Најмногу награди за „Јами дистрикт“ на „Лица без маски“

826

Претставата „Јами дистрикт“, во режија на Кокан Младеновиќ, е добитник на гран при за најдобра претстава во целина на 11-от ИТФ „Лица без маски“. Жирито во состав: Нина Николиќ, режисер, Дарја Ризова, актерка, и Драгана Лукан Николовски, драматург, во образложението велат дека претставата е заокружен проект, во кој јасно се гледа соработката на целата авторска екипа. Занимавајќи се со проблемот на идентитетот во современите општества, особено на Балканот, таа отвора прашања што вечно остануваат неодговорени.

Претставата ја освои и наградата за најдобра режија на Кокан Младеновиќ, кој, според комисијата, успешно ги синхронизира мноштвото приказни и ликови, успевајќи да направи едноставни и совршено јасни премини во наративната линија. Ритамот на претставата прецизно го следи емоционалниот набој на приказната, со што во целост го задржува вниманието за време на целата претстава. Наградата за најдобро актерско остварување ѝ е доделена на актерката Нина Нешковиќ, од претставата „Јами дистрикт“, која низ спектар на различни актерски техники покажа исклучително моќна и прецизна актерска игра, со брзи и јасно видливи трансформации низ низа многубројни машки и женски ликови, истовремено задржувајќи ја енергијата на играта од почетокот до крајот на претставата.

Жирито одлучи да ѝ додели и награда за оригинален концепт за претставата „Арктик“, во продукција на шпанскиот независен театар „Понтен Пие“, која на оригинален начин ја воведува публиката во еден сосема нов простор, предизвикувајќи несекојдневно сетилно доживување. Поради ова, гледачот станува учесник во магичното, поетично дејство, кое без ниту еден збор успева да раскаже потресна вистинита општочовечка приказна.