Најскапиот спортски автомобил во светот е „карлман кинг“

445
„Карлман кинг“ чини богатство од 2,2 милиони долари

Само во свет на екстремни нееднаквости е можно да се градат нешта од огромна убавина и величественост. Доколку не би постоела голема нееднаквост не ќе постоеше ниту архитектурата на старите кралеви и фараони. Ако се размисли, музичките дела и величествените објекти од познатите автори во минатото се производ на нееднаквоста. Истиот концепт на голема нееднаквост нѐ носи до создавање на најскапиот спортски автомобил во светот. Сите негови способности и перформанси стануваат незначајни покрај цифрата за која тој може да се купи. Најскапиот автомобил во светот се вика „карлман кинг“ и за да се купи, потребни се 2,2 милиони американски долари.

Под хаубата „карлман кинг“ е возило што поседува комерцијална шасија на „форд Ф550“, опремена со стандардниот 6,8-литарски В10 мотор, кој поседува 398 коњски сили. Оваа моќ што ја создава возилото е потребна затоа што поседува тежина од 4.500 или 6.000 килограми во зависност од тоа за каква верзија станува збор. Производителите овозможуваат две верзии на автомобилот, едната стандардна, а другата блиндирана верзија. Димензиите на „кинг“ изнесуваат: шест метри должина, два и пол метри широчина и два и пол метри височина. Според димензиите, може да се заклучи дека возилото скоро и невозможно е да се користи за секојдневна употреба. Неговата големина и моќ укажува дека овој тип возило е наменето за сигурносни потреби и за пренесување ВИП-личности. Производителите велат дека возилото може да работи на температури во опсег од -40 степени до 90 степени Целзиусови. А со тоа се открива вистинската цел на „карлман кинг“, пренесување патници низ пустина и други екстремни средини во комплетен луксуз.

Најголемата брзина што може да ја постигне „кинг“ е 140 километри на час. Поради неговата тежина тој не постигнува големи брзини. Возилото е опремено со сателитска телевизија и специјален ладилник што е наменет за шампањ. Постои можност да се вгради „плејстејшн 4“, а исто така во возилото постојат голем број електрични потпирачи за рака. Декорацијата на ентериерот треба да се види за да се поверува дека такво нешто воопшто постои. Најдобриот опис за внатрешноста е дека изгледа како кабина на вселенски брод на галактички шеик. Ентериерот се одликува со разни шеми на бои, во комбинација од светлосен дизајн на ноќното небо што се наоѓа на таванот на автомобилот придружен со лед-осветлување во боја. Внатрешноста е изградена од фини детали што го прават возилото луксузно. Тие фини детали и начинот на кој е дизајнирана внатрешноста, даваат едно уникатно искуство при возење на возилото. Кога се седи на задните седишта се добива ефект како да се наоѓате во вселената. За сите оние што сакаат повеќе, компанијата нуди опција на возило, со шест седишта и шест врати.

Тимот на Карлман тврди дека се обидувал да направи патнички возило со внатрешност и надворешност, кои ќе потсетуваат на црниот бомбардер „ф-117“. Она што тие го постигнаа е дизајн што добро го репрезентира „ф-117“. Аголниот изглед и црната боја на надворешниот дел од возилото го доловуваат тој ефект. Од компанијата велат дека „карлман кинг“ е лимитирана верзија и ќе бидат произведени само 12 вакви возила. Можно е само толку луѓе да има на планетава што ќе можат да си овозможат возило од 2,2 милиони долари.

[email protected]