Најмногу рисови има во националниот парк Маврово

2058
Фото: Горан Анастасовски

Освен во Маврово, рисовите шетаат и низ Јасен, Пелистер, Јабланица и Стогово, бидејќи овие ретки животни претпочитаат планински терени со шумска вегетација

Балканскиот рис сѐ уште е критично загрозен. Станува збор за околу 50 возрасни единки во целиот Југозападен Балкан. Во Македонија има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична.
– Се поставува и прашањето дали овие мали популации се конектирани или раздвоени, што дополнително би го загрозило нивниот опстанок од аспект на размножување во сродство. Во секој случај, нашите истражувања реализирани во националниот парк Маврово и околината се охрабрувачки и укажуваат на мал пораст на популацијата. Тоа е од огромно значење, бидејќи се работи за најзначајниот предел за балканскиот рис – нѐ информира Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Според него, на рисот му е потребна интегрална заштита: односно штитење на единките од ловокрадство, заштита на неговото живеалиште (преку прогласување нови заштитени подрачја) и на неговиот главен плен – срната и дивата коза, бидејќи не може да очекуваме присуство на рис доколку ги нема нив.

– Нашиот долгогодишен проект (Програма за закрепнување на балканскиот рис) ги зема предвид токму овие закани и работи на нивно спречување преку: мониторинг и истражување на неговата популација, вклучување ловџии во мониторингот и заштитата, а со тоа и издигање на нивната свест. Исто така се обидуваме да прогласиме нови заштитени подрачја (има иницијативи за нови национални паркови Шар Планина и Јабланица), мониторинг на срната и дивата коза, едукација на децата од селските средини за тоа каде живее рисот, работа на меѓународно ниво и подигање на статусот на заштита на балканскиот рис со различни директиви и конвенции за заштита, работа за подобрување на националното законодавство за лов и заштита на природата и многу други активности – нагласи Меловски.

Најмногу рисови има во националниот парк Маврово и во негова непосредна близина. Утврдено присуство има и на Јасен, Пелистер, Јабланица, Сува Гора, Челоица, Стогово, Караорман, во јужните делови на Шара, Илинска и Плакенска Планина, бидејќи овие ретки животни претпочитаат планински терени со шумска вегетација.

– Сметаме дека Шар Планина и Јабланица (а и дел од Јакупица) треба да имаат статус на национални паркови, додека, пак, превојот Буковиќ (кај Стража) и Суви Дол на Стогово треба да имаат помала категорија на заштита. Со ова би имало помало вознемирување на дивечот, би се намалило ловокрадството, подобро би се регулирала сечата на дрвја и би се намалил илегалниот лов на други животни што претставуваат плен на рисот – додава Меловски.

Главната пречка со која се соочува Македонското еколошко друштво е немањето слух на државата за преземање иницијативи за заштитени подрачја.

– Иницијативата за прогласување на Шара за национален парк е од 1997 година, а сепак ниту мали делови не се прогласени. Во нашата држава последниот национален парк бил прогласен во 1958 година – Галичица, а оттогаш се поминати 60 години без ниту едно подрачје да добие ваков статус на заштита. Освен тоа, потребно е веќе да се спроведуваат пропишаните закони за природа и ловство. Заштитата на природата, а со тоа и на биодиверзитетот, отсекогаш била последна грижа на извршната власт, време е да се промени тоа – објаснува Диме.

Во моментов членовите на МЕД се посветени на измените на Законот за лов и прават детална студија за тоа што би требало да се смени за да имаат бенефиција и ловџиите и дивечот.

– Планираме да организираме неколку работилници, на кои ќе ги поканиме сите засегнати страни и ќе дискутираме за можни промени и амандмани во законот. Паралелно работиме на студија за валоризација за Суви Дол, за да стане ново и многу значајно заштитено подрачје на Стогово. Вршиме мониторинг со помош на фотозамки на Пелистер и на Галичица, заедно со партнери од Грција и од Албанија. Оваа зима ќе продолжиме со истражувањето на територијалноста на рисот со помош на методот на радиотелеметрија – најави раководителот Меловски.