„Најжешкото“ скопско лето

361

По доаѓањето од Пелистер во Вардар, Трајановски налета на жешкото скопско лето на кое тешко се адаптираше. Тој заигра во првиот тим, го постигна и оној прекрасен гол против нишки Раднички, но поради здравствените проблеми за миг дојде до прекинување на кариерата. Вториот период во Вардар, пак, ќе биде запаметен и по одиграните 72 натпревара во континуитет. Доктор Вучидолов е најзаслужен за неговото успешно враќање на зелениот терен

ТОМЧЕ ТРАЈАНОВСКИ (2)

На еден од најталентираните македонски фудбалери, кој веднаш ги освои симпатиите на гледачите, Томче Трајановски, доаѓањето во Вардар му донесе многу радост, но и разочарувања. Откако дојде од битолски Пелистер и со скопскиот тим заигра во Првата југословенска лига во натпреварувачката сезона 1981/82 и откако го постигна оној историски гол со Раднички кога буквално го помина целиот гостински тим и го совлада репрезентативниот голман Пантелиќ, почнаа неговите неволји.

– Во есенскиот дел од првенството имав неколку добри игри, кои придонесоа да се најдам и на поширокиот список на репрезентацијата на поранешната држава, која требаше да учествува на Светското првенство во Шпанија. Тогаш селектор беше Милјан Милјаниќ, кој покрај мене од Вардар и тоа во потесниот список на репрезентативци го имаше нотирано и Васил Рингов. Но кога требаше да дојдат до полн израз моите квалитети, се случија многу работи што беа причина за стопирање на мојот развој. Првите знаци на она што подоцна претстоеше во мојот не само спортски, туку воопшто живот, ги почувствував уште во првото лето по доаѓањето во Вардар.

Тешко ги поднесував тренинзите, брзо се заморував и почувствував дека нешто се случува во мојот организам. Тоа беше моето „најжешко“ лето во животот. Но тренерот Вишњевац ми даваше кураж и постојано ме бодреше – вели Трајановски. Во есенскиот дел од првенството Трајановски блесна и стана стандарден во првиот тим. Тоа беше оној период кога се најде и на списокот на селекторот на репрезентацијата. Меѓутоа, човек никогаш не може да ја предвиди својата судбина, па кога мисли дека работите се дојдени на место, се случува нешто што ќе го попречи остварувањето на сонот. Тоа се случи и со Томче, кој наместо да се вивне во фудбалскиот врв, мораше подолг период да помине во лекување.

ОДДАЛЕЧЕН ОД ФУДБАЛСКИОТ ТЕРЕН

На зимските подготовки во Крушево, по она скопско жешко лето, дојдоа вистинските проблеми. Трајановски тешко ги издржуваше тренинзите и мораше да ги напушти подготовките. Така, наместо да акумулира сила за пролетта, кога се очекуваше да блесне и да стане еден од главните играчи за врска на Вардар, зашто таа позиција најмногу му одговараше, тој зелениот терен го замени со болничка постела. Доби едно тешко воспаление на градниот кош, за чие лекување беше потребен еден подолг период.

– Тоа беа најтешките мигови во мојот живот. Многу бев разочаран, помислив дека е готово со фудбалот. Тогаш Вардар многу ми помогна. Луѓето од клубот постојано беа во контакт со лекарите, а сето тоа како да ми даваше некоја сила да издржам и да не дозволам болеста да ги скрши моите идеали. Така, по неколку месечно лекување, излегов од болница и повторно му се вратив на фудбалот. Одеше тешко, но знаев дека морам да издржам. Едноставно не сакав да ги разочарам оние што толку многу сторија за подобрување на мојата здравствена состојба, а и навивачите што сакаа што побрзо да ме видат на теренот – вели Трајановски. Трајановски тренираше, но последиците од прележаната болест се чувствуваа, па тешко се вклопуваше во напорните тренинзи. Тогаш, и покрај големата желба да остане во фудбалот, во главата му се вртеа многу други работи врзани за неговата иднина.

– Затоа, во тој период кога се создаваше оној силен Вардар и кога на површината изби Дарко Панчев, кој стана вистински бисер на македонскиот фудбал, јас не можејќи да го следам напорното темпо што го бараше тренажниот процес решив да продолжам со моето школување за да обезбедам некаква иднина. Се запишав и ја завршив Педагошката академија, но од фудбалот не се откажував. Едноставно, не можев да живеам без него, а и силата како да ми се враќаше. Верував во себе и знаев дека повторно ќе дојде моето време – рече тој.

ВУЧИДОЛОВ НАЈЗАСЛУЖЕН ЗА ВРАЌАЊЕТО

Трајановски повторно е на теренот, но стравот е присутен и тој тренинг не е со полн интензитет. Мораше да внимава и полека да ја акумулира силата за да не дојде до нов потрес во организмот. Во тој поглед и тренерите многу внимаваа, прво Вишњевац, потоа и Илија Димоски.

– Сепак решавачка беше средбата со спортскиот лекар д-р Милош Вучидолов, кој во тој период комплетно беше посветен на борачите, но ги советуваше и им помагаше и на другите спортисти. Така, при таа средба, тој се интересираше што всушност се случува со мене. Му ја опишав сета ситуација, а тој ми рече: „Отсега ќе ме слушаш мене и ќе ги земаш овие витамини“. И замислете уште на првите тренинзи, откако почнав со употребата на медикаментите од доктор Вучидолов се почувствував многу посилен. Полека, но сигурно се враќав во форма, кондициски се чувствував добро и по една пауза од речиси две години, благодарејќи на големата упорност и лекарствата од Вучидолов, се вратив во тимот. Имав среќа да играм и во првото учество на Вардар во Купот на УЕФА, во оние мечеви со Динамо од Букурешт и со Данди јунајтед од Шкотска – вели Трајановски. Така продолжи фудбалскиот живот на Томче Трајановски, кој иако имаше помала минутажа потсетуваше на оние стари времиња, кога првпат го облече дресот на Вардар.

Играв и во есенскиот дел од првенството во 1987 година, кога Вардар под водството на Андон Дончевски стана шампион на Југославија. Потоа морав да заминам во војска, па, така, не можев докрај да ја доиграм таа шампионска сезона. Но, сепак, барем во еден период бев дел од тој тим – вели тој.

ОДИГРАНИ 72 СРЕДБИ ВО КОНТИНУИТЕТ

Колкави беа настојчивоста и желбата на Трајановски да го презентира сето она фудбалско што го има говори уште еден податок. Откако се врати од војска, тој набрзо влезе во форма и одигра дури 72 средби во континуитет за Вардар, во тогашната Прва југословенска лига.

– Жал ми е што во тој период, по моето враќање од ЈНА и освоената титула во шампионатот на Југославија, Вардар почна да се растура. Многу од фудбалерите, Панчев, Најдоски, Савевски, Георгиевски, Јаневски, подоцна Канатларовски и Станојковиќ, заминаа во други клубови, некои и во странство, па тоа беше причината што Вардар загуби многу во квалитет. Местата на квалитетните фудбалери, кои го напуштија клубот, ги зазедоа млади играчи на кои им беше потребно време да созреат и да бидат адекватна замена на оние што заминаа. Но тоа беше период кога и во поранешната држава имаше многу превирања, кои влијаеја на севкупниот живот, па нормално и во спортот – вели тој.

Вардар остана само бледа сенка од оној шампионски тим, па дури и испадна од Првата лига. Со оглед на тоа што дојде до брза консолидација, благодарејќи на една плејада играчи, која се наметнуваше уште од поодамна, а сега беше предводена од Ѓоко Хаџиевски веднаш се врати во Првата лига. – Но тоа беа моменти кога веќе наголемо се насетуваше пропаѓањето на поранешната држава, што имаше свој одраз и на психата на спортистите. Многумина се прашуваа што понатаму? Јас во тие моменти решив да ѝ ставам крај на кариерата – рече Трајановски. Меѓутоа, како што често се случува, кога човек мисли дека е крај на кариерата, како да доаѓа нов почеток. Така се случи и со Томче Трајановски.

– По распадот сите републики од поранешна Југославија формираа свои лиги во сите спортови. Така беше формирана и Македонската лига во која се вклучија сите тимови што во претходните години се натпреваруваа во Првата и во Втората југословенска лига, а и некои што беа стандардни во републичката лига. Еден од тие тимови беше и Македонија од Ѓорче Петров, во која тренер беше мојот клупски другар од Вардар, за жал, сега покоен Перица Груевски. По негово инсистирање, за да им помогнам и нему и на клубот, повторно се активирав и заиграв за Македонија – вели Трајановски. Во новата средина, благодарејќи на знаењето и на искуството што го имаше стана практично лидер на тимот. Томче одигра две сезони за ѓорчепетровци, за на крајот од кариерата да му организираат спектакуларен проштален натпревар. Луѓето знаеја да го ценат она што го даде Трајановски играјќи за нивниот клуб, па така на еден достоинствен начин сакаа да му се заблагодарат.

– Но, тука не беше крајот. Ми беше малку непријатно, но поради гестот што претходно го направија кон мене, по извесно време, иако веќе официјално му кажав збогум на активното играње, повторно, овој пат по инсистирање од Зоран Стратев, кој застана на кормилото на ФК Македонија се вратив на теренот. Одиграв што се вели колку што можам да му помогнам на тимот во прволигашките натпревари. Потоа, откако мојата втора мисија во Ѓорче Петров заврши, дефинитивно дојде крајот на кариерата – вели Трајановски. Тоа беше крај на една, но почеток на друга активност во фудбалот. Трајановски не можеше да се раздели од зелениот терен и заплови во тренерските води.

– Прво му бев помошник на Лазар Плачков. Се сеќавам на тој период кон крајот на минатиот век, кога од Лисиче до Ѓорче секојдневно одев со велосипед на тренинг – вели Трајановски. Потоа Трајановски станува и секретар на фудбалската репрезентација на Македонија.

– Тоа се случи во 2001 година кога Ѓоре Јовановски дојде за селектор. Хендикепиран бев што не знаев англиски, а бев на таква позиција што бараше постојана комуникација со колегите од другите федерации, па тоа ми причинуваше голем проблем. Секогаш морав крај себе да имам преведувач. Од тој период го паметам квалификацискиот натпревар со Турција, кога во Бурса трипати водевме, за на крајот мечот да заврши 3-3. Тогаш заигра Пандев, па ете и по тоа ја меморирав таа средба – рече Трајановски. Контактот со репрезентацијата продолжи и потоа, но овој пат како тренер на младата репрезентација, на која селектор беше Жарко Оџаков. – Тогаш нашиот млад тим беше блиску до пласман во завршницата на Европското првенство, но за малку не успеавме. Од тие средби најмногу ја паметам онаа со Португалија на гости кога загубивме со 0-1. За Португалците тогаш настапуваа Роналдо и Кварезма – вели Трајановски. Трајановски потоа работи заедно со Борче Мицевски, како помошник на Ѓоре Јовановски. Вардаровата тројка беше многу успешна на домашната сцена.

– Со екипата на Работнички, како помошник-тренер на Јовановски, имам освоено три титули државен првак и еден Куп на Македонија. Бевме тренери на Милано од Куманово и на Металург. Откако Јовановски замина од Автокоманда, јас уште три години останав како секретар на клубот. Сега своите знаења им ги пренесувам на младите фудбалери во Академијата на ФК Вардар. Ова ми причинува големо задоволство, зашто работам во една организирана средина заедно со поранешните клупски другари од оние убави денови на ФК Вардар – вели Трајановски.

Тоа беше навраќање на кариерата на еден од најголемите македонски фудбалски таленти, кој и покрај многубројните малери што го следеа му остана верен на фудбалот.