последно место покажуваат дека децата навистина ја сакаат класичната музика.