На буквата… буквата… М

508

Кога бевме деца постоеше една популарна ментална вежба позната како брза географија. Почнуваше со „на буквата… буквата…“. Избиравме буква и се натпреварувавме кој побрзо ќе ја пополни табелата со имиња на држави, планини, реки, градови и слични поими што почнуваат на таа буква.

Победниците се оценуваа според брзината, а не според специфичноста на знаењето. Полето за држава се пополнуваше со некоја од соседството или според познатите фудбалски репрезентации, а градовите и реките речиси без исклучок ѝ припаѓаа на Југославија, бидејќи живеевме во голема држава, а читанките по географија беа преполни со топоними што моравме да ги учиме наизуст, сеедно што не сме ги виделе. Заедно со придружните атласи, тоа беше доволно материјал за нашата брза географија.

Но она што ја правеше играта интересна беа необичните називи, кои поради спојот на скромното знаење и бујната фантазија, им даваа превез на мистичност на имињата, предел во чие значење само што зачекоривме, не знаејќи какви поводи за поделби носат.

Се случуваше и да сме недоверливи во нивната вистинитост, ако „предлагачот“ беше познат по „снаодливоста“, а наедно и слаб ученик, па измислуваше називи со сомнително потекло, како од ракав, од другите ни чуени, ни видени. Проверката не беше едноставна, немаше пребарувачи. Снаодливоста (освен брзината) беше меѓу адутите заслужни за победа во играта. Уште еден атрибут за кој не претпоставуваме дека ќе нижи победи во она што допрва ќе се одигрува во нашите животи. Убедливо на страната на сомнителноста. Но смислата на играта, како што ја разбирав, сепак не беше (само) да се победи, туку да се научи нешто ново, име на непозната држава, град, планина или река, во време кога необичноста уште не беше освоена. Пред да стане леснодостапна и обична, како денес. Форма без суштина. Факт без убавина.
Од носталгија ли, од што ли, посакав повторно да се испробам во оваа игра. Да се обидам да ја откријам необичноста што исчезнува од брзата географија на секојдневието, во кој сè уште победуваат најбрзите и најснаодливите. Во малку изменет и проширен облик, зашто и географијата ни се смали и расцепка. На буквата, буквата… М, да речеме.

Име на познат државник на М.
Како од пушка ми доаѓа да речам – Маршалот. Единствениот со два родендени. Едниот на денешен, другиот на Денот на младоста. Маршал и машинобравар во едно. Вар на необични вештини. И тајни. Приказна за 1.001 век, каква ноќ. Велат не се стемнувало кога шетал по земјата. Но ова е брза географија, а не биографија.

Си спомнувам на расказот каде што Тито нè гледаше сите нас. Таму учителката ја смируваше кавгата меѓу учениците – кого гледа Тито од сликата обесена над таблата во училницата, со глас што требаше да донесе смирение: Тито нè гледа сите нас. Небаре на нас паѓаше белата ракавица на маршалот како пердув од гулаб на мирот.

Сликата на Тито одамна ја тргнаа од сите ѕидови по училниците, берберниците, бурекчилниците, библиотеките, банките и министерствата. Од нотесите и календарите и уште од каде ли не, зашто Тито нè гледаше од секаде. И сè дури „нè гледаше“ како и сами да се гледавме, а имало и што да се гледа, и на нас и околу нас – велеа оние што нè одгледаа. Ние децата игравме брза географија. Сега е „малку“ поинаку.
Други нè гледаат, но не да нè одгледаат. Како под микроскоп на час по биологија.
Од самитот во Берлин за Западен Балкан стигна пораката дека уште нè гледаат како Западен Балкан: заокружена целина во монокл. Со другото око замижува пред бесправните снаодливости. Порачаа (според она што се гледа од високо) дека треба да се „загледаме“ во правно и одговорно однесување внатре, во борба против корупцијата и организираниот криминал, во независните медиуми… Со еден збор, сами да се гледаме како друг да нè гледа. Да си го гледаме алот и таксиратот наместо сеирот. Делникот наместо делбите.

Не спомнаа ништо за сликата на маршалот. Може и без маршалот. Најдобро без маршалот. Не ни треба уште една делба згора, на Титови обессилени сили. Ни треба само рамката. Колку да ја заузди брзата географија на измислици и бесправно самоволие. Одиме понатаму.

Име на познат папа на М.
Повторно како од пушка: папата Франциск. Вистина, нема М во името, но нема ни М од Македонија во посланието на папата. Пресечена е и папочната врвца на словенската писменост – ги нема светите Кирил и Методиј во посланието до „вашата земја“. Само увереност дека земјата е добра да го прими семето на културното братство. Она за кое Гоце Делчев го одбра светот како поле, пред повеќе од еден век.

Добра е земјата, ваша светост, ве уверувам. Можеби и предобра. Но страда од туѓиот ралник, од сопствениот троскот и од неработење. Простете, но не ѝ треба молитва, но мотика, мелиорација и мерак за работа. И многу други заборавени нешта на „М“. Како морал и мера во политичките работи. Како меритократија во државничките работи. Како мисија. Државна, не божја. Втората е изборна и лична, а првата е задолжителна и ги вклучува сите. И малку мир, од вревата и метежот. По улиците, екраните и душите. Одвнатре и однадвор. Обичен, човечен, трошки мир. Може и вчерашен.
Што ќе ни порача папата денеска, дека кумот (на прекрстувањето) е господ на земјата или дека народот е сам свој кум? Или ќе ја премолчи неправдата? Одиме понатаму.
Име на месец на М. Ова е потешко. Се измешаа месеците и очекувањата. Секоја година стана престапна за влез во ЕУ. Облаците над земјите што бараат членство во Унијата би можеле да се расчистат по изборите во Европскиот парламент, пишува „Фајненшл тајмс“. Или по стариот ден на младоста, пионерски кажано. Дотогаш ќе врне, а во јуни очекувањата лесно може да прераснат во јунец. Одиме понатаму.
Име на држава во Западен Балкан на М.

Ммм… нема. Како нема? Па, така, нема. Всушност има (како дијалект), со надреден знак над „а“, но такво правило не познава македонскиот правопис. Правописот можеби не познава, но кривописот познава. Како да го именуваш она што не е повеќе она што било, а несомнено уште е, освен со име со надреден знак? Ништо повеќе не е чудно, само мај е уште чудесен месец, како и младоста (особено во мај). Освен кога мигрира.

Тогаш е чудесна на друго место, далеку од „вашата земја“, од голи пофалби и неслушнати молитви. Вреднувана, платена и невратена. Има ја, има (без надреден знак), и сè повеќе ќе ја има далеку од овде. И три молитви да се испеат против белата чума, не помага. Не е милост, ни сила што ќе ја задржи овде. Овде ќе остане само молчењето и она што со него совршено се римува – толчењето. Тоа и брзата географија во која победуваат најбрзите и најснаодливите, сè помалку уверливо и сè повеќе во игра на тронови.

Авторот е магистер по мир и развој и поет